Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Фронтекс ја зацврсти македонската граница и го намали протокот на мигранти за една третина

Автор: Михаил Милошевски

 

Изминатата година најчесто обиди за влез во земјава имало од мигранти од Сирија, Мароко, Авганистан, Пакистан и Конго

2015 и 2016 година беа години на неизвесност кога станува збор за огромниот наплив на мигранти, кои својата среќа, од разурнатите од војни и сиромашни земји од Блискиот Исток, решија да ја бараат во земјите на Европската унија.

За да се стигне дотаму, една од најфреквентните рути кои тие ја користеа беше онаа која оди преку Македонија, односно Западниот Балкан.

Нашата земја со малите капацитети со кои располага, едвај можеше да се одбрани од големиот бегалски и мигрантски бран. Во тој период над еден милион лица транзитираа низ земјава, одејќи до зацртаната цел – Западна Европа.

Во одредени денови, дури по 10.000 лица дневно поминуваа низ земјава. Од нив, речиси половина беа Сиријци кои бегаа од војната која беснееше во нивната земја, 20 проценти доаѓаа од Авганистан и околу седум проценти беа жители на Ирак и Пакистан.

Напомош тогаш пристигнаа неколку европски држави кои главно штитејќи се самите себе од напливот на мигранти, распоредија свои полициски сили на македонско-грчката граница. Цунамито беше запрено, но бранот продолжи удира на македонската граница.

Во 2019 биле регистрирани 24.601 обиди за илегално минување на границата, за во 2020 овој број да се зголеми на 32.100. Околу 20 илјади обиди за илегални премини се регистрирани и во следните две години. Во 2021 – 20.874 како и во 2022 – 20.547. Она што е забележително во статистиката на МВР е намалувањето на број на илегални минувања во 2023 година, со рекордно најниска годишна бројка на обиди за илегален влез – 13.954.

Ваквиот пад на порозноста на границата се поврзува со распоредувањето на силите на Фронтекс на македонската граница, по потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

Замислата на соработката во рамки на Фронтекс е да се контролира преминот на мигранти, вклучително и контролата на шверц на мигранти, трговија со луѓе и терористички закани на границите. 

Македонија и потпишувањето на договорот со Фронтекс

Со договорот кој земјава и Фронтекс го потпишаа на јужната граница се рапосредија 111 полицајци од земји-членки на ЕУ или поконкретно од Германија, Полска, Словачка, Чешка и од Австрија, кои заедно со македонските полицајци ја обезбедуваат државната граница, како дел од западнобалканската мигрантска рута.

За македонското Министерство за внатрешни работи соработката со Фронтекс претставува големо признание, оти нашата земја и формално стана дел од големото семејство на земји во кои се изведуваат заеднички операции на Агенцијата, од Финска па се до Грција и претставува круна на досегашна работа на ова поле.

„Со оваа операција се приклучивме на семејството на заедничките оперативни активности на Фронтекс и го зголемивме нашето учество во европската гранична безбедност а во исто време ја подигнавме заштитата на границите на наша држава. Со склучувањето на договорот и започнувањето на целосната заедничка операција на Фронтекс беше и е ново поглавје во соработката, но и своевидно признание за сето она што е направено во областа на граничната безбедност во изминатите години. По сите релевантни параметри заедничката операција е една од поуспешните операции на Фронтекс“, велат од МВР.

 Извор: Фронтекс

Инаку Фронтекс како Европска агенција за гранична и крајбрежна стража е основана во 2004 година, со цел да ја поддржи и координира соработката меѓу земјите членки на ЕУ во управувањето со границите и обезбедување на заштита на надворешните граници на Унијата.

Тука спаѓаат координацијата на заеднички операции и интервенции за помош во справување со миграциониот проток, анализа на ризици, обучување и развој, техничка и оперативна помош, како и соработка со трети земји.

Фронтекс игра клучна улога во зајакнувањето на безбедноста на надворешните граници и обезбедување на ефикасно управување со миграција и гранични прашања.

 

Каква е актуелната состојба со бројот на илегални влезови на македонска територија?

Што се однесува на конкретната техничка помош која македонската полиција ја добива од Фронтекс е можноста за користење на материјално-техничка опрема како и континуирана размена на искуства и знаења со полицајци од европските земји.

Извор: Министерство за внатрешни работи

Доколку се погледнат бројките за бројот на илегални мигранти кои се обидуваат да влезат во земјава во изминатите години, и понатаму може да се забележи дека тие се големи и покрај присуството на Фронтекс во земјава.

Сепак, тоа не треба да зачудува со обзир на тоа дека земјава и понатаму е честа дестинација за мигрантите кои сакаат да заминат во западните земји. Во тој контекст, улогата на Фронтекс е видлива во однос на зголемениот број „фатени“ мигранти кои се обидувале да преминат во земјава.

 

МАРРИ: Најголем број на мигранти доаѓаат од Сирија, Мароко и Авганистан

Дека нивото на заштита на јужната граница е значително зголемено со доаѓањето на Фронтекс, потврдуваат и од Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ). Според нив, трендот на намалување на влез на илегални мигранти меѓудругото се должи на соработката помеѓу земјава и Фронтекс, поточно софистицираната техничка опрема и возилата за патролирање со кои располагаат тие, со кои полесно и поефикасно се откриваат сите обиди за илегален влез во Македонија.,

„Покрај непосредиот бенефит за заштита на јужната граница на Р. Северна Македонија, соработката со Фронтекс има и низа други бенефити кои се видливи преку соработката и размената на искуства помеѓу полициските службеници од Граничната полиција на Р. Северна Македонија и полициските службеници на Фронтекс, примената на најдобрите пракси за работа, учество на припадници на Граничната полиција на Р. Северна Македонија во заеднички операции на Фронтекс во други земји на ЕУ, учество на разни видови на обуки кои се организира од страна на Фронтекс, и слично.

