Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

ЕУ бара решавање на заканите врз новинари, бројот на напади намален

Автор: Габриела Лескова

Извор на фотографија: Image by Engin Akyurt from Pixabay.

Низ годините, статистиките на новинарските здруженија бележат повеќе случаи на повреда на правото на новинарите во државата. Некои биле физички нападнати, други вербално, а трети, најчесто жени-новинарки биле мета и на онлајн вознемирување. Дел од медиумските работници се охрабруваат да ги пријават нападите, други решаваат ваквите проблеми да ги стават под „тепих“, а најчесто поради тоа што не веруваат дека нивниот случај би добил институционална разрешница.

Во ланскиот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат објавен од Европската комисија (ЕК) се наведува дека во 2024 година С. Македонија треба да продолжи навремено да ги решава сите случаи на закани и насилни дејства врз новинарите и да осигури сторителите да бидат казнети.

ЕК и забелешките за слободата на изразување

Подготвеноста на С. Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво во областа на слободата на изразување, нотира минатогодишниот Извештај на Европската комисија, при што се наведува оти во 2023 година бил постигнат ограничен напредок.

„Општиот контекст за слободата на медиумите е поволен и овозможува критичко медиумско известување. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик и на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го подигна севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Меѓутоа, забележани се голем број напади, закани и одредено заплашување на новинарите“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Извор на фотографија: Сител.

Инаку, слободата на изразување е едно од фундаменталните права за кои Европската комисија врши ригорозна контрола секоја година врз С. Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ, а нотираните забелешки и препораки до македонските власти се вклучени во клучното Поглавје 23, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права.

Во последните години согласно податоците на новинарските здруженија се забележува намалување на бројот на пријавени напади врз новинари во земјава. Од почетокот на годинава, регистриран е само еден физички напад кој бил пријавен до Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), информираат од ЗНМ.

„При земање на изјава од извршителката новинарот физички бил нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката, но и скршен микрофон од неговата опрема“. Ваков е описот на пријавениот физички напад во 2024 година. Новинарот Фуркан Салиу го пријавил нападот и во полиција и во обвинителството.

Извор на фотографија: ЗНМ.

 

Од ЗНМ остро го осудија нападот врз новинарот Фуркан Салиу и побараа институционална разрешница на случајот.

Во билтенот на ЗНМ се регистрирани случаите на повреда на правата на новинарите низ годините. Лани се нотирани пет инциденти на напади врз новинари и медиумски работници, но само еден од нив имал институционална разрешница. Инцидентот резултирал со кривична пријава против 43-годишен жител на Росоман за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење на службено дејствие“.

Во 2022 година се случиле седум напади врз новинари и медиумски работници, додека во 2021 година имало пет регистрирани напади.

Статистиката за 2020 година отскокнува, оти во билтенот на ЗНМ се запишани дури 14 напади врз новинари и медиумски работници. Од нив, голем дел се вербални напади, имало и закани по живот, но и два физички напади.

„Напад врз новинар е напад врз службено лице“

Безбедноста на новинарите во последно време е издигнато на повисоко ниво поради усвоените законски измени, со кои се смета дека нападот врз новинар е напад врз службено лице, па со тоа, казните за напаѓачите се зголемуваат неколкукратно, сметаат експертите.

Во февруари 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, со што се зголеми заштитата на новинарите при вршењето на нивните професионални должности. Основното јавно обвинителство-Скопје (ОЈО-Скопје) назначи обвинител што ќе ги следи постапките што следуваат по нападите врз новинарите.

Овие законски измени беа позитивно оценети и од европската заедница, по што во Извештајот на Европската комисија беа нотирани како позитивен развој на настаните во борбата со имплементација за поголема заштита на новинарите.

„Назначениот јавен обвинител има овластување да ги следи постапките во кои новинарите се јавуваат како оштетени страни, сведоци или пријавени лица при вршење на својата работа. Министерството за внатрешни работи назначи лице за контакт во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, олеснувајќи им на новинарите да пријавуваат инциденти што вклучуваат сајбер насилство и други онлајн закани по нивната безбедност“, стои во Извештајот на ЕК.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во изјава за Евротинк вели дека донесениот закон придонел да се намали бројот на физички напади врз новинарите.

„Во истовреме, тоа придонесе институциите многу побрзо да реагираат, секогаш кога некој новинар ќе биде под закана, односно нападнат, што значи и Министерството за внатрешни работи (МВР) и ОЈО постапуваат по службена должност, нормално со пријава на новинарот. За тоа дека процесот оди многу побрзо имаме и една позитивна судска пресуда“, вели Младен Чадиковски.

Младен Чадиковски; Извор на фотографија: ЗНМ

Усвоените законски измени се врзани со неколку протоколи коишто се донесени со МВР и со ОЈО за постапување секогаш кога ќе се случи напад врз медиумски работници. Исто така, лоцирани се и контакт-точки во МВР, во скопското јавно обвинителство, но и во Тетово, Битола и Штип, каде точно се знае кои обвинители се одговорни за постапување, кога станува збор за напади врз новинари, додава Младен Чадиковски.

