Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

БЕСПЛАТНИ ДВОЧАСОВНИ ВЕБИНАРИ ЗА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

Повик за учество на информативни сесии за НОВИНАРИ за демистификација на претпристапните преговори со ЕУ и новата преговарачка методологија.
Ако сакате да дознаете повеќе за процесот на ЕУ преговори и што носи новата преговарачка методологија, пријавете се на повикот на следниот линк:

Бесплатни двочасовни вебинари за преговорите со ЕУ

Повик за учество на информативни сесии за граѓанските организации и заинтересирани граѓани за демистификација на претпристапните преговори со ЕУ и новата преговарачка методологија

Ако сакате да дознаете повеќе за процесот на ЕУ преговори и што носи новата преговарачка методологија, пријавете се на повикот.

ШТО НУДИМЕ

  • Информативни сесии кои се осмислени да ги информираат граѓанските организации во однос на ЕУ интеграциите.
  • Зголемување на способностите на граѓанските организации да ги разберат основите на пристапните преговори и новата преговарачка методологија на ЕУ.
  • Охрабрување на учесниците да го зголемат опфатот на ЕУ со практичен пристап за идентификување на релевантни елементи и извори на информации, податоци и видеа.
  • Пријавените граѓански активисти и граѓани ќе учат од искусни експерти за ЕУ интеграции.

НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Пријавите се праќаат по електронски пат на info@eurothink.mk со назнака:  Повик за учество на информативни сесии за граѓански организации. Во пријавата да се наведе име, презиме, контакт e-mail, организација и сесијата на која би сакале да ја проследите (утринска или попладневна). Рок за пријавување: 18 октомври до 12:00 часот.

Програма

Утринска сесија:

 

11.00 – 11.15  Вовед и презентација на ресурсната платформа eu.org.mk

11.15 – 12.15    Што треба да знаеме за преговорите за членство во ЕУ?

12.15 – 13.00  Што значат преговорите?

Што носи новата преговарачка методологија?

Тематски пристап по поглавја

  • презентација и видео материјали

 

Се што сте сакале да прашате за ЕУ и преговорите

  • прашања и дискусија

 

Попладневна сесија:

17.00 – 17.15  Вовед и презентација на ресурсната платформа eu.org.mk

17.15 – 18.15    Што треба да знаеме за преговорите за членство во ЕУ?

18.15 – 19.00  Што значат преговорите?

Што носи новата преговарачка методологија?

Тематски пристап по поглавја

  • презентација и видео материјали

 

Се што сте сакале да прашате за ЕУ и преговорите

  • прашања и дискусија

 

Информативните сесии ќе се одржуваат online на платформата Zoom. Линкот за вклучување ќе ви биде претходно испратен на вашиот контакт е-mail.

 

Еврокомесарот Вархеји во посета на Северна Македонија

Еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји денеска престојува во земјава и ќе има средби со државниот врв.

По билатералната средба со премиерот Зоран Заев и свечената седница на Владата, Заев и Вархеји одржаа заедничка прес-конференција.

Вархеји доаѓа во Скопје откако вчера беше објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ, како и економскиот план за Западен Балкан. Тој порача дека целта на Европската комисија и на германското претседателство е првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи до крајот на годинава.

Во своето обраќање на свечената седница на Владата на Северна Македонија, Вархеји нагласи дека ова е ден за паметење за нашата заедничката цел на Северна Македонија и Европската Унија – стартот на преговорите и остварувањето на членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Вархеји додаде дека добрата вест е што сега Северна Македонија има уште една силна причина да работи уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата.

Еврокомесарот Вархеји потенцираше дека со економската помош за земјите од Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра, ЕУ се обврзува да ја забрза европеизацијата на регионот и со забрзано економското закрепнување и за оваа намена извештајот на Европската комисија ги нотира главните области кои треба да бидат помогнати.

Како посебно важни, комесарот Вархеји ги истакна регионалните инфраструктурни проекти за патно и железничко поврзување на главните градови на земјите од регионот, за што ЕУ направи и измени во своите политики и согласно планот на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан учеството на ЕУ во кофинансирањето на овие проекти ќе биде во висина од 40% наместо досегашните 20%.

