Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Пристапувањето во ЕУ процес на државните институции, но и на граѓанскиот сектор

Автор: Бојан Лазаревски

Само енергичното граѓанско општество придонесува за исполнување на условите за членство во ЕУ

Како што Македонија го продолжува својот пат кон членство во Европската Унија, улогата на невладините организации и граѓанското општество станува сè поклучна, особено како витални посредници помеѓу владата и јавноста. Начинот на кој владата се однесува кон граѓанскиот сектор е еден од клучните показатели на кое ниво е демократијата во едно општество, е генералниот став на граѓанските организации, кои не секогаш се задоволни токму од тој однос.

Во мај 2018 година беше формиран Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор преку кој требаше да се искористи знаењето и експертизата на граѓанските организации во креирањето на владините политики и одлуки. Но, во годините кои следеа, редовни средби и дебати во Советот се намалуваа, за да на почетокот од 2023 граѓанските организации да изразат револт дека се игнорирани од владата. Последната седница на Советот е одржана на 6 октомври 2022 година, барем според податоците кои можат да се најдат на страницата nvosorabotka.gov.mк.

Претходно, финансиите предвидени за поддршка на граѓанското општество со одлука на владата беа дадени во надлежност на Mинистерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по што членовите на Советот од страна на граѓанското општество решија да ја бојкотираат неговата работа.

Едната од 16 претставници на Советот, Снежана Камиловска Трповска од МЦМСМ, вели дека Советот е во бојкот повеќе од половина од својот мандат кој завршил во февруари годинава, што значи дека се очекува распишување на нови избори за нови членови.

„Имајќи во предвид дека од завршувањето на мандатот имавме техничка Влада и избори, се надевам дека во брзо време Владата (преку Одделението за соработка со НВО при Генералниот секретаријат) ќе отворат повик и ќе се спроведе процесот за избор како што е наведено во самата одлука на Влада“, вели Камиловска Трповска.

Таа укажува и на тоа дека граѓанските организации не треба да го напуштат механизмот, туку да се борат и понатаму тој да биде функционален и и избиран на препишаниот начин на транспарентен, независен и објективен начин.

За граѓанските организации соработката е клучна за унапредување на општествените текови и процеси, пред се што Европската унија полага големо значење на граѓанскиот сектор и неговата корективна улога во општеството.

Пристапувањето кон ЕУ како процес во кој е потребно да се вклучат сите засегнати страни со свои придонеси, а не само државните институции, е став  и на Ана Софеска од Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС).

„Граѓанските организации ги промовираат европските вредности пред граѓаните, ги истакнуваат придобивките од членство во ЕУ и преку соработка со други граѓански организации од ЕУ го помагаат процесот на европска интеграција. Со самото вклучување на граѓанските организации во интеграцискиот процес, се вклучуваат и граѓаните, како главни конституенти на граѓанскиот сектор, со што и самиот процес станува појасен и поразбирлив“, наведува Софеска.

Ана Софеска, ИДСЦС

Од ИДСЦС се на став дека преку резолуцијата на Собранието за приоритетите на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, граѓанскиот сектор уште од 2007 година е препознаен како важен дел во евроинтеграциите, што значи и заложба за вклучување на организациите во процесот.

Ставот на Европската комисија пак е дека за земја-аспирант за членка на ЕУ, енергично граѓанско општество придонесува за исполнување на условите за членство во Унијата. Според Комисијата, доколку во земји кои сакаат да се приклучат на ЕУ, граѓанските организации нема да бидат ефективни колку што е потребно, им недостасуваат услови за да можат да стапат во дијалог со јавните власти или можеби ќе треба подобрување на законодавството за нивното воспоставување и активности, тоа може да значи дека граѓаните немаат доволно влијание и не ги контролираат реформите кои водат кон проширувањето.

Пристапувањето во Европската унија е долг и сложен процес кој бара реформи и заеднички напори од сите сектори и чинители во општеството за нивна успешна имплементација. Во Македонија, невладините организации и граѓанските организации играат незаменлива улога во овој процес. Во периодот на пристапни преговори, придонесот на невладините организации ќе игра важна улога во евроинтеграциите. Нивната работа е пример за моќта на граѓанското општество во поттикнувањето позитивни промени и ја нагласува важноста од континуирана поддршка и ангажман од сите засегнати страни во процесот на интеграција.

За Наташа Димова од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), вклученоста на невладнините организации во евроинтеграциите потребно е да биде формализирана и институционализирана, заснована врз доверба и соработка со Владата и институциите.

 
Наташа Димова, соработник на проекти во МЦМС

„Улогата на граѓанското општество во интегративниот процес за првпат се препознава и поттикнува во резолуцијата на Собранието за приоритетите на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија од 2007 година. Граѓанските организации со години се консултираат при креирањето на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како и распределбата на ИПА-фондовите“,  вели Наташа Димова.

Оттаму, таа заклучува дека покрај активното вклучување на граѓанските организации во работата на Владата и Собранието, потребно е и тие да се вклучат во подготовката на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и преговарачките позиции во преговорите за членство со ЕУ.

