Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Европски интеграции (Што е ЕУ?/ Историски развој)

Краток преглед на процесот на Европските интеграции

Од Париз до Лисабон, преку Рим, Мастрихт, Амстердам и Ница

Чекорите кон обединување на Европа по Втората светска војна создадоа збунувачка мешавина на сложени организации, чиј развој е тешко да се види. На пример, ОECD (Организација за економска соработка и развој), НАТО (Организација на Северноатлантскиот договор),  Советот на Европа и Европската Унија, чијашто работа не е директно поврзана. Оваа разновидност на организации зазема големо значење кога ќе ги земеме предвид нивните специфични цели. Според тоа, организациите може да се поделат во три главни групи.

Евроатлантските организации излегоа од сојузите на Соединетите држави на Америка и Европа по Втората светска војна. Не случајно е дека првата повоена европска организација, ОЕЕC (Организација за европска економска соработка), основана во 1948 година, е создадена на иницијатива на Соединетите Американски Држави. Тогашниот државен секретар на САД, Џорџ Маршал, во 1947 година ги повика европските земји да ги здружат силите во економската реконструкција и вети помош од САД. Ова дојде во форма на Маршаловиот план, кој ја формираше основата за брза обнова на Западна Европа. Најпрво, главната цел на ОЕЕC беше да се либерализира трговијата меѓу државите. Кога САД и Канада им се придружија во 1960 година, се додаде друга цел, имено да се промовира економскиот напредок во државите од третиот свет преку помош за развој. ОЕEC тогаш стана ОЕCD (Организација за економска соработка и развој), која денес има 35 земји членки.

НАТО е основано во 1949 година како воен сојуз со Соединетите држави и Канада. Неговата цел е заедничка одбрана и заедничка поддршка. Беше замислено како дел од глобалниот безбедносен појас што ќе го ограничи советското влијание. По падот на железната завеса во 1989 година и распадот на Советскиот Сојуз, организацијата сè повеќе ја презема задачата за управување со кризата и промовирање на стабилноста. НАТО има 29 држави-членки, вклучително и 22 земји членки на ЕУ (сите освен Австрија, Шведска, Финска, Ирска, Малта и Кипар) и Соединетите држави, Канада, Турција, Норвешка, Исланд, Црна Гора Албанија. За да се зајакне безбедносната соработка меѓу европските земји, Западноевропската унија (WEU) беше формирана во 1954 година, што значеше почеток на безбедносна и одбранбена политика во Европа. Сепак, неговата улога не се развива понатаму бидејќи повеќето негови овластувања беа префрлени на други меѓународни институции, особено во НАТО, Советот на Европа и ЕУ. Затоа, WEU престана да постои на 30 јуни 2011 година.

Заедничка карактеристика на втората група на европски организации е што тие се така структурирани да овозможат учество на што повеќе земји.  Меѓу овие организации е и Советот на Европа. Основана е како политичка институција на 5 мај 1949 година и денес има 47 членки, вклучително и сите сегашни држави-членки на ЕУ. Во статутот на Советот не се споменува стремежот да се создаде федерација или унија, ниту пак се предвидува трансфер или спојување на суверени права. Сите важни прашања мора да бидат решени едногласно, што значи дека секоја држава има право на вето. Според тоа, Советот на Европа е создаден исклучиво за меѓународна соработка.

Советот на Европа усвои многу конвенции во областа на економијата, културата, социјалната политика и правото. Најважната и најпозната од нив е Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) од 4 ноември 1950 година. Сите 47 членки на Советот сега се членки на Конвенцијата. Конвенцијата не само што пропишува минимален стандард за заштита на човековите права за државите-членки, туку исто така воспоставува систем на правна заштита што им овозможува на телата основани во Стразбур според Конвенцијата (Европската комисија за човекови права и Европскиот суд за човекови права) да ги осудат кршењето на човековите права во државите-членки.

Организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ/OSCE), основана во 1994 година како наследник на Конференцијата за европска безбедност и соработка (CЕSS/КЕБС), припаѓа на оваа група на организации. ОБСЕ, на која досега и се придружија 57 земји, е обврзана со принципите и целите утврдени со Завршниот акт од 1975 година во Хелсинки и Париската повелба од 1990 година. Покрај мерките за градење доверба меѓу европските земји, овие цели вклучуваат и создавање „мрежа за заштита“ за да можат конфликтите мирно да се решаваат.

