Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Хашката конференција за меѓународно приватно право (HCCH) – универзална компонента на прекуграничната соработка во граѓанската материја на Европската Унија

Пишува Доц. Д-р Илија Руменов

Доцент на катедрата за Меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Ретко која меѓународна организација има толку влијание во фузионирањето и развојот на една правна наука како што тоа го прави Хашката конференција за меѓународно приватно право (HCCH) за меѓународното приватно право. Денеска сме сведоци на едни нови предизвици пред кои се наоѓа меѓународното приватно право, а кои се предизвикани од зголемените надлежности што Европската унија ги има во овој сегмент. Неизбежно е прашањето, каква е иднината на Хашката конференција за МПП наспроти оваа позиција на ЕУ во сегментот на МПП, можат ли двете заедно да коегзистираат и соработуваат или пак меѓусебната интерференција во надлежностите го загрозува постоењето на Хашката конференција за МПП ?

Основните слободи на Европската унија, неминовно со себе ја носат потребата од правно уредување на граѓанско правните и граѓанско процесно правните односи каде што се јавува прекуграничен елемент (judicial cooperation in civil matters) од страна на ЕУ.  Овие правни аспекти се опфатени со Поглавјето 24 и директно влијаат во зголементата економска и правна соработка на државите и претставуваат еден од основите за развој на „взаемната доверба“ помеѓу државите членки на ЕУ. Ваквата димензија на ЕУ ја создало потребата од пренесување на надлежностите од сегментот на меѓународното приватно право од државите членки на самата унија. Таквата можност се остварува со донесувањето на Договорот од Амстердам. Оваа етапа означува преземање на надлежностите од доменот на меѓународното приватно право од страна на Европската заедница (прв столб). Со Договорот за функционирањето на Европската унија проблематиката на меѓународното приватно право се позиционира како дел од надлежностите на самата унија. Во рамките на овие надлежности, ЕУ има донесено преку 20 Регулативи и Директиви со кои се уредуваат најразлични аспекти од прекуграничната соработка во граѓанската материја како што се определувањето на меѓународната надлежност, судирот на законите, признавањето и извршувањето на судските одлуки, судската соработка, прекуграничната достава, како и други поврзани аспекти на меѓународното приватно право. Со право може да се каже дека имплементирањето и гарантирањето на основните слободи на ЕУ во сегментот на граѓанската материја се реализира преку овие инструменти.

Со одлуката на Европскиот Совет 2006/719 за пристапување на Европската заедница кон Хашката Конференција, на 3 април 2007 година, Европската Унија стана 66-та членка на Хашката конференција за меѓународно приватно право и нејзина прва членка во форматот на „регионална организација за економска интеграција“. Па така, со пристапувањето на ЕУ како рамноправна членка на Хашката конференција за меѓународно приватно право се затвори едно прашање за иднината на оваа значајна меѓународна организација задолжена за прогресивна унификација на меѓународното приватно право. Структуралната поставеност предвидена со променетиот Статут на Хашката конференција гарантира рамноправност на сите членки вклучително и регионалните организации за економска интеграција. На тој начин се реши прашањето на поделба на надлежностите на државите членки и на ЕУ и со тоа се овозможува продолжување на работата на Хашката конференција за МПП без притоа да се наруши нејзината универзалност.

Универзалноста е и еден од основните мотиви на Европската унија да биде членка на Хашката конференција. Со членството се отвара патот кон учество во многу идни конвенции кои ќе ги надминат регионалните рамки на ЕУ. Искуството од последните конвенции, во чија подготовка значајна улога имаше и ЕУ, дозволува да се заклучи дека партнерството и универзалноста на Хашката конференција може да се гарантираат. Од друга страна искуството со Хашката конвенција за меѓународна наплата на детска издршка и други форми на семејна издршка, од 23.11.2007 година како и нејзиниот Протокол, на ЕУ и овозможуваат поголем маневарски простор во решавањето на внатрешните судири при донесувањето на Регулативите, а кои се појавуваат поради диверзитетот на правните системи и различните културолошки прилики. Последниот производ на Хашката конференција во чија подготовка, активно учествуваше и Европската унија претставува  Хашката конвенција за признавање и извршвуање на странски судски пресуди во граѓанските или трговски работи од 2019 година која во себе го содржи потенцијалот да биде една од најуспешните конвенции и мост помеѓу истокот, западот северот и југот. На овој начин основната цел на Хашката конференција за МПП се остварува и има влијание и во самата ЕУ, во оние ситуации каде постои различна политичка волја и различни гледишта по определени прашања. Оттука слободно може да се заклучи дека Хашката конференција за МПП претставува значаен форум каде се развива идното меѓународно приватно право, но и место што ќе претставува врска помеѓу ЕУ и остатокот на светот.

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

19/03/2021