Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Македонија ќе плаќа 210 милиони евра за продуцирање на CO2

Автор: Михаил Милошевски

 

Иако има речиси 280 сончеви денови, земјава се уште е далеку од производство на „чиста енергија“ 

Употребата на јаглен за производство на електрична енергија ќе ја чини годишно Македонија дополнителни 210 милиони евра за данок на производство на CO2. Ова ќе бидат последиците од ненавременото исполнување на обврската за транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија за производство на електрина енергија кои ги бара Европската унија со нејзината Зелена агенда.

 

Македонија се обврза дека ќе го исфрли јагленот како главен извор за производство на струја до 2030 година, но усвојувањето на Националниот акциски план за електрична енергија, донесен во мај 2022 година, покажува дека Македонија се уште не е подготвена да ги затвори најголемите термоелектрани РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ за производство на електрична енергија, а кои како главен ресурс го користат јагленот. Најголемпроблем во призводството на струја од јаглен е испуштањето на огромно количество на штетни токсини и микрочестички во воздухот и животната средина, штетни за здравјето на луѓето.

 

Според податоците на Еуростат за 2020 година, во земјава, 29,2 проценти од енергијата доаѓа од јаглен, од нафта и нафтни деривати процентот е 38,4 проценти, од природен гас се произведува 10 проценти од енергијата, додека на обновливи извори на енергија отпаѓаат 14 проценти.

Фото: Податоци од Eurostat објавени 2022 година

 

Овие податоци покажуваат дека единствено Албанија е подобра од Македонија кога станува збор за (не) користењето на јаглен за производство на електрична енергија, но и дека земјава е „најслаба“ кога станува збор за производство на струја од обновливи извори на енергија.

 

РЕК Битола во 2022 година била рекордер во загадување во Западен Балкан

 

Старите термоелектрани испуштаат огромни количества на токсини во воздухот кои влијаат негативно на здравјето на луѓето. Најголемиот процент на домашното производство на електрична енергија доаѓа токму од двете термоелектрани во земјава – РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј”, кој повторно беше ставен во погон во декември 2022 година за да се намали ударот од енергетската криза и зависноста од увазување скапа струја. Но токму истата 2022 година, анализите покажуваат дека РЕК „Битола“, во процесот на производство, испуштила 111 илјади тони сулфур диоксид во воздухот, што е рекордно ниво на загадување во целиот регион на Западен Балкан.

 

 

Министерството за економија има план кој веќе се имплементира

За спороведување на зелена транзиција во државава овластувањата ги има Министерството за економија. Оттаму велат дека за да се обезбеди енергетска транзиција, Македонија воспоставила инвестициска платформа вредна три милијарди евра, за пренамена на електраните на јаглен и за префрлање на зелени и обновливи извори на електрична енергија. Според нив, веќе е започната трансформацијата на РЕК „Осломеј“ каде се гради фотоволтаична централа за  произвводство на 120 мегавати електрична енергија.

 

„Сепак, мора да се направат дополнителни подготовки и анализи и да се постават одредени проекти на правилни патеки за да може тие да се реализираат што е можно побрзо а во насока на преадаптација на постојните термоелектрани во гасни електрани, изградба на ветерни и соларни централи или електрани кои ќе може да складираат енергија со нова технологија, а со цел да се обезбеди енергетски стабилна позиција“, велат од Министерството за економија.

 

Во Национален план за енергија и клима се предвидува јагленот постепено да се исфрли од употреба до крајот на деценијата.

 

И ОЕЦД со план за забрзана транзиција кон чиста енергија во регинот

Роковите од националниот план се усогласени и со препорачаните временски рокови за земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која во 2022 го објави и планот за транзиција кон чиста енергија во Западниот Балкан. Проект е кофинансиран од Европската комисија како дел од четиригодишниот проект за зацврстување на конкурентноста и одржливоста на енергетската транзиција на регионот. На земјите им се препорачуваат неколку реформи за забрзување на транзицијата кон чиста енергија и зголемување на отпорноста кон идни енергетски кризи.

 

Во препораките на ОЕЦД меѓу другото е наведено дека земјите од Западен Балкан треба да ја подобрат енергетската стабилност и безбедност, првенствено со исфрлање на јагленот. Треба да инвестираат и во веќе застарената инфраструктура во енергетскиот сектор која треба да се пренамени или замени до 2040 година, да се отстранат субвенциите за фосилни горива, како и да се зголемат инвестициите во обновлива енергија, како соларната и ветерната.