Третата група на европски организации припаѓа на Европската унија (ЕУ). Она што е целосно ново во Европската унија и што го издвојува од вообичаените меѓународни здруженија на држави, е дека, државите-членки и отстапија дел од својот суверенитет и ја делегираа моќта да дејствува независно. Во остварувањето на овие овластувања, ЕУ може да донесе европско законодавство, кое има иста сила како и националните закони. Камен-темелникот на Европската унија беше поставен од тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, во Декларацијата од 9 мај 1950 година, во која се опишува планот што тој го подготвил со Жан Моне за интегрирање на европската индустрија за јаглен и челик во Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ). При таа прилика Шуман изјавил дека планот ќе биде историска иницијатива за „организирана и живописна Европа, која е „неопходна за цивилизацијата“ и без која „мирот во светот не може да се одржи“.

Планот на Шуман конечно се реализира со Договорот за основање на Европската заедница за јаглен и челик, потпишан од шесте основачки држави (Белгија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија и Германија) на 18 април 1951 година во Париз (Париски договор), а стапил во сила на 23 јули 1952 година. ЕЗЈЧ (на анг. European Community for steel and coal-ЕCSC) e основана за период од 50 години и по истекувањето на договорот 23 јули 2002 година се „интегрира“ во Европската заедница. Неколку години подоцна, на 25 март 1957 година истите држави ги потпишуваат Договорите од Рим, формирајќи ја Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (ЕАЕC или Евроатом). Заедниците стануваат оперативни со влегувањето во сила на Договорот на 1 јануари 1958 година.

Создавањето на Европската унија со Договорот од Мастрихт беше понатамошен чекор на патот кон политичкото обединување на Европа. Договорот е потпишан во Мастрихт на 7 февруари 1992 година, но заради низа пречки во процесот на ратификување (Данците го одобруваат дури по вториот референдум; во Германија е поднесена уставна тужба против согласноста на Собранието со договорот) стапува во сила на 1 Ноември 1993 година. Самиот договор декларира дека тој претставува „нова фаза во процесот на создавање на поблиски врски меѓу народите во Европа“. Договорот го содржел инструментот за основање на Европската унија, но без да го заврши овој процес. Европската унија не ги замени Европските заедници, туку тие беа ставени под истиот покрив со нови политики и форми на соработка. Така се создадоа „трите столба“ на кои е изградена Европската унија. Првиот столб се состоеше од Европските заедници: ЕЕЗ (кој беше преименувана во ЕЗ-Европски заедници), ЕЗЈЧ (до 2002 година) и Евроатом. Вториот столб се состоеше од соработка на државите-членки во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика. Третиот столб ја вклучуваше нивната соработка во областа на правдата и внатрешните работи.

Понатамошните случувања се во форма на Договорот од Амстердам 1997 и Ница 2001, кои стапија во сила на 1 мај 1999 година и 1 февруари 2003 година. Овие реформи се обидоа да го зачуваат капацитетот на Европската унија за дејствување, дури и во Унија, проширена на уште многу нови членки. Затоа, овие два договори се фокусираа на институционалните реформи. Споредено со претходните реформи, политичката волја за продлабочување на процесот на европска интеграција беше релативно слаба.

Последователните критики предизвикаа дебата за иднината на Европската унија и нејзината институционална поставеност. Поради оваа причина, на 5 декември 2001 година во Лаекен (Белгија) шефовите на држави или влади ја усвоија Декларацијата за иднината на Европската унија, во која Европската унија вети дека ќе стане подемократска, транспарентна и ефективна и ќе го отвори патот за усвојување на уставот. Првиот чекор кон постигнување на оваа цел беше создавање на Европска конвенција, на која и била доверена задачата да изготви Европски устав. Со конвенцијата претседавал поранешниот француски претседател Valéry Giscard d’Estaing (Валери Жискар д‘Естeн). Нацрт „Договорот за воспоставување на Устав за Европа”, подготвен од Конвенцијата, е официјално доставен до Претседателот на Европскиот совет на 18 јули 2003 година и изменет и дополнет од шефовите на држави или влади на 17 и 18 јули 2004 година во Брисел.

Според Уставот, Европската унија и Европската заедница требаше да се претворат во нова, обединета Европска унија заснована на единствен уставен договор. Само Европската заедница за атомска енергија ќе продолжи да постои како посебна заедница, но ќе остане тесно поврзана со новата Европска унија. Сепак, обидот да се донесе устав не успеа во процесот на ратификување во државите-членки. Откако првично беше потврден од 13 од тогашните 25 држави-членки, Договорот беше отфрлен на референдуми во Франција (54,68% наспроти 69,34%) и Холандија (61,7% наспроти 63%) .

