Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Новата влада планира да отвори преговори за 80% од поглавјата

„Владата на Република Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80% од поглавијата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ“, стои во програмата на Владата  за периодот 2020-2024 година.

Ова го потврди и премиерот Зоран Заев на брифингот со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во државава, одржан на 3 септември 2020.

„Овој мандат ќе биде посветен на темелни реформи во целото општество. Свесни сме за предизвиците кои корона-кризата ги носи, но сепак ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градење нова трансформирана економија, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандард на сите категории граѓани во нашата земја“, изјави Заев.

Владата ветува дека со отворањето на преговорите за членство, државата ќе почне со најдлабока трансформација на општеството и постепено, но темелно и одржливо прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Се обврзува трансформацијата да биде ефикасна и успешна, а воедно во неа да се заштити интересот како држава, интересот на економијата и на граѓаните.

За таа цел, стои во програмата, ќе се воспостави „мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура“, широк консензус меѓу политичките партии, но и пошироко во општеството околу суштинските реформи за пристапување кон ЕУ, база на податоци на сите домашни експерти и стручни лица од дијаспората кои активно ќе бидат вклучени во работните групи за преговори.

Владата најавува и дека ќе создаде услови за подобро инфраструктурното поврзување со Брисел, а ќе ја разгледа можноста за потпишување стратешко партнерство со европски авиопревозник за воспоставување директна, редовна линија со Брисел. Ќе се направи посебна буџетска програма за преговори со ЕУ во буџетите на министерствата и други надлежни институции, а во консултации со универзитетите ќе поддржи нови или прилагодени образовни програми кои ќе градат кадри за потребите на државата во европските институции.

Преговорите за членство ќе ги опфатат сите – владата, администрацијата, собранието, регулаторите, граѓанскиот сектор, академската заедница, деловниот свет.

До крајот на 2020 година, ЕУ ќе подготви робустен економски и инвестициски план за Западен Балкан за закрепнување на економиите и подобрување на конкурентноста. За таа цел, Владата ветува дека сите фондови без разлика на областа во која се насочуваат ќе бидат искористени за зајакнување и реформа на институциите и политиките, за унапредување на дијалогот со сите чинители и ќе се мери нивното влијание врз социјалната инклузија, родова еднаквост, заштита на човекови права и заштита на животна средина и оти фондовите ќе ги приближи до граѓаните.

Владата, исто така, ветува дека ќе вложува во човечкиот капитал во институциите и надвор од нив за подготовка на зрели проекти кои ќе се финансираат преку ИПА 3 и подготовка на земјата за што поуспешно искористување на големите европски структурни и кохезивни фондови.

Во план е и создавање национален стратегиски документ за билатерална помош, како што постои национален стратегиски документ за европската помош; буџетска линија за преговори и развој на политики; гарантен фонд за кофинасирање на проекти и помош при развивање на квалитетни и зрели ЕУ проекти, поддршка преку ваучер-шеми и рамковни консултанти – изработката на проекти е комерцијална дејност, заради што ќе се поттикне поединци и претпријатија да почнат да се занимаваат со овој бизнис и развој на таканаречениот ваучер-систем. Ваучер-системот ќе биде достапен и за други целни групи, како што се земјоделците при развојот на проекти од ИПАРД програмата, образовните институции за програмата Еразмус+.

Ќе се формира и гарантен фонд за кофинасирање проекти и поврзување со статус од јавен интерес, а секоја организација која ќе привлече европски средства, ќе добие кофинансирање и ќе се стекне со статусот „организација од јавен интерес“.

Во програмата се посветува внимание и на билатералните односи, преку развивање на регионалната соработка. Примарен интерес на земјава во регионалната соработка е да се развиваат практични мерки што ќе им го олеснат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан.

04/09/2020