Во планот за реализација на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан приоритет има и поддршката на енергетските проекти за регионално поврзување, како и инвестирањето во социјалните и човечките ресурси во образованието и во политиките за спречување на иселувањето на младите.

Економско инвестициски план до 9 милијарди евра за Западен Балкан

Европската комисија усвои сеопфатен Економски и инвестициски план за Западен Балкан, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот.

Планот исто така нуди пат за успешна регионална економска интеграција што ќе помогне да се забрза приближувањето кон ЕУ и ќе да помогне да се трансформира Западен Балкан во еден од најатрактивните региони за инвестиции во светот. Имплементацијата на планот секако ќе треба да оди заедно со реформите.

Паралелно со планот за економски инвестиции за поддршка на регионот, Комисијата презентираше насоки за спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан, што се очекува да бидат усвоени на Самитот на Западен Балкан во Софија во ноември оваа година.

За повеќе информации кликнете овде.

ЕУ исплати 160 милиони евра макрофинансиска помош за три партнерски земји од Западен Балкан

Европската комисија денес ги исплати првите рати на програмите за макро-финансиска помош за Косово, Црна Гора и Северна Македонија. Денешната исплата на 50 милиони евра за Косово, 30 милиони евра за Црна Гора и 80 милиони евра за Северна Македонија следи по договорот и ратификувањето на Меморандумите за разбирање во изминатите месеци.

Исплатата на втората рата, која за Северна Македонија изнесува 80 милиони евра, е условена со исполнување на условите утврдени во меморандумот.

Оваа помош за партнерите од Западен Балкан е дел од итниот пакет за помош во вкупен износ од 3 милијарди евра за десет земји, чија цел е да го успори и превенира економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

Северна Македонија е умерено подготвена –генерална оценка во Извештајот на ЕК за 2020

Најновиот извештај на Европската комисија (ЕК), објавен попладнево, ја оценува земјава како умерено подготвена за реформи.

Извештајот содржи оценки за пет критериуми: политичките и владеењето на правото, економскиот развој и конкурентноста, добрососедските односи и регионалната соработка и подготвеноста за исполнување на обврските од членството.

Во делот на политичките критериуми, се посочува улогата на Собранието како главен форум за конструктивен политички дијалог, кое ја исполнило својата улога преку усвојување голем број закони поврзани со ЕУ. Но, забелешката е дека Собранието многу често носело закони по скратени постапки, што според ЕК треба да биде ограничено.

Тековната реформа на разузнавачките служби се оценува во согласност со препораките и владеењето на правото, со забелешка дека треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор.

Подготвеноста на земјата за реформа на јавната администрација се оценува како умерена, со одреден напредок во однос на транспарентноста, преку усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на отворениот портал за податоци на Владата и објавување податоци за државните трошоци, а се посочува и работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во детектирање на случаите на непотизам, блискост и политичко влијание при вработување во јавниот сектор.

Умерена подготвеност за реформа се нотира и за судскиот систем во земјава, при што се забележува добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството во контекст на итните приоритети за реформи и препораките од Венецијанската комисија и експертската група за системски прашања за владеење на правото.

Како резултат на преземеното во последниве години, ЕК констатира дека Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност на судството и отчетност. Како позитивен чекор се споменува и Законот за јавно обвинителство, со кој се најде решение за случаите од Специјалното јавно обвинителство, како и ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители – што според оценката на ЕК ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.

Ист степен на умерена подготовка се констатира и кај борбата против корупцијата, која, како што се наведува, е распространета во многу области, но се истакнува дека е постигнат добар напредок во делот на истрагата, гонењето и судењето случаите на висока корупција

За слободата на медиумите се наведува дека состојбата и климата во која работат медиумите остануваат генерално погодни и оти се овозможува критичко известување, но се забележува дека во периодот на кризата со ковид-19 и во контекст на парламентарните избори имало зголемени тензии. Забелешка има за рекламирањето

Во делот на економскиот развој се нотира дека Северна Македонија е на добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но со ограничен напредок, при што се посочува дека кризата со ковид-19 оставила свои последици. Се поздравува подобрувањето на фискалната транспарентност, но има забелешка за реформските процеси во однос на даночната политика и пензискиот систем, како и на јавниот долг, кој се оценува дека не е стабилизиран.

