Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Отворен Балкан ја зголеми трговската размена, но нe го активираше пазарот на трудот

Автор: Бојан Лазаревски

 

Зелените ленти се проценува дека им заштедуват на превозниците над 30 милиони часови

Создаден да ги следи четирите слободи на Европската унија, за проток на производи, мобилност на луѓе, услуги и капитал, но на регионално ниво, Отворен Балкан со околу 20 договори, протоколи и меморандуми за разбирање, потпишани меѓу Македонија, Србија и Албанија, покажа дека чисто регионалната идеја може да има европски резултати.

Заглавени во процесот на пристапување, трите држави научената лекција од Берлинскиот процес дека само напредокот на целиот регион и взамената соработка можат да ги придвижат напред кон ЕУ, во 2019 година решија дел од Европа да донесат дома, барем што се однесува до создавање на заеднички пазар.

Од заеднички електронски систем за наплата на патарните за побрз проток на патниците низ трите земји, преку Договорот за безбедност на храна во Западниот Балкан, Договорот за интерконекција на шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, па сѐ до Меморандумот за културна соработка, Македонија, Албанија и Србија, тргнаа во релализација на планот кој кој доби поддршка од Брисел.

„Се восхитувам на фактот колку сте приврзани за оваа иницијатива, најмногу затоа што е иницијатива што доаѓа од Балканот, а не од ЕУ. Вие продолживте, кога ние не успеавте, да го привлекувате учеството на сите засегнати страни од Балканот. Ова е најдобрата порака што регионот може да ја испрати“, рече Вархеји во Тирана во декември 2021 година.

Отворен Балкан ви-за-ви другите иницијативи за регионот

Слабата точка на Отворен Балкан е што не ги вклучи и другите држави од регионот во процесот, но и повторното заживување на Берлинскиот процес кој се фокусира токму на регионалната соработка во Западниот Балкан, со цел земјите да бидат поподготвени за членство во Унијата и интегрирање во единствениот европски пазар кога за тоа ќе дојде време. Се поставува прашањето, како ваквите иницијативи влијаат едни врз други, и дали истите може да коегзистираат, земајќи ги во предвид споделените цели за регионален развој и заедничко подготвување на земјите за членство во Европската Унија.

Берлински процес во Тирана 2023

На ова се надоврзува и новиот План за раст за Западен Балкан на Европската Комисија, кој се базира на неколку темели како што се економската интеграција, финансиска поддршка, забрзување на реформите и социо-економско зближување.

Земајќи ја во предвид забавената динамика на Отворен Балкан во последниот период, по сѐ изгледа дека двете европски иницијативи, старата и новата, го „апсорбираа“ на некој начин Отворен Балкан, односно иницијативите и процесите се префрлија во Берлинскиот процес, за што пак дополнителен катализатор може да се покаже и Планот за раст со својата финансиска рамка и неопходните реформи кои се бараат од земјите во регионот.

 

Но, до каде стигна Отворен Балкан

Последната мерка од Отворен Балкан која стапи на сила на 1 март оваа година е воспоставен слободен пазар на труд меѓу Македонија, Србија и Албанија. По примерот на Европската унија трите земји со намера да го либерализираат пазарот на трудот потпишаа Договор со кој секој заинтересиран ќе може да побара издавање на идентификациски сертификат, односно, матичен број на Отворен Балкан, и со кој во рок до две години ќе биде овозможено да работи во некоја од недомицилните земји од процесот.

Трите земји од регионот на овој начин, освен декларирање на соработка, се обидоа да ја пополнат и дупката од недостиг на работна сила, што според неофицијалните податоци во Македонија е околу 10 илјади работници. Но првите два месеци од оваа мерка покажаа дека работите не се одвиваат според планираното.

Засега интересот за регионални барателите на работа во трите земји е слаб. До почетокот на април идентификациски број за за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Македонија и Албанија поднеле 2.239 лица.

 

 

Недостигаат градежници и угостители, но интересот за балканска економска миграција е слаб

Ова го потврдува Зоран Кочоски, директорот на посредничката агенција за вработување „Коузон“, според кого главна причина за тоа е фактот што месечните приходи во трите земји кои се дел од Отворен Балкан се изедначени. Според Кочоски, самиот проект е задоцнет, а најголем корист имале големите компании.

„Можеби политичарите од демагошки причини ќе го негираат овој факт,но овој проект е задоцнет. Бројките на евидентирани „баратели “ на работа во Балканските држави, им помогна само на оние компании кои имаа свои претставништва или сопствени компании во соседната држава, но никако и оние кои од економски причини се пријавиле за добивање на право за работа во соседната држава со стекнатото право од Отворен Балкан.“, вели Зоран Кочоски, директорот на агенција за посредување при вработување „Коузон“.

