Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Слобода на движење и капитал04

Слободното движење на капитал меѓу земјите членки на ЕУ е една од четирите основни слободи на единствениот европски пазар и е од голема важност за граѓаните и претставува можност за реализација на многу бизнис активности во странство без некои отежнувања и ограничувања.

  • За граѓаните, тие операции вклучуваат отварање на банкарски сметки, купување на акции во странски фирми, вложување каде што постои најголем процент на поврат на инвестицијата и купување на недвижности.
  • За фирмите и компаниите, ова претставува можност за инвестиции во сопствените и во други компании во земјите членки на ЕУ, и секако, активно учествување во нивното управување и работење.

Од развивањето на монетарната и економската унија и од стапувањето на Договорот од  Мастрихт на сила, слободата на движењето на капиталот бележи голем скок.

Овој договор овозможи забрана за сите ограничувања на движењето на капиталот и исплатите во земјите-членки на Европската Унија, но и кон трети земји. Секоја земја која што пристапува кон ЕУ е обврзана да ги отстрани бариерите и пречките кои постојат за слободното движење на капиталот.

Законодавството во овој сектор се темели на Договорот за функционирање на Европската Унија, најмногу на членовите од Договорот со кои се регулираат различните видови на движењето на капиталот.

Според дефиницијата за слободното движење на капиталот, може да се констатира дека тоа опфаќа:

  • Странски директни инвестиции
  • Инвестиции во недвижности
  • Купување инвестиции во хартии од вредност (акции, обврзници, сметки, доверби за уделби)
  • Доделување на заеми, кредити
  • Операции со финансиски институции (вклучувајќи и операции со личен капитал)

Постојат само некои ограничувања помеѓу ЕУ и трети земји, а тоа се должи на оданочувањето, јавната политика, супервизијата, перењето пари и финансиските санкции кои се во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика.

  • На почетокот, првите мерки на заедницата биле ограничени во поглед на опсегот. Договорот од Рим од 1957 година предвидел укинување на ограничувањата само колку што е потребно за да опстои функционирањето на заедничкиот пазар.
  • Првата Директива од 1960 година е брзо изменета, со што се укинале ограничувањата за комерцијалните и приватните движења на капиталот, купувањето на недвижности, краткорочното или среднорочното кредитирање за комерцијални трансакции и купувањето на хартии од вредност употребливи за трговија на берзата.
  • Германија и земјите од Бенелукс (Белгија, Холандија, Луксембург) воведоа унилатерални национални мерки со кои ги укинаа сите ограничувања на движењето на капиталот.
  • Движењето на капиталот целосно се ослободи со Директивата на Советот на ЕУ во 1988 година која ги укина сите ограничувања кои биле до тогаш употребувани, но важеле само за размена помеѓу жителите на земјите-членки.
  • Договорот од Мастрихт го воведе слободното движење на капиталот, преку кој се забранија сите ограничувања на движењето на капитал и плаќања помеѓу земјите-членки, исто како и помеѓу земјите-членки и трети земји. Во случаи кога земјите-членки неоправдано го ограничуваат слободното движење на капиталот, се применува посебна постапка за прекршување.
  • Исклучоци постојат кога движењето на капиталот е поврзано со трети земји. Најчесто се користат мерки, определени од Советот на ЕУ и Европскиот Парламент:
  • Спречување на прекршување на националното законодавство
  • Процедури за декларирање на движењето на капиталот за административни или статистички цели
  • Оправдани врз основа на јавната политика или безбедност
  • Постојат и програми кои го заштитуваат платниот биланс и мерки кои се користат во случај на криза. Оваа програма е достапна само за земјите-членки кои се наоѓаат надвор од еврозоната.
  • Директивата за платежни услуги ја обезбедува правната основа за сите платежни услуги во Европската Унија, за прекуграничните плаќања да бидат поедноставни, поефикасни и посигурни и да се намалат трошоците преку поголема конкуренција преку отварање на пазарите на плаќања за нови учесници, вклучувајќи ги и интернет и мобилните услуги.
  • Слободното движење на капиталот е ограничено во однос на економските санкции наметнати против Русија по нејзината инвазија на Украина.

Целите на слободното движење на капиталот е да бидат укинати сите ограничувања меѓу земјите-членки и трети земји, со некои исклучоци во некои околности.

Слободното движење на капиталот е основата на единствениот пазар и ги надополнува другите три слободи (слободно движење на луѓе, стоки, услуги).

Правната рамка за слободното движење на капиталот вклучува:

  • Одредби од договорите
  • Протоколи и декларации
  • Мерки дадени со актите за пристапување кон новите земји-членки

Како најважно од се, е неговиот придонес за економскиот раст преку тоа што овозможува ефикасно да се инвестира капиталот и ја промовира употребата на еврото како меѓународна валута. Секако, тоа беше и клучно за развојот на економската и монетарната унија, како и воведувањето на еврото.