ЕК забележува дека земјата во повеќе области е умерено подготвена да ги преземе нејзините обврски од членството во ЕУ, како што се конкурентноста, финансиската контрола, транспортот, енергијата. Добро ниво на подготвеност, пак, е нотирано во законодавствата за стопанството, царинската унија, транс-европските мрежи, науката и истражувањето. Во рана фаза се оценува дека е подготовката за слободно движење на работниците, додека за наредниот период се нагласува дека е потребно да се стави фокус на административните капацитети.

Во извештајот на ЕК дел се посветува и на мигрантите и се нагласува дека Северна Македонија игра активна и конструктивна улога во управувањето со миграциите. Земјата е една од главните транзитни рути, и ЕК забележува дека ефикасно соработува со соседните и земјите членки на ЕУ. Во овој дел ЕК нотира дека сѐ уште не е потпишан договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, а нагласува и дека треба да се реши проблемот со честите шверцерски активности на северната граница.

Целосниот текст на Извештајот за Северна Македонија 2020 ќе го најдете на следниот линк.

Објавен е Европскиот извештај за дрогите 2020

 

Во септември 2020 г. Европски центар за следење на дрогите и зависностите од дрога го објави Европскиот извештај за дрогите 2020. Овој документ претставува преглед на достапноста на дрогите во Европа, употребата, проблемите на јавното здравје, како и политиките за справување со овој феномен.

Влијание на пандемијата

Пандемијата со Ковид-19 несомнено влијаеше и врз ситуацијата со дрогите во Европа. Најпрво, пандемијата влијаеше на достапните услуги, со оглед на недостигот на пристап до заштитна опрема. За среќа, оваа ситуација донесе и иновации и креативност при обезбедувањето услуги, како, на пример, активности и услуги преку мобилен телефон и интернет, телемедицина и нови партнерства со клиентите.

Понатаму, до одреден степен се намали употребата на супстанции што обично се консумираат во социјален контекст, какви што се кокаинот и екстазито. Притоа, се зголеми употребата на други супстанции, како канабис, бензодиазепини и алкохол, честопати и заедно.

Конечно, пандемијата со Ковид-19 влијаеше и на организираниот криминал. Организираните криминални групи беа исклучително отпорни. Може да се каже дека пандемијата ја зголеми дигиталната трансформација не само на легалната туку и на нелегалната економија.

Еволуција на европскиот пазар на дроги

Извештајот покажува повисока достапност на сите дроги во Европа, како и највисок степен на чистота и силина. Ова отвора многу ризици за корисниците, кои не ја сфаќаат оваа важна промена во силината на дрогите и веројатните негативни последици.

Големите пратки стануваат главен начин за пренесување на дрогите на европска територија. Ова предизвикува загриженост за можната инфилтрација на организираните криминални групи во легитимните текови на набавки, ризици од корупција и перење пари.

Диверзификацијата на производството на дроги вклучува зголемено производство на канабис и екстази на европска почва, како и појава на нови лаборатории за производство на нови супстанции.

Употреба на дроги и штети предизвикани од дрога

Во однос на супстанциите од растително потекло (кокаин, канабис и хероин), може да се забележи дека зголемената достапност на кокаинот ги покажува првите ефекти. Имено, се зголемува проблематичната употреба на кокаин и зголемената потреба за третман предизвикан од овој проблем. Кај канабисот се забележува удвојување на концентрација на ТХЦ во последната декада, што може да предизвика зголемени здравствени проблеми, вклучително и проблеми на менталното здравје.

Што се однесува до синтетичките дроги, во последните неколку години се забележува зголемена заплена на ГХБ, кетамин и ЛСД. Системот за рано предупредување на ЕУ регистрира по една нова психоактивна супстанција на европскиот пазар на неделно ниво.

Ова е 25-тиот јубилеен годишен извештај на Европски центар за следење на дрогите и зависностите од дрога, кој оваа агенција на Европската Унија редовно го објавува уште од 1995 год. За време на презентацијата на извештајот беше наведено дека се очекува економска рецесија во следните неколку месеци, која ќе ја зголеми ранливоста на одредени групи што се веќе ранливи. Исто така, поради тешката економска ситуација постои ризик повеќе луѓе (директно или индиректно) да се вклучат во криминални активности поврзани со дроги.