„Сето ова доведе до намалување на трендот на напади врз новинарите во изминатите две години и тоа е, би рекол, на задоволително ниво. Но, се разбира дека институциите и понатаму треба да останат будни, како и новинарската заедница, за да може да се превенира каков било напад врз новинар“, додава Чадиковски.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) пак велат дека уште е рано да се оцени колку измените во Кривичниот законик имале придонес во пракса.

 

„Од 2020 до денеска се регистрирани 32 напади, односно повреди на правата на новинарите и медиумските работници во Македонија. Овие се регистрирани по соодветни критериуми, иако постојат уште некои закани, вербални напади кои исто така беа одбележани. Сè уште е рано да се оцени колку измените во Кривичниот закон и заострувањето на казните, како и ставање на новинарите на ниво речиси како службени лица придонесе за намалување на нападите врз новинарите. Сепак, измените на законот се однесуваат на потешки дела, како закани по живот, физички напади, демнење, малтретирање“, изјавија од ССНМ за Евротинк.

И во однос на имплементирањето на препораките од Извештајот на ЕК за нашата држава, од Синдикатот стојат на ставот дека е многу рано да се даде оцена оти досега имаме само еден пример од минатата година каде што имаше брза реакција на институциите по напад врз новинарска екипа, и тоа од обвинителството до судот.

„Но, тоа е премалку за да може да се направи соодветна анализа. Сепак, до сега беше покажана одредена иницијатива од институциите, особено од обвинителството, која се надеваме ќе продолжи во пракса и понатаму“, додаваат од ССНМ.

Во нивните статистики, во последната година е нотиран зголемен број на онлајн напади, особено кон новинарките во земјава.

Институционална соработка за решавање на случаите

Безбедноста на новинарите е еден од врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, децидни се од полицијата.

„МВР и Здружението на новинари на Македонија на крајот на 2017 година потпишаа Меморандум за соработка и од тогаш соработката е на дневна основа. Назначено е и лице за контакт за итни случаи, и тоа сум јас, помошник министер за односи со јавноста – Тони Ангеловски, со цел брза реакција доколку за тоа се јави потреба“, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за Евротинк.

Додава дека во изминатиот месец се одржале голем број работилници и обуки на кои учествувале полициски службеници и новинари, што многу придонело за зголемување на меѓусебната соработка и надминување на бариерите.

„Овие работилници се одржуваа во Скопје, но и во многу други градови во внатрешноста на државата, и како резултат на работилниците, заеднички со Здружението на новинари на Македонија и Мисијата на ОБСЕ од Скопје, изработивме прирачник за безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик“, додава портпаролот на МВР.

„Сето ова, како и посветеноста на Министерството за внатрешни работи во расчистување на оние напади коишто веќе се случиле, придонесе за значително намалување на физичките напади врз новинарите и медиумските работници. Можеме да кажеме дека на ова поле сме далеку најдобри на територија на Западен Балкан“, дециден е Ангеловски.

Тој вели дека огромна придобивка се и измените на Кривичниот законик коишто беа усвоени во февруари 2023 година, а предвидуваат поголема заштита за новинарите и медиумските работници при извршување на нивните професионални работни задачи.

„Ние како МВР постојано дававме поддршка за ваквите измени, а и со своето работење демонстрираме дека нема толеранција за било каков напад врз новинар, затоа што е јасно дека со брза и ефикасна реакција, односно со санкционирање на сторителите се демотивираат други евентуални нови напаѓачи. Она што можеме со гордост да го кажеме е дека тоа е кажано и од новинарите, и од Здружението на новинари на Македонија, дека соработката е на максимално високо ниво, и дека токму ваквото работење ги дава резултатите за да можеме да кажеме дека имаме огромен напредок на ова поле иако се разбира дека во секој случај може да биде подобро, но можеме да кажеме дека на територија на Западен Балкан сме убедливо најдобри“, изјави портпаролот на МВР.

SLAPP тужбите во земјите од Западен Балкан

Една од најголемите закани за слободата на новинарството во земјите од Западен Балкан во 2022 година се токму SLAPP (СЛАПП) тужбите, наведе уште во 2022 година Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинари.

„Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022-ра беше зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи. Неказнивоста сѐ уште е голем проблем, особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа“, нотираат и од ЗНМ за состојбата во 2022 година.

Од Здружението на новинари во Македонија евидентираат зголемен број на вакви тужби против новинари во последните три години.  Во 2021 година биле регистрирани 4 СЛАПП тужби во земјава, а годината потоа биле евидентирани 5 вакви тужби. Лани е регистриран рекорден број од 6 СЛАПП тужби против новинари.

На СЛАПП тужби се изложени сите оние новинари кои укажуваат на пропустите на властите и известуваат за корупцијата и за криминалот. Во декември 2023 година во контекст на темата СЛАПП тужби, ЗНМ публикуваше и анализа, со цел полесно справување на новинарите со овие тужби.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

05/07/2024