После период на рефлексија од скоро две години, беше воведен нов реформски пакет во првата половина на 2007 година. Овој пакет беше формално напуштање на идејата за европски устав што ќе ги отповика сите постојни договори и ќе ги замени со еден текст наречен „Договор за основање на Устав за Европа“. Наместо тоа, беше подготвен Договор за реформа, кој, како и Договорите за Мастрихт, Амстердам и Ница, воведе фундаментални промени во постојните договори на ЕУ за зајакнување на можноста ЕУ да дејствува внатре и надвор од Европа, да го зголеми нејзиниот демократски легитимитет и да се подобри ефективноста на целокупното работење. Во согласност со традицијата, овој Договор за реформа е именуван по местото каде е потпишан: Договорот од Лисабон. Нацрт-договорот беше подготвен со извонредно брзо темпо, особено затоа што шефовите на држави или влади, во своите заклучоци на Европскиот совет во Брисел од 21 и 22 јуни 2007 година, детално опишаа како и до кој степен измените договорени во Договорот за реформи ќе бидат инкорпорирани во постојните договори. Нивниот пристап беше невообичаен затоа што тие не се ограничија на тоа да дадат општи упатства кои потоа, како што е вообичаено, ќе се имплементираат од Меѓувладина конференција, туку самите ја определија структурата и содржината на потребните измени, па дури и директно формулираа многу одредби.

Главните точки на расправање беа демаркацијата на надлежностите помеѓу Унијата и државите-членки, иднината на заедничката надворешна и безбедносна политика, новата улога на националните парламенти во процесот на интеграција, вметнувањето на Повелбата за основни права на ЕУ во правото на Унијата и можноста за напредок во полициската и судската соработка во кривични прашања. Затоа, Меѓувладината конференција, свикана во 2007 година, имаше многу малку простор за маневрирање и беше овластена само да ги спроведе потребните измени на технички начин. Меѓувладината конференција се затвори до 18 и 19 октомври 2007 година и беше политички одобрена од Европскиот совет, кој исто така се состана неформално во Лисабон.

Договорот беше конечно потпишан од шефовите на држави или влади на тогашните 27 држави-членки на ЕУ (Хрватска се приклучи кон ЕУ во 2013 година) на 13 декември 2007 година во Лисабон. Сепак, процесот на ратификација, исто така, се покажа како исклучително тежок. Иако Договорот од Лисабон, за разлика од Договорот за воспоставување Устав за Европа, беше успешно ратификуван во Франција и Холандија, тој првично пропадна на првиот референдум во Ирска на 12 јуни 2008 година (53,4% од гласовите против, со излезност од 53,1% ). Само по одредени законски гаранции во врска со (ограничениот) опсег на новиот договор, ирските граѓани се поканети да гласаат за Договорот од Лисабон на втор референдум во октомври 2009 година.

Овој пат, Договорот доби поголема поддршка од ирскиот народ (67,1% од гласовите „за“, со излезност од 59%). Успехот на референдумот во Ирска ја отвори вратата за ратификување на Договорот од Лисабон во Полска и Чешка. Во Полска, претседателот Kaczyński (Кашчински) го услови потпишувањето на инструментот за ратификација со поволен исход на ирскиот референдум. Претседателот на Чешка, Václav Klaus (Вацлав Клаус), исто така, прво сакаше да ги почека резултатите од ирскиот референдум, но потоа дополнително го услови потпишувањето на инструментот за ратификација со гарантирање дека Договорот од Лисабон, а особено Повелбата за основни права, инкорпорирана во Договорот на ЕУ, нема да влијае на „Бенешoвите Декрети“ од 1945 година, што спречи враќање на земјиштето во Чешка, кое претходно и припаѓало на Германија. Кога се најде решение за ова барање, чешкиот претседател го потпиша инструментот за ратификација на 3 ноември 2009 година.