Преземете го целосниот извештај, резимето или статистичкиот билтен.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

Рот: ЕУ не треба да наметнува нови услови и критериуми

Германскиот министер за Европа, Михаил Рот смета дека во е интерес на сите земји членки на ЕУ, посебно на блиските соседи, да се даде европска перспектива за регионот да стане место на мир, стабилност и помирување.

На средбата со Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, Рот се осврна и на бугарскиот меморандум против Северна Македонија поради јазикот и историјата. За германскиот министер земјите членки на ЕУ не треба да вметнуваат нови услови и критериуми.

Тој нагласи дека е постигнат значаен напредок под хрватско претседателство во март кога земјите членки, по повеќе одлагања, конечно се согласија да дадат зелено светло за старт на преговори со Албанија и Северна Македонија и дека целта на Германија е да се одржи првата меѓувладина конференција во декември оваа година.

„Ние себе се гледаме како чесни олеснувачи за да се изградат мостови стабилни за сите и разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови кои не фигурираат во заклучоците на Советот“, рече министерот Рот. Германија ги повикува сите да работат „во конструктивен дух“.

Евроамбасадорот Дејвид Гир му ги врачи акредитивните писма на претседателот Пендаровски

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски вчера ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Новиот евроамбасадор потсети дека Советот на Европската унија донесе историска одлука за отворање преговори за членство со Северна Македонија во март.

„Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на Меѓувладината конференција. Тоа ќе биде значајна пригода што ќе го потврди долгогодишниот став дека иднината на целиот овој регион e во ЕУ. Како што рече претседателката Фон дер Лајен во своето годишно обраќање минатата недела „Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. Западен Балкан е дел од Европа – а не само попатно место на Патот на свилата“. Пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството. Владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци.“, рече Гир.

Пендаровски изрази убедување дека почетокот на преговорите и ревидираната методологија не само што ќе придонесат за понатамошно стабилизирање на состојбата на Западен Балкан, туку ќе и овозможат на Северна Македонија побрзо и поефикасно да ги спроведе потребните реформи, особено во областа на организираниот криминал и корупција на високо ниво.

Дејвид Гир во Северна Македонија доаѓа од позицијата шеф на Одделението за политика за санкции во Европската служба за надворешни работи. Претходно, бил заменик претставник на ЕУ за Западниот брег и Газа.

Димитров-Брегу: За регионалната соработка да биде успешна, земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров на 21 септември се сретна со Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

Според Секторот за европски прашања, на средбата се разговарало за планот на активностите на Советот за регионална соработка, со акцент на приоритетите во наредниот период, кои се во насока на олеснување, промоција и унапредување на регионалната соработка, а се со крајна цел – европеизација на регионот.

-За регионалната соработка да биде успешна, земјите од Западниот Балкан мора да бидат носители на одлуките и на одговорноста. Заедничкиот ангажман со Советот за регионална соработка за намалување до конечно укинување на роамингот во земјите од Западниот Балкан ќе биде еден од директните бенефити за граѓаните на регионот, порача Димитров.

Соговорниците ја потенцираа важноста од непречено поврзување на регионот во повеќе области, што особено дојде до израз со ограничувањата предизвикани од пандемијата. Беа разгледани и плановите за спроведување на планираните активности на РСС за продлабочена соработка во единствена економска област во регионот, базирана на четирите слободи на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.

КОВИД-19 во фокусот на шестата конференција „Придвижи се.Поврзи се.Ангажирај се“

Шестата регионална конференција „Придвижи се.Поврзи се.Ангажирај се“ започна вчера во Белград, со наслов„ Развој за реалност: партнерство, солидарност и одговорност во ерата по КОВИД-19 “. Оваа година главната идеја на конференцијата е да се преиспита реакцијата на ЕУ на пандемијата КОВИД-19, да се презентираат клучните карактеристики на Планот за обновување на Европа и да се истражи влијанието на овие најнови случувања врз перспективите на ЕУ на Западен Балкан.

Воведниот панел беше фокусиран на предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации и граѓаните во локалните заедници, како и механизмите и активностите што ги преземаат за надминување на предизвикот, со цел да се дадат одговори и јасни препораки на властите во регионот, следејќи ги лекциите што Европската унија и земјите-членки ги научија од кризата.