 

2030 достижна година за чиста енергија?

Сепак од Министерството за економија нема конкретен одговори за тоа колку 2030 година е достижен временски период за целосна транзиција.

 

„Во периодот кој следи ќе се прави ревидирање на планот и при оваа ревизија се очекува да се направат соодветни анализи, репрограмирање на мерките во соодветните димензии, вклучувајќи и нови мерки, имајќи ги во предвид најновите настани во областа на развојот на технологиите и инвестицискиот бум во обновливи извори“, одговараат од Министерството за економија.

 

РКЕ предвидува скапо сценарио доколку навремено не се преземат мерки

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски е песимист дека земјава ќе успее да фати чекор со европските земји врз основа на она што е досега направено.

 

Бислимовски вели дека Македонија е исправена пред огромни предизвици, бидејќи доколку не се направат потребните инвестиции, ќе биде принудена да плаќа за користење на CO2 емисии, а сумите за тоа се вртоглави – дури дополнителни 210 милиони евра секоја година.

 

,Ние ќе си ги плаќаме овие пари, времето поминува, времето не гази, но тоа е тоа. Јавноста треба да знае дека за CO2 емисии само од РЕК „Битола“ ќе плаќаме годишно 210 милиони евра екстра пари и тоа мора да се каже и да не се молчи. Дополнително, кога ќе треба да се инвестира во гасни електрани и тоа ќе чини, но барем ќе заштедиме за трошоците за CO2 емисии. Ние сме веќе под сериозен притисок да тие CO2 емисии се имплементираат, дури ќе се бара, има реакции од земји-членки на ЕУ, бидејќи таму функционира тој процент со емисиите и земјите од Западен Балкан не го плаќаат тоа“, вели Бислимовски.

 

Земјава доцни со гасификацијата, вели Бислимовски, поради што, како држава не можеме да си дозволиме да го затвориме РЕК „Битола“ додека неговиот капацитет постепено не се замени со други извори, бидејќи токму од таму доаѓа најголемото производство на електрична енергија за потребите на државата.

 

Јас не сум убеден дека во Македонија за пет години или до 2030 ќе се направат гасни електрани кои би ги замениле блоковите во Битола. Во изминатиот период се водеа дебати дали ни требаат стратешки инвестиции или не, во ситуација сме ниту таму – ниту ваму. Така што Македонија е пред сериозни предизвици токму поради тоа што ние ќе треба да направиме транзиција од јаглен на некој друг извор кој ќе ни дава базна енергија. Таа енергија може да ја даде природниот гас“, вели првиот човек на РКЕ.

 

Што предвидува Зелената агенда на ЕУ

Европските регулативи на кои се обврза Македонија се јасни – Зелена агенда преку која земјите-членки на Унијата, но и оние кои претендираат да влезат во Унијата ќе работат на тоа Европа да биде климатски неутрален континент до 2050 година, со отфрлање на употребата на јагленот за производство на електрична енергија.

 

Покрај овие цели кои се поврзани со престанокот на користење на јаглен и други суровини кои произведуваат енергија, а ја загадуваат природата, Зелената агенда на Европската унија исто така бара од државите членки и од кандидатите да произведуваат и да чуваат што е можно поголеми количества на чиста енергија.

 

За ова да се случи, Европската унија бара изградба на што е можно поголем број на постројки за производство на чиста енергија, како и намалување на користење на електрична енергија во домаќинствата и во индустријата. Дополнително, значителен дел од агендата опфаќа и планот за заштита и обновување на изгубениот диверзитет, како и поддршката за развој на циркуларна економија.

Фото: Википедија

 

ЕУ ги стимулира земјите од Западен Балкан за побезболна транзиција 

Од Европската комисија велат дека за да се исполни оваа цел потребно е земјите да направат транзиција кон производство на струја од обновливи извори, но потребно е и развивање на сектор кој во голема мера ќе се заснова на декарбонизација и целосно исфрлање на јагленот.

 

Бидејќи не секоја земја може за брзо време и без финансиска инјекција да се ослободи од јагленот, Европската унија во 2017 година ја започна Иницијативата за јаглен во регионите во транзиција (CriT) со што се обврза дека ќе помогне во ублажувањето на социјалните последици од транзицијата.

