Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Тркалезна маса: Влијанието на Преспанскиот договор врз комерцијалните имиња, трговските марки и брендовите

На 10 декември 2019 год. во просториите на Стопанската комора на Македонија се одржа тркалезна маса за влијанието на Преспанскиот договор врз комерцијалните имиња, трговските марки и брендовите кои го содржат терминот „Македонија“.

Со оглед на спецификите на материјата, во јуни 2019 год. Владата на Р. Северна Македонија именува ко-претседавач и членови на македонската страна од Меѓународната група на експерти која треба да претставува мост помеѓу политичките елити од двете земји на највисоко ниво и деловните заедници. Гостин-говорник на тркалезната маса беше Проф. Д-р. Ѓорѓи Филипов, ко-претседавач групата. На настанот учествуваа и останатите претставници на Меѓународната група, претставници на Министерството за надворешни работи, стопанските комори, граѓански организации и новинари.

На настанот беше истакнато дека разговорите за „имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитните знаци” се разликуваат од разговорите за учебниците, културните наследства и толкувањата на историските настани, што ги спроведуваат други комисии формирани во врска со Договорите со соседна Бугарија и Хеленската Република. Во случајов се работи за права на индустриска сопственост, кои се во суштина права на „приватна сопственост” на правни и физички лица од двете земји. Оттаму е неминовно вклучување на деловните заедници (т.е., стопанските комори) од двете земји како претставници на компаниите за чија приватна сопственост се работи.

Целта на тркалезната маса беше да овозможи поврзување и дијалог меѓу сите засегнати страни, како и да ги оспоби чинителите за поинформирана јавна дискусија за следните чекори при наоѓањето на прифатливи решенија за користење на комерцијалните имиња, трговските марки и брендовите кои го содржат терминот „Македонија“ на меѓународно ниво.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Хармонизација на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција преку следење на спроведувањето на Преспанскиот договор” (дел од програмата SYMPHONY – Програма за помирување меѓу Северна Македонија и Грција), финансиран од Канадскиот фонд за локални иницијативи, со поддршка од Канадската Амбасада во Белград и имплементиран од страна на ЕВРОТИНК.

22/01/2020