Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Оданочување16

  1. Што е оданочување?

Оданочување или даночен систем е збир на правила за собирање на јавните приходи и воедно е најголемиот извор на приходи на државата.

Даноците се давачка определена со закон, која ги оптоварува сите даночни обврзници со исплата без противуслуги, зад чија наплата стои државната власт.  Во случај даночните обврзници да не ја исполнат должноста за плаќање данок, државата може да употреби и присилна наплата.

Во зависност од тоа кој е даночен обврзник, односно кој е носителот на даночната обврска, даноците може да ги поделиме во две групи:

  • ИНДИРЕКТНИ ДАНОЦИ
  • Данокот на додадена вредност (ДДВ)
  • Акцизите (се наплаќа само при промет со алкохол, цигари, тутунски производи, нафта, дизел горива, моторни возила)
  • ДИРЕКТНИ ДАНОЦИ
  • Даноци на доход
  • Данок на добивка
  • Персонален данок на доход
  • Даноци на имот
  • Данок на имот
  • Данок на наследство и подарок
  • Данок на промет со недвижности

 

Во Европската Унија, данокот е од централно значење за националниот суверенитет на земјите-членки. Приходите од даноците им обезбедуваат на владите пари кои им се потребни за опстојување и ефикасна функционалност. Даноците влијаат и на приватната потрошувачка и заштеда и воедно ја поставуваат финансиската рамка за деловната активност и прашања поврзани со екологијата.

Даночните закони го овозможуваат спроведувањето на политиките на земјите-членки на Европската Унија за прашања поврзани со буџетските трошоци (образование, здравство, пензии).

Даночната политика на Европската Унија се состои од два вида на оданочување:

  • Индиректно – влијае на слободното движење на стоки и слободата да се обезбедуваат услуги во внатрешниот пазар, ЕУ ги координира законите за данокот на додадена вредност (ДДВ) и акцизите
  • Директно – останува на одговорност на земјите-членки, ЕУ воспостави стандарди за оданочување на компаниите и физичките лица на земјите-членки за спречување на даночна евазија и двојно оданочување

 

 

  1. Како се одвива оданочувањето?

Европската Унија нема директна улога во собирањето на даноците или во утврдувањето на даночните стапки. За колкав ќе биде данокот кој што го плаќа секој граѓанин одлучува националната влада во неговата матична држава.

 

Европската Унија ги надгледува националните даночни правила во некои области како што се бизнисот и потрошувачката политика на ЕУ, за да се обезбеди со слободен проток на стоки, услуги и капитал и за да се осигура дека бизнисите во една држава-членка нема да имаат одредена неправедна предност во однос на другите земји.

За оваа цел, земјите-членки се согласиле нивните правила за оданочување на стоки и услуги да се усогласат и да се укинат нивните  постоечки штетни даночни мерки.

 

 

Кај индиректното оданочување, односно кај акцизите, производите подлежат на акциза доколку се произведени во Европската Унија или увезени од трети земји. Битно е да се нагласи дека акцизата се плаќа на земјата-членка во која што се праќаат стоките и по стапките што се применуваат во истата.

 

Во однос на директното оданочување, ЕУ се залага за отстранување на бариерите на прекуграничните активности, кога се работи за корпоративните даноци и данокот на капитал. На тој начин, се овозможува елиминација на нарушувањата во економските односи меѓу компаниите кои се наоѓаат во рамките на Унијата.

Исто така, преку овој шаблон се обезбедува ефективно оданочување на приходите од заштеда, која се исплаќа на физичките лица во вид на камата.

 

Единствениот пазар овозможува слободна трговија со стоки и услуги преку границите во рамките на Европската Унија.

Европската Унија заедно со земјите-членки работи на координирање на економските политики и даноци на приход. Целта на ова е да бидат регулирани даноците кои ги плаќаат луѓето кои се преселуваат во друга земја од ЕУ и за бизнисите кои се инвестираат преку границите.

 

 

  1. Што содржи преговарачкото поглавје 16?

