Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Енергија15

Главните цели на политиката која што се занимава со енергијата вклучуваат подобрување на конкурентноста, безбедноста при снабдувањето со енергија и заштита на животната средина. Енергетското законодавство поседува правила и одредби кои се насочени кон конкуренцијата и државната помош, кадe што е вклучен и секторот за јаглен, внатрешниот пазар на енергија или отворање на пазарите на електрична енергија и гас, како и промовирање на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија и нуклеарна безбедност, а со тоа и заштита од зрачење. 

Како главни може да се издвојат три принципи на политиката за енергија: 

  • Конкурентност  
  • Безбедност на снабдувањето  
  • Одржливост  

Главна цел на Европската Унија е да воспостави рамнотежа помеѓу овие цели преку политиките кои ги воспоставува за енергијата.  

Договорот за функционирање ТФЕУ (Treaty on the Functioning of the European Union) ја сочинува правната основа на енергетската политика на ЕУ и ја утврдува енергијата како област на заедничка одговорност помеѓу Унијата и земјите-членки. Според Член 194 од Договорот, секоја земја-членка има право да одлучува за условите за искористување на сопствените енергетски ресурси, да избира помеѓу различни извори на енергија и да решава за општата структура на своето снабдување со енергија.  

Енергетското законодавство на Европската Унија ја поставува основата за конкурентен, разновиден и исплатлив енергетски пазар. Развивањето на одржливите енергетски политики со цел да се одговори на предизвиците на климатските промени е една од главните компоненти на енергетската политика. На 25 февруари 2015 година беше објавена „Рамковна стратегија за флексибилна енергетска унија со напредна политика за климатските промени”, со цел да се реформира и реорганизира енергетската политика на Европа во нова европска енергетска унија. 

Стратегијата има 5 меѓусебно зајакнувачки и тесно поврзани аспекти кои се дизајнирани да донесат поголема енергетска безбедност, одржливост и конкурентност. Енергетската ефикасност придонесува за умереност на побарувачката, декарбонизацијата на економијата и истражување, иновации и конкурентност. 

Еден од поважните резултати на „Рамковната стратегија на енергетската унија“ беше објавувањето на пакетот Чиста енергија за сите Европејцина 30 ноември 2016 година со цел да продолжат да се спроведуваат напорите за глобална енергетска транзиција, по ратификацијата на Парискиот договор од страна на Европската Унија.  

Европската Унија ја реформираше рамката за енергетска политика во 2019 година, согласно законските акти кои беа предложени во Пакетот за чиста енергија, што ги опфаќа прашањата за енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, обликот на пазарот на електрична енергија, безбедноста на снабдувањето со електрична енергија и системот на управување за Енергетската унија. 

Целите за обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност за 2030 година се ажурирани за да се поддржи целта на ЕУ за намалување на емисиите на стакленичките гасови, преземени од Парискиот договор. 

Регулативата за управувањето со Енергетската Унија според Пакетот за чиста енергија е насочена кон создавање на едноставен и транспарентен систем на управување кој поддржува долгорочна сигурност и предвидливост за инвеститорите и овозможува на ЕУ и земјите-членки да работат заедно за да ја постигнат својата цел. Секоја земја е задолжена да поднесува извештај за напредок на секои две години.  

Во 2019 година, Европската комисија го објави „Европскиот зелен договор” (European Green Deal), кој ја постави целта – Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Во согласност со оваа стратегија, Европската Унија влезе во период на длабока транзиција на преобликување на нејзината економија. 

Декарбонизацијата на енергетскиот систем кој е одговорен за 75% од емисиите на стакленичките гасови во ЕУ е во јадрото на оваа транзиција. 

За целите на политиката за енергија, од 2020 година беа усвоени неколку важни документи: 

  • Стратегијата за водород 
  • Стратегија за бран за обнова на Европа – позеленување на нашите згради, создавање работни места, подобрување на животот 
  • Стратегијата за метан 
  • Стратегијата на офшор обновливи извори на енергија 
  • Стратегија за интеграција на енергетските системи  
  • Стратегијата за соларна енергија 
  • Европскиот акциски план за енергија од ветер   
  • Акциониот план за мрежи  
  • Европски закон за климата – ги утврдува целите на ЕУ таа да стане климатски неутрална до 2050 година и средна цел за намалувањето на нето емисии на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година, споредено со нивото од 1990 година 

Пакетот законски предлози наречен „Соодветно за 55” (Fit-for-55) беше претставен од Европската комисија на 14 јули 2021 година и 15 декември 2021 година во две серии со цел да се усогласи регулаторната рамка за енергија и клима на ЕУ со предвината цел. 

Во рамките на Пакетот се работеше за ревизија на клучните законодавства на ЕУ поврзани со климата и енергијата, што ги вклучуваше Директивата за обновливи извори на енергија, Директивата за енергетската ефикасност, Директивата за оданочување на енергијата, Директивата за енергетските перформанси на зградите, Директивата за гас и Регулативата за гас. 

Следствено на тоа, како главни цели до 2030 година се наведува  минималното учество од 42,5 проценти на обновливите извори на енергија во потрошената електрична енергија, со цел да се достигнат 45 проценти, како и да се намали крајната потрошувачката на енергија на ниво на Европската Унија за 11,7 проценти. 

Според последниот извештај на Европската Комисија, Македонија е умерено подготвена во областа на енергетиката. Постигнат е одреден напредок во регионалните интерконекции за гас и обновлива енергија, со инвестиции во соларни електрани. Препорака за Македонија е да ја забрза транзицијата кон зелената енергија и да ја намали својата зависност од гас и јаглен. 