Според Кочоски во моментов најбарани профили во сите балкански држави, се струките од областа на угостителството и градежништвото, а се бараат и општи работници, но во помал број.

„На Македонија и на регионов им требаат градежни работници, работници за работа во секторот угостителство, и работа во производствени капацитети. Во периодот што доаѓа, значајно ќе се појави потреба од интегрирање на странска работна сила во секторот здравство, нега на возрасни лица и земјоделие и сточарство“, вели Кочоски.

Зоран Кочоски, директорот на Агенција „Коузон“.

Во периодот што доаѓа, сите балкански држави, смета директорот на „Коузон“ ќе бидат приморани да увезуваат работна сила од трети држави, бидејќи намалениот наталитет во балканските држави сериозно ја нарушува рамнотежата на потребата и понудата н работна сила.

„Демагогија е дека може да дојде до компензација на работната сила од балканските држави со потребите од реална потреба од интегрирање на странска работна сила. Развојот и просперитетот на сите балкански држави ќе се иницира само со правилно изградени на странска работна сила, која ќе најде интерес да се стабилизира и да работи во нашите држави на подолг период. На сите Балкански држави им треба правилна стратегија и таргетирање на националности кои можат да ја пополнат „дупката“ од немање на работна сила“, констатира Кочоски.

 

Зелените линии го скратија чекањето по границите

Но за разлика од потфрлањето на заедничкиот пазар на трудот, Договорот за заштита од катастрофи и несреќи и воведувањето на зелените ленти на граничните премини, покажа спротивни резултати.

Со Договорот за заштита од катастрофи и несреќи земјите меѓусебно си помогнаа за време на летните пожари во 2021 година, а формирани се и работни групи за обезбедување на помош во однос на снабдувањето со храна, електрична енергија и енергетски ресурси.

Извор: МИА

Зелените ленти пак создадоа услови царинската контрола на границите да се одвива побрзо со што е олеснето движењето на земјоделските производи и храна меѓу земјите. Со зелените ленти, проценките се дека се заштедуваат над 30 милиони часови чекање по граничните премини. Беше промовиран е и системот за електронска наплата на патарините, кој треба да овозможи непречено и брзо движење на патниците низ трите држави.

Отворениот Балкан, кој беше замислен како иницијатива за економска соработка, резултираше со зголемување на вкупната трговската размена во трите земји за 25 проценти. Поединечно со земјите, според податоците од изминатата година, од формирањето на иницијативата забележано е зголемување на трговската размена на Македонија со Србија за 50 проценти и со Албанија за 40.

Од воспоставувањето на иницијативата, земјите регистрирале и зголемување на бројот на туристи. Па така, скорешното нагло зголемување на туристи од Србија во Албанија, според Албанскиот министер за туризам се должи на иницијативата Отворен Балкан, додека пак бројот на туристи во Македонија, според изјавата на поранешниот премиер на Македонија, Димитар Ковачевски, е за 500 проценти  поголем од пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан.

 

Регионалната соработка е важна алка во евроинтеграциските процеси

Факт е дека иницијативата Отворен Балкан се појави кога на некој начин Берлинскиот процес беше ослабнат, но значајно е да се наведе дека и двата проекта се комплементарни, со главна разлика што првиот е иницијатива на самите земји од регионот и поддршка од клучните партнери ЕУ и САД, а другата е директно основана со помош на ЕУ. Ваквата поддршка укажува на напорите кои се вложуваат за зголемена соработка во регионот.

Скорешното заживување на Берлинскиот процес пак, се поклопува со Планот за раст за Западен Балкан, чиј еден од столбовите е токму регионалната соработка преку Заедничкиот регионален пазар што би требало да ги зајакне економите на земјите од регионот за цели 10%. Се смета дека регионалната интеграција на Западен Балкан е еден вид на предуслов за успешна интеграција кон Единствениот пазар на ЕУ.[1]

Очигледно тоа им станува јасно и на земјите од регионот кои преку ваквите иницијативи ја зголемуваат меѓусебната соработка, која би се очекувало да продолжи и да се интензивира и по целосната интеграција на регионот во ЕУ. Сепак останува да видиме во која насока ќе продолжат да се одвиваат ваквите иницијативи и дали Отворен Балкан „ќе згасне“ или ќе продолжи да функционира комплементарно со Берлинскиот процес и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

 

[1] https://neighbourhood-enlargement.ec.europa.eu/enlargement-policy/new-growth-plan-western-balkans_en

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

           

 

09/05/2024