Едноставно кажано, преку соработката со Фронтекс, Граничната полиција на Р. Северна Македонија е во тек и ги развива своите капацитети согласно највисоките професионални стандарди за работа во граничната безбедност кои се промовирани од Фронтекс“, велат од МАРРИ.

Оттаму велат дека изминатата година, во земјава најчесто, обид за влез имале мигранти од Сирија, Мароко, Авганистан, Пакистан и Конго, но дека за разлика од минатото кога земјава се соочуваше со големи потешкотии во справувањето со мигрантските бранови, сега плови во помирни води и делува на своевиден заштитник на европските граници.

„Добропознатата Балканска рута преку која мигрантите заминуваат во западно европските држави го прави овој договор особено значаен. Р. Северна Македонија, како транзит земја е дел од таа рута. Договорот со Фронтекс овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Европската Унија на овој Договор гледа и како на конкретен чекор во зачувувањето на безбедноста на Унијата, бидејќи заштитата на македонските граници од мигрантските текови, нелегалната миграција и прекуграничниот криминал значи заштита на границите на ЕУ“, велат од МАРРИ.

 

Како започна мигрантската криза?

Мигрантска криза која се случи во 2015 и 2016 година беше оценета како најголема во историјата на Европа по Втората светска војна.

Иако целта на мигрантите, во оваа криза, кога станува збор за Македонија, беше само да транзитираат низ неа, македонските власти имаа свои обврски за намалување на нивото на илегална миграција, со што би ги заштитила земјите членки на Европската унија кои во еден момент објавија дека немаат капацитети за да ги примат сите мигранти кои доаѓаат.

Кога веќе стана јасно дека земјава не може сама да одоговори целосно на предизвиците, помош пристигна од неколку земји-членки на Унијата.

Таков случај беше случајот со Австрија, која меѓу првите испрати свои сили да ја чуваат македонската граница. Тогашниот канцелар на Австрија, Себастијан Курц, изјави дека ќе прати австриски војници и полицајци во Македонија за да можат и тие се одбранат од огромниот наплив на илегални мигранти. Овие изјави набрзо се пресликаа во реалност, бидејќи одреден период на јужната граница беа распоредени неколку војници и полицајци од оваа земја.

Унгарија во 2018 година испрати триесетина полицајци на македонско-грчката граница кои заедно со своите македонски колеги ја штитеа границата од македонска страна. Истата година, во март, беше формирана и Национална единица за сузбивање на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе со цел да се зацрврсти координацијата и соработката помеѓу сите релевантни институции во борбата против напливот на мигранти.

Дополнително, на помош на македонските граничари и полицајци пристигна од Чешка, Полска, Словачка и Словенија, како одговор на повикот за „заштита“ на надворешната граница на Европската унија. Покрај испраќање на луѓе, овие земји и помагаа на Македонија преку билатерални договори и координирани напори, се со цел таа успешно да може да се справи со притисоците и обезбедување на безбедна граница.

Само во првата година од формирањето на Национална единица, беа откриени и сузбиени четири организирани криминални групи кои криумчареле мигранти. Со нивното сузбивање, спречено е криумчарење на повеќе од 1.000 мигранти. Овој „task force“ се уште функционира, но поголем интерес буди она што се случува на меѓународната сцена по овие прашања.

Какви договори и стратегии има донесено земјава кога станува збор за илегалната миграција

Во 2021 година е донесена Националната Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 и Акцискиот план за борба против трговија со деца, како интегрален дел на Националната стратегија. Но круната на борбата со илегалната миграција беше потпишувањето во април 2023 на договорот за соработка меѓу Македонија и Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Каква е состојбата во околните земји?

Под силен притисок од мигрантскиот бран, освен Македонија, беа изложени и соседните Грција и Бугарија. Сликата на грчко-турската граница беше загрижувачка, а неретко имаше и немили настани кои резултираа со смрт на оние кои се обидуваа илегално да преминат.

 Извор: Политико

Но, со подобрувањето на релациите Анкара – Атина, бројот на илегални премини е значително намален, а грчката влада воведе и засилени патроли на морето во координација со турските власти, што резултираше со значително намалување на бројот на премини во 2023 година. Но и покрај сите напори, се уште „шверцерите“ и мигрантите наоѓаат алтернативни маршути.

Во Бугарија пак, во 2022 година, бугарските граничари спречиле над 160.000 обиди за нелегално преминување на турско-бугарската граница што претставува рекорден број во споредба со останатите земји во регионот.

Бугарија честопати е мета на критики кога станува збор за наводи за злоупотреба и насилство врз мигрантите од страна на граничната полиција. Бугарија денес се соочува со сериозни предизвици, бидејќи условите за справување со мигрантите кај нив се далеку под европските стандарди, делумно поради лош менаџмент и недостаток на капацитети за сместување на мигрантите во прифатните центри, делумно пак поради ограничени финансиски ресурси.

Што претстои и како понатаму?

Состојбата со илегалната миграција во момнетов во Македонија делува дека е под контрола, но останува предизвик, бидејќи регионот на Блискиот Исток претставува буре барут за кој никој со сигурност не може да каже кога и дали повторно ќе „експлодира“.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

                     

 

22/05/2024