Поглавјето 4 ги содржи правилата кои се однесуваат на прекугранините плаќања и извршување на налози за трансфер на хартиите од вредност. Директивата за борба против перењето на пари и финансирањето на тероризмот бара да се идентификуваат клиентите и да се поднесуваат известувања за некои трансакции во банките и економските оператори.

  • Република Македонија е умерено подготвена во повеќето области кои ги опфаќа Кластерот 2 кои ги опфаќа слободното движење на стоки, услуги, како и слободното движење на капиталот. Сепак најголем напредок Македонија бележи токму во слободното движење на капиталот, а и се препорачува од Европската комисија за посветување на поголемо внимание на слободното движење на стоки и слободното движење на работна сила.

 

  • Поглавјето 4 предвидува мерки за подобрување на функционирањето на домашниот платен систем и подготовка на земјата за вклучување на во единствената монетарна Унија, поради што клучно е јакнењето на стабилноста на финансискиот систем со цел спречување на перење на пари и финансирање на тероризам. Тоа предвидува имплемнтација на европското законодавство со кое с регулира движења на капитал и исплати, законодавството за платниот систем и за спречување на перење пари.

 

  • Мерките кои Македонија ги има воспоставено на ова поле се во поглед на откривањето на непознати и сомнителни извори на пари и постигна напредок со имплементацијата на стратегијата во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризам. Донесувањето на новата законска легислатива во сфера на платниот систем треба да обезбеди либерализација на пазарот и влез на нови даватели на платежни услуги. Исто така, се предвидува и воведување на нови платежни услуги како што се услугите за иницирање на плаќање и услуги за давање информации за платежни сметки.

Имплемнтацијата на овие мерки во насока на отстранување на ограничувањата за слободното движење на капиталот ќе овозможат многу придобивки. Создавањето на единствениот пазар ќе овозможи големи придобивки за граѓаните и компаниите, со што тие ќе можат да работат поефикасно, ќе се зголеми конкуренцијата на пазарот и ќе им понуди на потрошувачите поголем избор на стоки и услуги за пониски цени.

 

  • Република Македонија има потпишано Договор за стабилизација и асоцијација (ССА) со Европската Унија. Со овој договор се овозможува производите од Македонија да влегуваат во ЕУ без царина, исто како и намалување на царинските стапки за производите кои од ЕУ влегуваат во Македонија. Особено со втората фаза од спогодбата во 2019 година, се обезбедија послободни капитални финансиски трансакции. Некои ограничувања кои останаа се забраната за отварање на сметки на правни и физички лица во странски банки и забраната за стекнување на земјоделско земјиште во Македонија од страна на нерезиденти на државата.

 

  • Република Македонија станала членка на Средноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2006 година. Овој договор е воспоставен за да успеат да се опфатат сите Балкански држави кои не се членки на Европската Унија и во него покрај Македонија, члнеуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Молдавија.

 

  • Договор за стабилизација и асоцијација на ЕФТА со Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, со кој се опфаќа слободната трговија на индустриски производи, риба и морски производи. Склучени се и билатерални договори помеѓу земјите од ЕФТА и Македонија на земјоделското поле. Договорот предвидува елиминирање на царинските трошоци и трговските бариери (правила на конкуренција, заштита на интелектуална сопственост, јавни набавки, државните монополи, државната помош, плаќањата и трансферите).

 

  • Понатаму, Македонија има потпишано договори и со Турција и Украина за слободна трговија (ДСТ)

 

  • Македонија, заедно со Србија и Албанија го обновија и подготвија предлогот „мини-шенген”, кој би требало да значи отворен Балкан, поптишан на на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржа во јули 2021 година во Скопје. Со овој договор се олеснати увозот и извозот на стоки и полесен е пристапот до пазарот на трудот.

 

  • Некои од дадените препораки за Западниот Балкан се однесуваат на формирање на заедничка слободна економска зона, со која секоја земја ќе треба да дефинира дејности и индустрии кои се компаративна предност за секоја од земјите, се со цел да се основаат фирми во рамките на зоната, промовирање на компаниите за да се зголемат инвестициите на една во друга земја, да се воспостават даночни олеснувања за фирмите кои се основани во рамките на зоната и вработување на лица од сите земји во било која од фирмите кои се основани на територија на слободната економска зона.

 

  • Некои од дадените препораки, за зајакнување на ова поле се во однос на продолжување на усогласувањето на домашната регулатива со законодавството на Европската Унија, донесување на нов закон за платежни услуги и платни системи, унапредување на законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, обезбедување на систематско спроведување на финансиски истраги во кривични случаи, продолжување на активностите за законско уредување на виртуелните валути и продолжување на либерализацијата на капитално-финансиските текови.