Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Не постои друго решение или ова не е решение? Кон доминантните политички наративи во македонско-бугарскиот спор

Aвтор: Кире Василев, политиколог

Сите се согласни дека решавањето на отворените прашања со соседите ќе го подобри регионалниот политички-економски развој и ќе придонесе кон стабилноста и мирот. Бар во основа сите веруваат во ова. А сепак, во последните неколку години се чини дека главното политичко прашање кое се наметнува и создава општествена поделеност се македонско-бугарските односи и макотрпниот процес на надминување на несогласувањата меѓу соседите. Растечкиот впечаток на безизлезност и залудност на иницијативите за подобра соработка кај јавноста сѐ повеќе го наметнува прашањето дали, кога и на каков начин Република Северна Македонија треба да води преговори со Република Бугарија, но и генерално  со другите соседни држави. Притоа, се чини дека доминантните политички партии не можат да постигнат согласност по точките од преговарачката рамка, особено по таканаречениот француски предлог. Дел од нив сметаат дека тој е уште еден од надворешните удари врз историјата и државноста, а други, пак, сметаат дека компромисот е прифатлив бидејќи патот кон европската интеграција и развојот е единствената алтернатива за Република Северна Македонија.

Ваквите позиции се дел од спротивставени наративи кои не се својствени само за овој регионален конфликт или за внатрешните политики на Балканските земји. Напротив, спротивставеноста на „заштита на создаденото“ и „неизбежниот пат кон развојот“ може да се препознае во внатрешната политика на многу земји, како и во многу меѓународни конфликти вклучувајќи ја и воената агресија на Русија врз Украина. Токму за да ја разработи руската внатрешна и надворешна политика како и нејзиниот сооднос со САД, Европа и особено со Украина во изминатите децении, американскиот историчар Тимоти Снајдер во својата книга Патот кон неслободата ги групира ваквите позициите во два доминантни политички наративи кои можат да се препознаат и во локалниот контекст. Политиката на неизбежност и политиката на бесконечност или двата наративи со кои оперира во своето истражување, можат да ни помогнат за да ги разбереме поединечните позиционирања кон македонско-бугарското прашање, како и начинот на кој едната и другата страна го перципира „другиот“ во рамките на одредениот наратив. Но, пред сѐ, аплицирањето на оваа навидум едноставна бинарна поделеност кај Снајдер врз бугарско-македонските однос нѐ води кон значајни заклучоци околу генералниот однос кон поновата Европска историја која се чини како горчлива траума која избила на површината и го тресе тлото не само на Балканот, туку и на поголемиот дел од континентот.

Политика на неизбежност и политика на бесконечност

При поставувањето на двата централни наративи со кои ќе оперира во своето истражување, не нѐ зачудува што Снајдер генерално ја поврзува политиката на неизбежност со таканаречениот „западен свет“, а пак, таканаречениот „источен“ со политиката на бесконечност. Идејата на Фукујама за „крајот на историјата“ може да се прифати како детерминанта на западниот свет во последните неколку декади. По победата на либералната демократија на крајот од Студената војна ова политичко уверување ја потврдува својата супериорност и се наметнува како единствена политичка иднина. Според Снајдер таа се материјализира во наративот на политиката на неизбежност која дава одреден план за спроведување на јасно одредени развојни програми како и за добро институционално поставување на сегашноста. Во американско-капиталистичката верзија, природата го донесе пазарот, пазарот ја донесе демократијата, а демократијата ја донесе среќата. Во европската верзија, историјата ја создаде нацијата, која преку војна научи дека мирот е добар, а тоа нé насочи кон патот на интеграцијата и просперитетот. Секако, според Снајдер ваквата политика може да се препознае и во наративите на некои од прогресивните социјалистички и комунистички струи и режими. Крајната цел лежи далеку на хоризонтот на иднината, а целта е да се изоди макотрпниот, но и неизбежен пат до неа.

Наместо линеарен прогрес, пак, политиката на бесконечноста ја доживува својата крајна цел како реализирана и затоа се занимава со презервација на постоечкото. Во овој случај, времето не е линеарна форма која води кон подобра иднина, туку е круг на бескрајно навраќање на опасностите од минатото. Во политиката на неизбежноста, никој не е виновен затоа што иднината ги пегла деталите и прави добро за сите. Во политиката на бесконечноста, пак, никој не е виновен бидејќи непријателот доаѓа повторно однадвор. За разлика од политичарите на неизбежноста, политичарите на бесконечноста шират убедувања дека владата ултимативно не може да го подобри општеството, напротив прогресот може да биде дури и погубен, но она што овие политичари можат да направат е да го одбранат општеството од надворешната закана.