Граѓанските организации носат промени

Активноста на граѓанските организации неретко резултира и со носење промени во општеството, па така од Институт за демократија можат да се пофалат  дека во моментов работат на израбока на предлог-законско решение за скрининг на странски директни инвестиции во државата, со цел спречување на влез на корозивен капитал во државата.

„Работната група беше формирана во 2023 година и започна со изработка на предлог-законско решение за скрининг на странските директни инвестиции во државата. За да се постигне оваа мисија, тимот на Институтот ѝ овозможи на работната група пристап до квалитетни информации и експертиза за политиките и најдобрите инвестициски практики“, информираат од ИДСЦС.

Овој механизам треба да придонесе за создавање на здраво економско ткиво на долгорочен план кое ќе биде отпорно на штетни влијанија, вели Софеска од ИДСЦС, а тоа воедно би значело и спроведувњае на Европската регулатива за следење на странските директни инвестиции, инаку дел од пристапните преговори со ЕУ.

ИДСЦС, како и други граѓански организации се вклучени во подготовката и на други законски решенија и процеси, кои се во различни фази, како што се подготовката на Законот за спречување на корупција и судир на интереси од 2019 година, но и учество во работна група за креирање на предлог-закон за критична инфраструктура, процес стартуван во 2023 година.

Од ИДСЦС, со поддршка од Британската амбасада имаат изработено и осум поединечни Стратешки плана за намалување на ризици од катастрофи за седум општини во Македонија и Град Скопје, од кои седум од нив се усвоени на седници на советите на општините.

Застапување и реформи

Една од примарните функции на невладините организации во процесот на европска интеграција, но и воопшто, е застапувањето на граѓаните. Преку оваа улога, невладините организации често пати имаат клучна улога во притисокот за спроведување на неопходните реформи.

Наташа Димова од МЦМС забележува дека граѓанските организации, како едни од клучните актери во општеството, често пати ја имаат главната улога во промовирањето на транспарентноста, одговорноста и интегритетот.

Граѓанските организации се значајни учесници и во консултативниот процес за изготвување стратегии и закони поврзани со добро владеење и борба против корупцијата, при што се организирани во Платформа на граѓанските организации за борба против корупцијата.

Последните измени на Кривичниот законик од 2023 година, донесени по скратена постапка со европско знаменце, предизвикаа големи реакции и осуди од јавноста и граѓанскиот сектор поради намалувањето на казните за злоупотреба на службена положба и укинување на одредби за јавните набавки. Платформата исто така бара Владата да престане со притисок врз независните институции кои се борат против корупцијата и да обезбеди нивно непречено функционирање.

Невладините организации во земјава со години се активни, конкретно, во промовирањето на доброто владеење и борбата против корупцијата. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вложува напори преку иницијативи, како што е мрежата СЕЛДИ, која во 2023 година започна нова четиригодишна регионална програма за зајакнување на улогата на граѓанското општество во креирањето политики низ Западен Балкан. Фокусот се областите на антикорупцијата, владеењето на правото и доброто владеење, со цел приближување кон ЕУ.

Во Македонија постојат повеќе заеднички активности на граѓанските организации и државните институции како „Антикорупција 2030“ на Институтот за демократија, со цел стратешко планирање за можните сценарија за корупцијата и борбата против неа до 2030 година, и начинот на кој институциите би се справиле со предизвиците во иднина. Потоа програмата „Партнерство против корупција“ поддржана од УСАИД со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на Владата во борбата против корупцијата и поддршката на ЕУ со фокус на владеењето на правото, како проект наменет за институциите кои се фокусираат на правосудството, спроведување на законот, борбата против корупцијата и човековите права.

 

ЕУ со финансиска поддршка за граѓанскиот сектор за забрзување на реформите

Европската Унија ја препознава важноста на невладините организации во Западен Балкан за имплементирање на проекти и на тој начин нивно влијание врз реформите. Финансиската поддршка   наменета за ваквите цели е најголем доказ за оваа заложба на ЕУ.

Слика: Веб страна на Wester Balkan Fund

Фондот за реформи и раст за Западен Балкан, како финансиски столб на Планот за раст за регионот, предвидено е да овозможи и до две милијарда евра грантови и четири милијарди евра заеми за земјите од Западен Балкан помеѓу 2024 и 2027 година. За главна цел поставени се реформите, меѓу кои и тие за владееењето на правото и основните права.

Дел од овие средства предвидено е да се насочат преку Фондот за Западен Балкан, кој во суштина е наменет за помош и финансирање на граѓанското општество и грасрут организациите во земјите од регионот. Истовремено финансиите обезбедени перку ИПА проектот „Поддршка за промоција на регионалните акции на граѓанското општество во Западен Балкан“, во втора фаза се спроведува од јануари 2024 до јануари 2026 година.

Покрај проектите кои се имплеменетираат на локално и национално ниво, постои и соработка помеѓу невладините организации во регионот, каде земјите имаат потреба од реализирање на слични реформи. За една таква соработка посочуваат и од ИДСЦС, кои врз основа на зголемена регионална соработка работаат на зачувување на демократскиот принцип – проверка и рамнотежа, како и на подобрување и промовирање на демократијата во земјите од Западен Балкан.

Според нив тоа дополнително придонесува во создавањето на локална сопственост и понатамошно преземање на обврските од Берлинскиот процес.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

05/07/2024