Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Парите не се единствениот проблем за повеќе истражувања во земјава

Автор: Никола Ристевски

 

Одговорните во земјава немаат најјасна претстава како да ги постават работите во научно-истражувачката работа. Со овие зборови, пензионираниот универзитски професор Владимир Петрушевски од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје, го започнува разговорот на темата за тоа зошто во земјава науката слабо вирее, а бројот на спроведени истражувања е мал.

„Секако, никогаш нема достатно пари, ама уште полошо е кога оние малку пари што се издвојуваат за таа намена пропаѓаат напразно“, вели професорот Владимир Петрушевски.

Тој посочува дека денес македонските научно-истражувачки работници се навлезени во трката да се печати по секоја цена, во која не се води голем интерес тоа што се работи да биде издржано, целосно и квалитетно. Научно-истражувачката заедница во земјава постепено тоне, а професорот Петрушевски како среќна околност го наведува фактот што добро функционира меѓународната соработка, па поединци имаат шанса да поминат извесно време во институција во странство каде се негува добра наука.

Проблемите со научно-истражувачката дејност во земјава се цел рој, а институциите на ЕУ се согласуваат дека недостигот на финансии е само дел од ваквиот мозаик. Европската Комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат за 2023 година констатира недоволна соработка помеѓу академскиот и бизнис секторот и неразвиена законска регулатива, кои се и кочничари за зголемување на научно-истражувачката дејност во земјава.

„Надлежните органи мора да го зајакнат своето учество во новата Европска истражувачка област и во новата Европска агенда за иновации. Не е забележан напредок во однос на Европската повелба за истражувачи, Кодексот на однесување за вработување истражувачи и бројот на логоа за Извонредност на ЧР (н.з. човекови ресурси) во истражувањето што биле доделени во извештајниот период. Сè уште не е изготвен Националниот патоказ за трансфер на технологија“, се наведува во Извештајот на ЕК, откако е забележан напредокот во поддршката на иновациите од страна на државата кон другите субјекти.

Покрај легислативните пречки, Северна Македонија иако е класифицирана како земја „иноватор во подем“, сепак на национално ниво сме на 46,3% од просекот на Европската Унија, се констатира во Извештајот на ЕК. Притоа, Европската Комисија е јасна дека македонските власти годинава треба да изготват наменски мерки за промовирање и зголемување на учеството во програмата „Хоризонт Европа“ и во другите релевантни финансиски инструменти на ЕУ во областа на науката и истражувањето.

 

Што е „Хоризонт Европа“ и зошто е важна за македонската наука?

Северна Македонија во декември 2021 година постана асоцијативна членка на програмата на ЕУ за истражување и иновации „Хоризонт Европа“. Оваа европска програма за периодот 2021-2027 година на истражувачите и иноваторите им става на располагање 95,5 милијарди евра. Македонските субјекти имаат пристап до овие средства, како и оние во земјите-членки на ЕУ.

Министерството за образование и наука (МОН) е ресорното министерство коешто за нашата држава ја спроведува програмата „Хоризонт Европа“, чија што цел е развојот и напредокот на иновациите и научните истражувања, старт-апите, новите и иновативни бизниси.

Министерството за образование и наука вели дека преку плаќање членарина во „Хоризонт Европа“ обезбедува рамноправно учество во програмата, како и сите други земји-членки на програмата и на Европската Унија.

Оваа институција формирала национална мрежа за поддршка составена од 20 национални контакт лица и 15 членови на програмски комитети на „Хоризонт Европа“ и нивните конфигурации, освен за Европската заедница за атомска енергија (ЕВРОАТОМ). Номинираните членови се од редовите на академската и истражувачката заедница, освен четири национални контакт-лица што се од редовите на МОН. Преку промоции, поттикнување научни проекти и индивидуални средби за поддршка на истражувачите, нашата земја преку оваа национална мрежа се обидува да ги достигне европските стандарди за развојот на науката.

Зградата на Министерството за образование и наука

 

Од почетокот на имплементацијата во 2021 година до денес, процентот на успешност искористување на финансиите од „Хоризонт Европа“ од македонските субјекти не е за потценување.

 „Процентот на успешност на искористување на Програмата во првите години од имплементацијата е 16,61% што претставува втор резултат во Регионот, после Србија со 19%, додека  ЕУ просекот е 21%.“, објаснуваат од Министерството за образование и наука, што значи дека нашата држава сепак се движи околу европскиот просек.

 

Од вкупно аплицирани 228 предлог проекти, имплементирани се вкупно 37 проекти со вклучување на 46 институции од државата, со вкупна вредност од 8,5 милиони евра. Во рамките на „Хоризонт Европа“, во 2023 година е основан и центарот ЕИТ Регионална Иновативна Шема, кој е прв од ваков вид во регионот, а е во рамките на Бизнис акцелераторот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и има за цел поврзување на триаголникот на знаење: образование-наука-иновации.