На останатите сесии ќе се отворат дискусии за улогата на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на новата развојна политика на ЕУ, влијанието на пандемијата врз процесот на евроинтеграцијата, одговорот на ЕУ на сегашната криза и последиците што може да ги има очекуваната економска рецесија иднината на младите.

Kонференција „Придвижи се.Поврзи се.Ангажирај се“ ќе се одржува до 23 септември, а може да се следи преку платформата Зум.

Вархеји: Процесот на проширување не е автоматски, тоа е можно само со вистински реформи во земјите кандидати

ЕУ нуди полноправно членство на Западен Балкан, како што одлучија шефовите на европските држави и влади и им порачувам на оние што бараат помалку од тоа, дека не треба да очекуваат дека овој регион ќе се прилагоди на нашите правила, нагласува комесарот за соседство и проширувањето Оливер Вархеји во интервју за Франкфуртер Aлгемајне Цајтунг.

Според него, процесот на проширување не е автоматски. Изборот на земја за влез во Европската унија мора да биде сериозен, а тоа е можно само со вистински реформи во земјите кандидати, нагласува Вархеји, подвлекувајќи дека земјите кандидати им требаат стабилни институции.

„Тие треба да гарантираат владеење на правото, човекови права и заштита на малцинствата. Процесот на проширување се заснова на строги, но фер услови базирани на владеењето на правото“, додавајќи дека поддршката на Европската унија им помага на земјите да ги исполнат демократските критериуми.

Комесарот за соседство и проширување посочува дека Европската унија сака да ги поврзе сите престолнини на Западен Балкан по автопати и железници. На прашањето дали ЕУ ќе финансира вакви проекти дури и ако се изградени од кинески компании, Вархеји рече дека крајната цел е тесно да се поврзат економиите на Западен Балкан со ЕУ, додавајќи дека не гледа како кинеските инвеститори можат да добијат тендери за автопати и пруги.

Следниот состанок во рамките на Берлинскиот процес на 10 ноември

Според извори во Европската комисија, следниот состанок во рамките на Берлинскиот процес, кој ќе ги обедини лидерите на Западен Балкан и Европската унија, ќе се одржи на 10 ноември во Софија, Бугарија, кога треба да се донесе план за создавање на заеднички регионален пазар.

Планот треба да биде структуриран околу слободите на движење на луѓе, стоки и услуги, како и конкретни мерки што ќе донесат опипливи придобивки за компаниите и граѓаните од регионот. Ова вклучува намалување на прекуграничните технички бариери за трговија, усогласување на политиките за инвестиции, признавање на професионални квалификации низ целиот регион, поттикнување на е-трговија.

Берлинскиот процес започна во 2014 година. Целта на состанокот, иницирана од германската канцеларка Ангела Меркел, беше да се постигне заеднички договор за зајакнување на регионалната соработка на Западен Балкан и решавање на преостанатите отворени прашања во регионот.

Средба на министерот за правда Бојан Маричиќ со Никола Бертолини

Во Министерството за правда се одржа средба помеѓу министерот за правда Бојан Маричиќ и раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија, г. Никола Бертолини. На средбата се дискутираше околу активностите на Министерството за правда и процесот на подготовки за почетокот на преговорите и отворањето на Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права.

Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека Министерството за правда цели кон максимално искористување на компонентата за владеење на правото и правосудство за да се постигне максимален ефект во трансформацијата на Северна Македонија. Маричиќ потенцираше дека поддршката од Европската Унија е мошне значајна за европеизација на државата и се заблагодари за помошта во името на граѓаните на Република Северна Македонија.

Фон дер Лајен: Западен Балкан е дел од Европа, a не само попатна станица на Патот на свилата

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиното прво годишно обраќање за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент, изјави дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ.

„Довербата е основа на силно партнерство и Европа секогаш ќе биде подготвена да гради силни партнерства со нашите најблиски соседи. Ова започнува со Западен Балкан. “, нагласи фон дер Лајен, веднаш по осврнувањето на проблемите со довербата кои во моментов ги има ЕУ  со Велика Британија, а во врска со преговорите за трговскиот договор.

Таа ги нагласи најзначајните достигнувања на ЕУ интеграцијата на регионот во изминатата година.