Однос кон историски факти

Иако овие карактеристики на двете политики се доволни за да се препознаат во локалните политики вмешани во македонско-бугарскиот конфликт, клучни се чинат нивните стилови на преведување на историските факти во конкретни идеолошки наративи кои се користат алудирајќи на проблеми на сегашноста. Оние кои ја застапуваат неизбежноста ги гледаат фактите како дел од мозаикот на целокупниот прогрес, а оние кои ја застапуваат бесконечноста го класифицираат секој нов настан како уште еден пример за постојаната надворешна закана. Политичарите на неизбежноста ја подучуваат јавноста дека спецификите на минатото не се толку значајни: сѐ што се случило е само дел од прогресот. Од друга страна, пак, политичарите на бесконечноста скокаат од векови во декади, од еден историски момент во друг, за да го изградат митот на честитоста на својата нација и да ја исцртаат опасноста која сака да ја загрози нејзината невиност.

Јасно е дека доколку се водени од различни сфаќања за историјата, двата наративи ќе имаат и свои карактеристични стилови на пропаганда во сегашноста и за иднината. Политичарите на неизбежноста спинуваат факти за да прикажат благосостојба, а политичарите на бесконечноста кријат факти со цел да ја отфрлат реалноста дека луѓето во други држави се послободни и побогати и дека со реформи кои се базирана врз емпириско знаење може да направат исчекор кон прогрес. При кризи, политиката на неизбежност реагира со тоа што ги убедува граѓаните дека сѐ ќе биде во ред, за разлика од политиката на бесконечност која во време на криза пропагира дека сѐ е лошо и ништо не може да се направи.

Пропагандни механизми

Говорите, кампањите и стилот на преговорите на припадниците на македонските политички партии во поглед на односите со Република Бугарија даваат јасни индикатори за присутноста на токму ваквите наративи на македонската политичка сцена. Овие можат одлично да се анализираат врз база на реакциите околу францускиот договор кој јасно ја подели не само јавноста, туку и политичката сцена во поддржувачи на бесконечниот или на неизбежниот наратив. Политичарите на ВМРО-ДПМНЕ како и на Левица јасно ја остваруваат политиката на бесконечноста. Тие инсистираат дека договорот е склучен без консултација со јавноста и дека, генерално, надворешните вмешувања се непријателски настроени кон интегритетот на државата. Интеракцијата со надворешни субјекти се доживува како закана, а секој оној кој не го доживува ова на ист начин е предавник. Од друга страна, политиката на неизбежност која ја води СДСМ и ДУИ го поддржува договорот и веруваат дека тој ќе донесе економски и политички бенефит за државата. Тие тврдат дека договорот не го загрозува суверенитетот и националниот интегритет и дека со решавање на спорните точки ќе се решат отворените прашања кои пречат во прогресот. Со ваквите постапки, тие ја убедуваат јавноста дека прават чекор напред кон Европските интеграции и просперитет.

Притоа се чини дека во македонскиот контекст политичкиот наратив на неизбежноста е помалку разработен и не ги исцрпува сите пропагандни механизми и елементи кои му стојат на располагање што буди недоверба кај граѓаните не само кон политичарите туку и во самата политика која тие ја застапуваат. Од друга страна, пак, далеку поприсутната политика на бесконечност оперира на сите полиња, но особено на полето на историјата. Така таа одлично се покажа и за време на дебатата за бугарските клубови во Охрид и Битола кои носат имиња на контроверзни личности од историјата. Скокањето од векови во декади се прикажа со наметнување на поларизацијата фашисти наспроти антифашисти која беше поткрепена и од пропагандни механизми карактеристични за оваа политика. Една од овие механизми беше повикувањето на историски настани од Втората Светска војна по устен или сликовит приказ со цел да се илустрира бугарската фашистичка агресија на територијата на Македонија и истиот да се поврзе со современи политички актери, а потоа и со цела нација. Антагонизмот помеѓу херои и предавници кој непрекинато се форсира на безброј полиња е зајакнат од конкретни личности кои се појавуваат како современи актери во стари улоги: додека пироманите и тепачите се денешните херои, актуелната власт и нејзините приврзаници фигурираат, се разбира, како оние кои „ја продале државата“.

Фашистот, тоа е другиот

Антагонизмот составен од херои и предавници се разбира дека лесно и често се преведува во познатиот и веќе споменатиот антагонизам на антифашистот и фашистот. Инсистирањето на ваквите етикети меѓутоа играат поголема улога за политиката на бесконечност отколку само моментален драматичен гест на фатализам, и тоа токму во насока на етаблирање на сопствената позиција како позиција на апсолутна жртва. Со тоа се отфрла политичкиот плурализам и фактот дека секоја нација е сочинета од различни политичко-идеолошки групи, а секој оној кој се спротивставува на ваквиот начин на размислување се става во позиција на внатрешен непријател. За ова ќе се послужиме уште еднаш со терминологијата на Снајдер, овој пат со поимот шизофашизам. Поаѓајќи од настани од минатото и идентификувајќи се пренагласено со сопствените предци, шизофашистот е бесконечно во позиција на жртва која треба да се брани од опресорот. Но токму најважното во ваквата констелација не е неговата пренагласена идентификација со антифашизмот туку исклучувањето на било каква можност да пронајде фашистички елементи кај  себеси. На ваков начин се отвора пат за политички актери кои од една страна парадираат со слики од опустошените македонски села во Втората Светска војна, а од друга страна говорат за „чист јазик“ и „чиста нација“.

Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.

01/02/2023