Сепак, од МОН помалку охрабрувачки информации даваат за процесите на создавање на фер-работна средина за помладите истражувачи, како и за дел од забелешките кои се наведени во минатогодишниот Извештај на ЕК за напредокот на земјава. На пример, најстариот универзитет во државата „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје последен ја потпишал Европската повелба за истражувачи, и тоа во 2024 година.

За новата Европска истражувачка област, МОН испратил нови шест претставници во областите: отворена наука, промовирање родова еднаквост, заштита на академската слобода, зелена трансформација, дигитална транзиција и подобрување на стратешките капацитети.

„Фокусот во изминатиот период беше насочен кон креирање на Стратегијата за паметна специјализација, а во следниот период МОН заедно со сите други засегнати чинители ќе се насочи кон креирање на Националниот патоказ за трансфер на технологија“, одговараат од МОН во однос на исполнувањето на препораките од минатогодишниот Извештај кои ги дава Европската Комисија за Поглавјето 25 (Наука и истражување).

За волја на вистината, ЕК токму во однос на ова поглавје нотира дека земјава има постигнато добро ниво на подготвеност, како и дека во 2023 година постигнат е одреден напредок во однос на зајакнувањето на капацитети за истражување и иновации на јавниот и приватниот сектор преку зголемување на буџетот за науката, изготвување на Стратегијата за паметна специјализација и преку постојано подобрување на учеството во програмата „Хоризонт Европа“.

 

Статистика: Македонската наука сè уште ја движат домашните фактори

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека истражувачките проекти нарачани од странство се за над шест пати помалку отколку бројот на проекти нарачани од државата или од правни субјекти регистрирани во Северна Македонија. Статистиката вели дека 480 истражувачки проекти кои биле завршени во 2022 година биле нарачани од македонски субјекти, додека само 77 се иницирани од странство.

 

Државниот завод за статистика во објавените податоци за распределбата на истражувачки проекти низ различни установи посочува дека деловниот сектор предводи во бројот на проекти во споредба со секторот за високото образование, па така во 2022 година имало 280 проекти спроведувани од деловниот сектор наспроти 204 од високото образование. Може да се заклучи дека деловниот сектор предводи пред секторот за високо образование во поглед на бројот на истражувачки проекти. Но, забелешките на ЕК се дека треба да се продлабочи соработката помеѓу тие два сектора и финансиските инвестирања од страна на приватниот сектор, односно бизнис заедницата.

Ако направиме уште една споредба во однос на тоа колку деловни субјекти во Северна Македонија се оценети како иновативни без оглед на критериумот за иновативност, ќе се увиди дека има 1.758 деловни субјекти кои се иновативни, наспроти 1.440 деловни субјекти – неиноватори, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за последниот достапен период за 2016-2018 година.

Статистичките податоци за бројот на проекти и приходите остварени за истражувачки проекти покажуваат дека приходот во деловниот сектор од науката и истражувањето е двојно помал од вкупниот приход што го остварил секторот за високото образование. Така, деловниот сектор располагал со 805.186 илјади денари, а пак секторот за високото оббразование со 1.980.391 илјади денари кои биле остварени од истражувачките проекти. Ова всушност значи дека бизнис секторот има значајно помало место во научните и истражувачките инвестиции во споредба со високото образование.

Професорот Владимир Петрушевски вели дека продлабочувањето на соработката меѓу академијата и бизнисот може да се случи на полето каде што се преклопуваат нивните интереси и каде што може да се работи на нешто со заедничка цел. Тој го дава примерот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што и самиот бил проректор пред неколку години, кога тогашното раководство имало визија за продлабочување на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, но новото раководство на Универзитетот имало различни идеи од нивните.

Владимир Петрушевски, поранешен професор по физичка и наставна хемија при Институтот за хемија на Природно-математички факултет – Скопје

 

Во поглед на прашањето за задржување на младите научни кадри во нашата држава, како и за нивното мотивирање да се впуштат во научни истражувања, професорот Петрушевски не смета дека финансиите се единствениот проблем, иако ја нагласува потребата од финансии.

„Првин за малку да го измениме нашиот менталитет, оти кај нас сега се вреднува само добро платена работа. Да бидеш научен работник е, пред сè задоволство. Во мојата струка тоа е како да си привилегиран да ги откриваш тајните на Природата. Во сличен дух треба да се воспитаат сите идни научно-истражувачки работници. Има, значи, нешто што не може да се плати со или да се вреднува преку пари. Да, ова е долг и макотрпен процес, ама е неопходен“, поентира професорот.

Личниот влог во зголемувањето на интересот за науката е клучен, а професорот Петрушевски го истакнува и неговиот напор да оди во училиштата и да го пренесува интересот кон младите за природните науки, како и да организира хемиски спектакли на Институтот за хемија кои собираат помеѓу 200 и 450 ученици желни за нови знаења.

„Јас не можам да го правам тоа самиот и да очекувам успех, ама ако се најдат во секоја струка по неколку души можеме постепено да расчистиме со заблудата дека само парите се важни. Парите се, секако, важни, ама не се единствено важни“, заклучува професорот Петрушевски.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

 

10/05/2024