„Одлуката од пред шест месеци за отворање преговори за пристап со Албанија и со Северна Македонија беше навистина историска. Навистина, иднината на целиот регион е во Европската унија. Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. “, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека Западен Балкан е дел од Европа, а не е само попатна станица на Патот на свилата.

„Наскоро ќе го претставиме Пакетот за економско закрепнување за регионот, фокусиран на бројот на иницијативи за инвестиции, и ќе бидеме тука за земјите од Источното партнерство и за нашите јужни соседи“, заклучи фон дер Лајен.

Во својот говор, фон дер Лајен, исто така, се фокусираше на закрепнувањето на ЕУ од пандемијата КОВИД-19, дигиталната економија, животната средина и односите на Унијата со Кина и Соединетите Американски Држави.

Реакции по објавувањето на бугарскиот меморандум

Не стивнуваат реакциите во земјава по објавата на меморандумот, што Бугарија го испрати до Европската Унија.  Во пресрет на отворањето на преговорите со земјава, меморандумот содржи долги историски образложенија и обвинува за постоење „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека нема официјални информации за што точно комуницираат земјите членки на дневно ниво и  дека официјално до нас, нема стигнато информација дали ЕУ ќе ги прифати забелешките на Бугарија за македонскиот јазик и идентитет. Според него не треба да се наметнува негативна динамика на притисоци.

„Кога паѓа комуникацијата, се јавуваат предрасуди. Сега е добар момент да се воспостави интензивна комуникација“, смета Османи.

Тој останува на ставот дека двете земји треба да го почитуваат договорот за добрососедство, со цел да ги надминат разликите. Во однос на решавање на историските прашање треба да работат историчарите, а не да се мешаат политичарите.

Македонскиот копретседавач на Мешовитата комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев, посочува дека постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт. Тој смета дека објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување на преговорите со Северна Македонија, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата.

„Несомнено е дека во поглед на разбирањето на историјата на регионот Македонија, постојат повеќе погледи и толкувања, особено во државите на Балканот. Така што, не постои само една „историска вистина“. Но, тоа не е причина да се настојува еден национален историски наратив, односно „историска вистина“ да се наметне врз друга. Ваквите спорови можат да се надминат само преку разбирање за погледите на соседите, без притоа тие погледи за минатото да предизвикуваат поделби и недоразбирања. Токму заради тоа, мултиперспективниот пристап во изучувањето на минатото претставува солидна основа за надминување на историско-политичките спорови. Постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт, туку до дијалог кој ќе овозможи да се надминат национализмите и злоупотребата на минатото, кои ги поткопуваат темелите на современа Европа“, оценува Ѓоргиев во изјавата за Дојче Веле.

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики, се уште не е сигурно дали Бугарија ќе оди до крај со оваа позиција и ќе го искористи ветото ако остане осамена, и дека тоа може да биде предмет на калкулации на бугарската влада во согласност со внатрешнополитичкиот амбиент.

„Неизвесно е дали ова ќе ѝ помине на Бугарија, но она што може да биде загрижувачко е дали Бугарија ќе добие поддршка за нови услови во преговарачката рамка од оние држави кои и онака се против проширувањето на Европската унија“, нагласува Кацарска.

Бугарија до ЕУ: Во Северна Македонија има државна антибугарска идеологија

Бугарија  испратила меморандум до Европската Унија, кој во шест страници содржи долги историски образложенија. Според дипломатски извори во Брисел, нормално е на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна  да ги образложи своите позиции.

Во меморандумот, а во пресрет на преговорите, Бугарија обвинува за постоење „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.

Според МИА, која дојде до неговата содржина, меморандумот се осврнува на историјата, Тито, Коминтерната и обвинува за „етнички и јазичен инженеринг“ во Северна Македонија.

Софија оценува дека главните отворени прашања со Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Бугарија смета дека работата на заедничката експертска комисија за историја е блокирана поради тоа што македонската страна одбивала да се договори за концептот на „заедничка историја“ и наместо тоа, користела термини како „споделена“ и др. Поради ова, Софија нагласува дека довербата е меѓу двете држави е поткопана.

Што се однесува до јазикот, Софија го користи македонскиот јазик во наводници и смета дека до 2 август 1944 година, не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет, и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија ја доведува под прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Бугарија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 кога е признат македонскиот јазик. Оттаму, Софија бара во ЕУ документите да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.