 

Дополнително, на самитот на Берлинскиот процес во Софија, во ноември 2020 година, лидерите од Западен Балкан договорија Зелена агенда за регионот – која се состои од пет столба, фокусирана на регулаторни реформи и инвестиции во регионот. Како дел од овие столбови се енергетската транзиција, спречувањето на загадувањето, кружна економија, заштита на биолошката разновидност и одржливо производство на храна.

 

„Во октомври 2022 година, Европската комисија соопшти дека ќе додели една милијарда евра во пакетот за енергетска поддршка на регионот Западен Балкан. Половина од овие пари се наменети за забрзување на енергетската транзиција преку инвестирање во мерки за енергетска ефикасност, диверзификација и изградба на обновливи извори на електрична енергија“, велат од Европската комисија.

 

Во извештајот за земјава во 2023 година, меѓу другото стои дека во следната година, Македонија ќе треба да обезбеди кохерентна енергетска политика, да го подобри управувањето и институционалниот капацитет во енергетскиот сектор, да се подобри стратешкото инвестициско програмирање и забрзување на транзицијата кон зелена енергија во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан.

 

„Дополнително, Северна Македонија ќе треба да имплементира одредени закони за подобро спроведување на енергетската ефикасност, како и да се заврши раздвојвуањето на операторите на системи за пренос на гас и да се поттикне развојот на пазарот и регионалната пазарна интеграција“, се нотира во извештајот за Македонија.

 

Од Европската унија велат и дека Македонија со тоа што го прифатила Акцискиот план за национална енергија во декември 2022 година, се обврзала и да преземе конкретни чекори кон целосна транзиција, а за возврат ќе добие поддршка од Брисел во зелената „ре-конструкција“ на енергетски план.

 

 

 

Како Бугарија стана земја која се потпира само на обновливи извори за производство на струја

Но оваа битка не е тешка само за нашата земја. Претходно, многу сегашни земји-членки на Унијата се соочувале со истите или слични проблеми при транзицијата кон зелена енергија.

 

Еден од таквите примери е Бугарија. Со голема европска помош, преку буџетирање од фондови, Софија успешно произведува електрична енергија од нуклеарната централа која придонесува за 35% од производството на електрична енергија во Бугарија да е од обновлив извор. Бугарија и понатаму продолжува да инвестира во енергија која се произведува од ветер и се очекува земјата целосно да го трансформира стариот комунистички енергетски систем, кој патем е штетен по животната средина, во систем чии темели ќе бидат токму обновливите извори на енергија.

 

Европската унија инвестираше околу 1,2 милијарди евра во унапредување на застарениот енергетски систем во Бугарија и во регионот кои претходно биле главните производители на струја во регионот, како Стара Загора и Перник. Во овие места, голем број на работници останале без работа по затворањето на рудниците за јаглен и неколкуте термоелектрани кои биле во функција, а голем дел од парите кои се „заштедиле“ планот е да бидат вложени за отворање на нови работни места за лицата кои останале без работа и за подобрување на квалитетот на животната средина во овие места во Бугарија.

 

Овие инвестиции доаѓаат од фондот на Европската унија наменет за земјите кои се во процес на енергетска транзиција, а воедно, многу други членки веќе имаат користено средства од овој фонд. Европската унија планира да собере уште дополнителни 55 милијарди евра до почетокот на 2027 година за овој фонд кои потоа ќе бидат доделени на располагање на евенуталните нови земји-членки на Унијата кои ќе поминуваат низ период на енергетска транзиција.

 

 

Македонија има потенцијал кој треба целосно да се искористи

Важноста на инвестициите во зелена енергија е нешто што често се зборува во земјите-членки на Унијата, но и во светот. Македонија како држава која има околу 280 сончеви денови, има огромен потенцијал за производство на струја со фотоволтаични централи кои не се штетни за природата. Истовремено користењето на овој потенцијал истовремени ќе го намали загадувањето на воздухот и животната средина што со години е горлив проблем за државата и за граѓаните кои се први на удар од штетното влијание на големите количини јаглеродни честички при горење на јаглен.

 

Во спротивно, земјава треба да биде подготвена да го плати данокот од дополнителни 70 евра за секој мегават/час произведен со јаглен, а овој дополнителен товар несомнено ќе направи дополнителен притисок врз државниот буџет и македонската економија.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

10/05/2024