Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Извештај на Европол: Влијанието на Ковид-19 врз организираниот криминал во Европа

 

Во екот на вториот бран на вирусот корона, Европол го објави својот извештај насочен кон ефектите што ги има Ковид-19 врз организираниот криминал во Европа. Овој документ ги разгледува клучните развои во криминалот и на тероризмот од почетокот на пандемијата. Најпогодените области на криминална активност вклучуваат: компјутерски криминал, недозволено снабдување со фалсификувана и супстандардна стока, како и разни видови измами, често поврзани со организиран криминал насочен кон имот.

 

Влијанието на пандемијата врз организираните криминални групи

Според извештајот, се чини дека активностите спроведени од страна на организираните криминални групи (ОКГ) се  интензивираат. Како пример, насилството меѓу ОКГ се зголемува, што укажува на проширување на територијата и на криминалните дејности од страна на овие криминални групи за време на пандемијата. Европол забележа дека индивидуите и ОКГ беа брзи да ја експлоатираат кризата настаната од Ковид-19. Тие ги адаптираа своите дејности и начинот на работа кон новата ситуација.

 

Продажба на фалсификувана и супстандардна стока

Дистрибуцијата на фалсификувана и супстандардна стока е една од клучните криминални активности за време на пандемијата. Со почетокот на пандемијата, побарувачката за здравствени производи и санитарни производи (маски, ракавици, средства за чистење, средства за дезинфекција на рацете), како и опрема за лична заштита, значително се зголеми.

Дополнително, има значително зголемување на продажбата на супстандардни маски поради нивната задолжителна употреба на јавните простори и во јавниот превоз во некои од земјите членки на ЕУ. Овие производи најчесто пристигнуваат во Европа преку Кина, Малезија, Сингапур и преку Турција. Во август 2020 година европските царински агенции пресретнаа, запленија или вратија повеќе од 8,5 милиони маски без СЕ-сертификација. Трговијата со инфрацрвени термометри и гел за дезинфекција на рацете се зголемува.

Нелегалната продажба на такви производи значително се зголеми и преку интернет, преку разни онлајн-платформи и таквите шеми за измама се насочени кон поединци, компании, аптеки и лекари.

 

Сајбер-криминал

 

Како и обично, Европол забележа дека криминалците од областа сајбер-безбедност беа особено брзи во приспособувањето кон кризата со Ковид-19 и ги искористија тековните настани за да ја зголемат веројатноста за заразување жртви што бараат информации за вирусот на интернет. За таа цел тие ја искористија зголемената вознемиреност на поединците и побарувачката за информации за да таргетираат индивидуи. Од почетокот на пандемијата е забележано нагло зголемување на регистрирање домени (УРЛ) што го користат зборот „корона“ или „ковид“. Некои од почестите сајбер-напади се преку праќање фишинг-мејлови, кои имаат цел да собираат доверливи информации, како и преку дистрибуција на малвер (штетен софтвер) и малициозни апликации.

Еден од најголемите проблеми забележани во овој извештај е сексуалната експлоатација на децата или ширењето на CSAM  (child sexual abuse material) онлајн. Со оглед на тоа што децата поминуваат повеќе време на интернет поради различните рестрикции воведени од страна на владите поради пандемијата, зголемена е и побарувачката за CSAM, што претставува значителна закана. Иако е приоритет на полицијата, се појавија тешкотии да се измери сериозноста на заканата. Исто така, Европол има добиено извештаи дека малолетни лица биле мета на порнографија за време на хакирани разговори преку Zoom. Обидите за најави на блокирани страници за детска порнографија, исто така, се зголемија.

Организиран криминал насочен кон имот

Додека бројот на домашни кражби се намали по воведувањето на рестрикциите поради Ковид-19, со отпуштањето и намалувањето на мерките овие криминални дејности повторно се во пораст. Медицинските установи и аптеките се главна мета, бидејќи таму може да се најде медицинска опрема, санитарни и фармацевтски производи, кои беа многу барани низ целата Европска Унија. Покрај кражбата во продавници, има и зголемен број пријавени кражби на ненаселени комерцијални места и камиони. Физичките напади на банкомати продолжија да се случуваат и покрај мерките за самоизолација.

За повеќе информации можете да го преземете целосниот извештај овде.

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

30/11/2020