Софија, исто така, ги информира своите ЕУ партнери дека Северна Македонија нема основа да бара права за ниедно население во Бугарија, како што се договорија двете страни, но обвинува дека македонските власти не ја смениле политиката кон лица и организации кои бараат признавање на македонско малцинство во Бугарија, со што го прекршиле членот единаесет од договорот.

Властите во Софија посочуваат дека земјите – кандидатки не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија, негативно да влијае врз одлучувањето во ЕУ“. Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да најде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“.

Од институциите на ЕУ засега нема реакција на бугарскиот документ.

Безбедноста во приоритетите на германското претседателствување

Пишува: Зоран Нечев, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (IDSCS)

Во втората половина од 2020 година, со почеток од 1 јули, Германија го презеде претседателствувањето со Советот на ЕУ од страна на Хрватска. Тоа се случува кога Европа се соочува со една од најголемите здравствени кризи во поновата историја. Поради овие околности германската влада мораше да ги промени првичните приоритети на своето претседателствување. Сепак, Германија се претставува себеси одлучна да ја зграпчи можноста за европска интеграција, организирајќи го своето претседателствување под мотото: „Заедно. Да ја направиме Европа повторно силна.“

Поинаку од она на што сугерира мотото, Германците не бараат инспирација во САД на Трамп. Наместо тоа, ја нагласуваат важноста на мултилатерализмот и одговорите на глобалните предизвици ориентирани кон иднината. „Солидарноста“, изјави Ангела Меркел во говор во мај 2020, „ќе биде водечкото начело на германското претседателствување со Советот“. Притоа, се истакнуваат шест водечки приоритети на кои се заснова претседателствувањето: трајно надминување на пандемијата на COVID-19, како и економско закрепнување, посилна и иновативна Европа, фер Европа, одржлива Европа, Европа на безбедност и заеднички вредности, како и силна Европа во светот.

Во овој текст посебен акцент ќе биде ставен на Европа на безбедност и заеднички вредности, каде што германското претседателство ќе биде посветено на изнаоѓање „убедливи одговори на клучните прашања во областа на безбедноста и миграцијата“.  Во согласност со програмата на претседателството, во овој дел се истакнува дека „Европа мора да остане место каде сите луѓе, без оглед на нивното потекло, убедувања и светски поглед, можат да се чувствуваат слободни и безбедно“.

Во насока на подобрување на Заедничкиот европски систем на азил, Германија како претседавач со Советот на ЕУ ќе се залага за реформи со кои ќе се надградат постојните прописи за одговорностите и солидарноста, оние што се придржуваат кон хуманитарните стандарди, со кои се избегнува преоптоварувањето на поединечни земји членки преку обезбедување правична распределба на оние што бараат заштита според фер режим на споделување на одговорност и ефикасно се справуваат со секундарната миграција. Овие реформи се, пред сè, насочени кон намалувањето на воспоставувањето лажни стимуланси меѓу земјите членки и оние што бараат заштита, сè со цел функционална работа на системот за азил. Покрај ова, германското претседателствување сака да се воведат задолжителни процедури на надворешните граници на ЕУ за да може да се категоризираат и да се оценат барањата за азил уште во раната фаза, и евентуално, да се забрани влез во ЕУ во случаите каде што е очигледно дека не постои потреба за заштита. Желбата е сите овие реформи да ја видат светлината на денот додека истовремено се зајакнуваат и се зголемуваат капацитетите на Европската Унија за прераспределување. Развојот и имплементацијата на заедничките стандарди за соработка во делот на репатријацијата и ефективните процедури за ефикасен и хуман однос кон оние што треба да бидат вратени е, исто така, на листата на задачи што се наведени во програмата на претседателствувањето. Во овој дел, на крајот, се истакнува дека Европа има потреба од подобри можности за легална миграција поради фактот што сè позасилени се потребите од квалификуван кадар во земјите членки на Унијата.

Што се однесува до подобрување на безбедноста на граѓаните на Унијата, претседателството ги насочува своите сили кон подобрување на меѓуграничната соработка меѓу полициските власти преку т.н. Европско полициско партнерство. Понатаму се истакнуваат планови за проширување и засилување на судската соработка во борбата против прекуграничниот криминал.