 

Европската унија нема единствена политика на оданочување, туку секоја земја-членка има право да го задржи својот даночен систем, да има свои даночни власти, да има право да одлучува за даноците. Поради тоа улогата на Европската унија е преку мерки и прописи да обезбеди компатибилност на даночните системи на земјите-членки за да нема нарушување на единствениот европски пазар, да се спречат штетни даночни мерки, да се обезбеди прекуграничната економска активност да се одвиава без проблеми, со овозможување на минум стандарди и добри практики. Европското законодавство кое треба да го овозможи тоа е опфатено со Поглавјето 16 – Даноци, кое предвидува хармонизациија на индиректното оданочување, избегнување на двојното оданочување, како и намалување на даночната евазија и измама.

 

Поглавјето 16 ја содржи дефиницијата за тоа што е оданочување, видовите на даноци, како тоа се одвива во Европската Унија и нејзините земји-членки и опфаќа четири области: индиректно оданочување, директно оданочување, административна соработка и меѓусебна помош и оперативен капацитет и компјутеризација.

 

Од битно значење се и некои технички процеси кои ги одредуваат законските рамки на сите даноци, како тие се донесуваат и поконкретни карактеристики на директното и индиректното оданочување, кои што може да ги сумираме во неколку точки:

 

  • Даночното законодавство мора да биде усвоено едногласно од земјите-членки
  • Европскиот Парламент има право да биде консултиран за даночни прашања и прашања поврзани со буџетот
  • Европскиот Парламент може да биде и созаконодавец за прашања поврзани со буџетот
  • За усвојувањето на актите на даночните одредби на ЕУ одлучува Советот едногласно со консултација на Парламентот, по предлог на Комисијата
  • Одредбите кои што се усвоени вклучуваат директиви за приближување на националните одредби и одлуки на Советот
  • Директното оданочување означува даноци наплатени од приход, богатство и капитал (лични или корпоративни)
  • Данокот на добивка се фокусира на мерки поврзани со принципите на единствен пазар
  • Индиректното оданочување означува даноци кои не се наплаќаат за приходи или имот (вклучени се ДДВ-то, акцизите, увозни, енергетски и еколошки даноци)
  • Институцијата надлежна во Македонија околу ова поглавје е Министерството за финансии, односно Управата за јавни приходи (УЈП) која што е во склоп на министерството
  • Надлежната институција во Европската Унија е Генералниот директорат за даноци и царинската унија

 

 

 

  1. Можности и предизвици за Македонија

 

Со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската заедница во 2001 година, македонските производи може да се извезуваат во земјите на Европската Унија без царина.

Увозот на индустриски производи со преференцијално потекло и суровини од благородни метали е ослободен од царина.

Акцизите се наплаќаат во однос на ограничен број на стоки кои што се произведени или увезени во Македонија. Алкохолот и алкохолните пијалоци, тутунските производи, горивата и електричната енергија се подложни на акциза со фиксирана или процентна стапка.  Акцизниот период трае 1 месец a акцизата се плаќа во период од 15 дена од крајот на месецот. Исклучок е плаќањето за алкохолните пијалоци и тутунските производи, за кои истото се врши преку купување на акцизни марки.

Во Европската Унија, не постои обврска за усогласување на сите видови на даноци, а онаму каде што постои усогласување, ги координира даночните системи на земјите-членки за да се избегнат националните даночни мерки кои негативно би влијаеле на функционирањето на европскиот внатрешен пазар.

Обврска за усогласување, постои во делот на индиректните даноци, ДДВ  каде што стандардната стапка не треба да биде пониска од 15%, и акцизите, односно за категории како што се енергијата, тутунските производи и алкохолните пијалоци. Кај директното оданочување, ги опфаќа само некои од аспектите на приходите од заштеди на физичките лица и данокот на добивка.

Околу соработката на ова поле, Македонија до сега може да се каже дека е умерено подготвена, но постојат неколку полиња на кои треба да се имплементираат некои препораки. Некои од тие препораки се однесуваат на развивањето на нов интегриран систем за даночно управување со информатичката технологија за службата за јавни приходи, подобрувањето на  управувањето со ризикот од усогласување и процесот на стратешката реформа на службата за јавни приходи и започнување со подготовка за воведување на механизам за ефективно спроведување на автоматска размена на информации за финансиски сметки со земјите-членки на Европската Унија.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.