Земјата најмногу треба да се фокусира на: 

  • Обезбедување кохерентна енергетска политика 
  • Подобрување на управувањето и институционалниот капацитет во енергетскиот сектор 
  • Подобрување на стратешкото инвестициско програмирање  
  • Забрзување на транзицијата кон зелената енергија во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и националната енергетска стратегија 
  • Ажурирање и спроведување на националниот енергетски и климатски план, во согласност со климатските и енергетските цели на Енергетската заедница за 2030 година 
  • Усвојување и имплементација на законодавството за спроведување на енергетската ефикасност 
  • Финиширање на сертификацијата на операторите на системите за пренос на гас и да поттикнување на развој на пазарот и интеграција на регионалната пазар 

Владата на РС Македонија има усвоено „Национален енергетски акциски план“ во декември 2022 година во кој се содржани мерки за ублажување на социо-економското влијание на енергетската криза во Македонија. Освен тоа, има направено и преглед на стратешката, институционалната и законодавната рамка на енергетскиот сектор. Акцискиот план ја формираше основата за политички дијалог за Пакетот за енергетска поддршка од ЕУ од 80 милиони евра.  

Но, и покрај тоа, земјата треба да го зголеми својот административен капацитет за справување со енергетската политика, стратешкото планирање и инвестициите во енергетскиот сектор. 

Во областа на безбедноста со снабдување, енергетските кризи ја покажаа зависноста на земјата од јаглен – термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ работеа на јаглен од ограничени домашни ресурси и увоз, со што се потврдува потребата кон што побрза транзиција на земјата кон зелената енергија.   

Агенцијата за задолжителни нафтни резерви усвои „Акциски план 2023-2025 година за формирање задолжителни резерви”, за ослободување на залихите во случај ако има вонредна состојба. Постојните залихи на нафта се еднакви на најмалку 53 дена просечна дневна потрошувачка.  

Кога се работи за внатрешниот пазар на енергија, националната законодавна рамка е во согласност со третиот енергетски пакет на Европската Унија за гас и електрична енергија, а пазарите на електрична енергија и гас во земјата се отворени за конкуренција. Но, се уште се чека на транспонирање и имплементација на новиот усвоен пакет за интеграција на енергетскиот систем.  

Усвоени се измените на Законот за енергетика со кои се транспонира Регулативата за интегритет и транспарентност на пазарот на енергија на големо. Пристапот на трети лица до инфраструктурата за природен гас е во согласност со правото на ЕУ, но транспарентноста е тоа што и фали на Македонија и треба да се подобри. 

Кога се работи за изградбата на гасоводот помеѓу Скопје, Тетово и Гостивар може да се каже дека напредува, исто како и тендерската постапка за доделување на јавно приватно партнерство за систем на дистрибуција на гас. 

Високите цени на гас се целосно дерегулирани, но, сепак пазарот останува неликвиден, Сите договори се склучуваат билатерално, на месечна и годишна основа. Регулаторната комисија за енергетика е функционална и продолжува да демонстрира регулаторна независност. Комисијата за заштита на конкуренцијата спроведе истрага за продажба на електрична енергија на универзалната компанија за снабдување. Државниот завод за ревизија изврши повеќе ревизии во врска со енергетските кризи и операторите, о забелешка дека операторот на електропреносниот систем мора да биде повеќе свртен кон наодите на ревизорските извештаи за 2016 и 2023 година и да го подобри своето работење. 

Во секторот на нафта и природниот гас, останува дека треба да се усогласи Законот за минерални суровини со Директивата за лиценцирање на нафтата и природниот гас. 

За обновливата енергија, Директивата за обновлива енергија останува да биде транспонирана. Изменетиот Закон за енергетика го прави усвојувањето на Националниот план за енергетска ефикасност законска обврска за земјата, што го заменува Акцискиот план за обновливи извори на енергија.  

Инвестициите во хидроенергија треба да бидат усогласени со релевантното законодавство за животна средина. Треба да се промовира оптимизирање на услугите за балансирање и инвестиции во преносот на енергијата и нејизното складирање за да се подобри интеграцијата на обновливите извори на енергија во мрежата. Како неопходна се смета надградбата на мрежниот систем. Ограничувањето на капацитетот по тип на технологија за обновлива енергија треба да се отстрани за да се овозможи постигнување на целите за обновлива енергија за 2025 година. 

Законот за енергетска ефикасност е усогласен со Директивата за енергетска ефикасност и Директивата за енергетски карактеристики на зградите. Според последните измени на Директивата за енергетска ефикасност, во тек е ажурирањето на Законот за енергатска ефикасност. Имплементацијата на сегашното законодавство не е подобрена. Барањата за сертификација за енергетски карактеристики на згради не се применуваат според законската регулатива. Исто така, во тек е формирање на структура на Фондот за енергетска ефикасност, општините се охрабрени да преземат чекори за целосно почитување на нивните обврски за развој и спроведување на програми за енергетска ефикасност. 

За нуклеарната енергија, како и безбедноста и радијационата заштита, Македонија ги има ратификувано релевантните меѓународни конвенции и е полноправна членка на Системот за итна размена на радиолошки информации на Европската заедница. Се уште постојат некои пропусти, како, на пример, отсуство на долгорочно и безбедно складирање на радиоактивен отпад. Треба да го зајакне капацитетот на Дирекцијата за радијациона сигурност.  

По пристапувањето во Европската Унија, во однос на нуклеарните мерки за заштита, постојните системи за сметководство и контрола на нуклеарни материјали во Македонија треба да се прилагодат за да се приспособат на заштитните одредби од Договорот за Евроатом.