Преку заедничка анализа на различните национални системи за процена на личен ризик и националните списоци за закани, се сака да се засили борбата против меѓународниот тероризам, кој сè уште се смета за еден од најголемите предизвици за Европа на отворени граници.  Исто така, се поддржува усвојувањето на нова регулатива за спречување на ширењето терористичка содржина преку Интернет. Тука треба да се истакне дека, кога се зборува за меѓународен тероризам, покрај исламистичкиот тероризам, се става акцент и на десничарскиот тероризам. Во делот на сајбер-безбедноста, претседателството ќе ги поттикнува земјите членки да одржуваат блиска соработка во областа на мрежната и на информациската безбедност, со посебен акцент на заштитата на критичната инфраструктура и други претпријатија од јавен интерес.

На крајот, во целост се поддржува иницијативата за засилено учество на Европол во поддршка на националните безбедносни сили во борбата против прекуграничниот криминал, терористичките и екстремистичките закани.

Oчекувањата од германското претседателствување се големи. Во својот поход да ја обединат и да ја засилат, Европа чии темели се разнишаа со корона-кризата, се чини дека Германците се одлучни да не нѐ разочараат.

Disclaimer: Овој текст се базира на анализата објавена од страна на Институт за демократија насловена Да ја направиме цела Европа повторно силна. Германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година и импликациите врз Северна Македонија, чии автори се Марие Јеленка Кирхнер, Зоран Нечев и Драган Тилев.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

Брегу: Западен Балкан не може да изгуби уште една деценија обележана со нови нестабилности

Во интервјуто за Европски Западен Балкан (ЕВБ), генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, нагласува дека регионалната иницијатива „Зелени коридори“ овозможи непречен проток на стоки во најкритичната фаза на пандемијата од коронавирусот преку стабилизирање на протокот на стоки во регионот на Западен Балкан, што значително им помогна на извозно ориентирани компании, но и на оние чие производство зависи од увозот.

Според неа, кризата покажа дека „соло“ во мала регионална област може да биде погубно, но исто така и дека Западен Балкан има способност и сила да спроведе заеднички иницијативи за нормализирање на животот во меѓу-зависни економии.

На прашањето за најголемите пречки во спроведувањето на иницијативата „Зелени коридори“, Брегу потсетува дека постојат 14 гранични премини меѓу економиите на Западен Балкан и 18 со земјите-членки на ЕУ.

„Во еден момент беа потребни повеќе од 20 часа да се помине границата, да се завршат царински процедури, санирање и здравствена проверка на возачот. Покрај тоа што е исклучително долготраен процес што ги одложува, па дури и често ги крши синџирите на снабдување, тоа е исто така скап – се пресметува дека секоја минута време на чекање чини скоро 2 € по камион или 26 милиони часа поминати на нашата внатрешна граници. Тоа значи дека возачите на камиони кои ја превезуваат нашата главна стока поминуваат 80% од своето време чекајќи на граничните премини. Имајте ја предвид и оваа бројка. На почетокот на пандемијата тешко 2.000 камиони можеа да поминат дневно. Денес бројката достигна повеќе од 13 000 на ден.“ нагласува Брегу.

Според неа иницијативата „Зелени коридори“ овозможи стоката непречено да стигне навреме до своите дестинации, а исто така заштеди сериозни пари, време и стрес.

„Го имам кажано ова многу пати, и навистина верувам дека колку е подобра регионалната соработка, толку сме посилни. Заедно можеме да опстанеме како пазар и да бидеме посигурни и поинтересни за странските инвеститори, што значи поголем економски раст и отворање нови работни места.“ смета Брегу.

Целосното интервју можете да го прочитате на ЕВБ.

Пакетот за проширување на дневен ред во октомври

Постои можност, на 6 октомври 2020, Европската комисија да расправа за Пакетот за проширување, вклучувајќи ги и единечните извештаи за земјите кандидатки за ЕУ. Според дописниците на EWB, ова е објавено во списокот на можни ставки за агендите на еврокомесарите за периодот од 9 септември 2020 до 28 октомври 2020 година, кој беше објавен минатата недела.

Претходниот пакет за проширување беше објавен во мај 2019 година, а годинава беше одложен заради КОВИД-19.