Со ова, процесот на ратификација беше успешно завршен и Договорот од Лисабон на 1 декември 2009 година можеше да стапи во сила. Со Договорот од Лисабон, Европската унија и Европската заедница се спојуваат во единствена Европска унија. Зборот „Заедница“ секаде се заменува со „Унија“. Унијата ја заменува и наследува Европската заедница. Сепак, следните три договори продолжуваат да го формираат правото на Унијата:

Договори на ЕУ кои се на сила

Договорот за Европската Унија (Договор на ЕУ – ДЕУ) е поделен на следниве шест поглавја: Заеднички одредби (I), одредби за демократски принципи (II), одредби кои управуваат со институциите (III), одредби за засилена соработка (IV), Општи одредби за надворешното дејствување на Унијата и посебните одредби за заедничката надворешна и безбедносна политика (V) и Конечни одредби (VI).

Договорот за функционирање на Европската унија (ДФЕУ) е произлезен од Договорот за основање на Европската заедница и во голема мерка ја следи нејзината структура. Најважните промени се однесуваат на надворешното дејствување на ЕУ и воведувањето нови поглавја, особено за енергетската политика, полициската и судската соработка во областа на криминалот, просторот, спортот и туризмот.

Договорот за основање на Европската заедница за атомска енергија (Договор за Евроатом) е изменет само во одредени точки. Сите индивидуални измени се направени во Протоколите кои претставуваат Анекси на Договорот од Лисабон.

ДЕУ и ДФЕУ имаат ист правен статус и ниту едниот не е супериорен или потчинет на другиот. Ваквото експлицитно правно разјаснување е неопходно затоа што степенот на регулација и во Договорите и со новиот наслов на претходниот Договор на ЕК (Договор за функционирање на ЕУ) о ставаат впечаток дека ДЕУ е устав или фундаментален договор и дека ДФЕУ е наменета како договор за спроведување. ДЕУ и ДФЕУ не се уставни договори по својата природа. Термините користени во договорите упатуваат на оваа промена на пристапот од претходниот нацрт устав: терминот „устав“ повеќе не се користи, „министер за надворешни работи на ЕУ“ се нарекува „висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика“ и дефиниции „Закон“ и „рамковен закон“ се исклучени. До полнетите договори не содржат ниту членови што се однесуваат на симболите на ЕУ, како знамето или химната. Преовладувањето на правото на ЕУ не е јасно утврдено во ниту еден договор, но, како и досега, се изведува од изјавата која произлегува на судската пракса на Судот на правдата на Европската унија за прашањето на надреденоста (супремацијата).

Договорот од Лисабон, исто така, ги напушта „трите столба“ на ЕУ. Сепак, специфичните процедури остануваат во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и европската одбрана. Декларациите на Меѓувладината конференција кои се приклучени како анекси на Договорот ја потенцираат специфичната природа на оваа област на политики и индивидуалната одговорност на државите-членки во овој поглед.

Европската унија денес има 28 држави-членки. Како прво, постојат шест земји основачки, имено Белгија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија и Германија (вклучувајќи ја и поранешната државна територија на ДДР (Германска Демократска Република), по обединувањето на двете Германии на 3 октомври 1990 година). Данска (сега без Гренланд, кој со референдум во февруари 1982 година тесно се изјасни дека не сака да остане во Европската Заедница), Ирска и Велика Британија се приклучија на Заедницата на 1 јануари 1973 година. Во Норвешка, планираниот пристап беше одбиен на референдумот во октомври 1972 година (со 53,5% од гласовите против членството во ЕК). „Проширувањето на југ“ започна на 1 јануари 1981 година со пристапувањето на Грција и беше завршено на 1 јануари 1986 година со пристапувањето на Шпанија и Португалија. Во следното проширување на 1 јануари 1995 година, Австрија, Финска и Шведска влегоа во ЕУ. Норвешкиот референдум заврши со ист исход како и пред 22 години. Тесно мнозинство (52,4%) гласаа против членството на Норвешка во ЕУ. Балтичките држави на Естонија, Латвија и Литванија, источноевропските и централноевропските земји на Чешка, Унгарија, Полска, Словенија и Словачка и двете медитерански островски држави Кипар и Малта влегоа во ЕУ на 1 мај 2004 година. Само малку повеќе од две години подоцна, проширувањето продолжи на Исток со пристапувањето на Бугарија и Романија на 1 јануари 2007 година. Последна држава која се приклучи кон ЕУ на 1 јуни 2013 год. како 28 членка беше Хрватска. На 31.јанури 2020 во 00:00 часот од Унијата за прв пат истапи една држава -членка и Унијата сега повторно има 27 држави членки.

Времеплов на ЕУ