Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Скопје ја доби титулата ЕПК за 2028, но има уште многу за да ја реализира

Автор: Бранислав Максимовски

 

Градот Скопје и државата издвоија 20 милиони евра за проктот, кои може да се покажат како недоволнини

Објектот носител на апликацијата за Скопје Европска престолнина на културата за 2028 веќе го нема. Јавната установа „Универзална сала” изгоре за нецел час на 8 април оваа година. Но, Универзалната сала е само еден од објектите и обврските кои Скопје како град ќе мора да ги реализира до крајот на 2027 година, за да ги исполни низата од забелешки од европските експерти за понудената програма како Европски град на културата, вклучително и  инфраструктурата доколку Скопје сака 2028 да ја пречека како Европски град на културата.

Програмата со слоган „Култура над поделба“, започна да се реализира во јануари оваа година и има цел да ја извлече културата надвор од границите на уметноста и е составена од 4 тематски целини: Art4Hope (Уметност за надеж), Togetherness (Заедништво), ReCOvering (Опоравување), CreARTing (Создавање уметност). Дел од проектите кои ќе се организираат низ годината, предвидуваат вклученост на разни категории на луѓе во општеството, вклучувајќи ги и маргиналзиираните лица.

Универзална сала: пред и за време на пожарот 

Иако Скопје го победи конкурентскиот црногорски град Будва и во септември 2023 година ја освои номинацијата за Европски град на културата во 2028 година, од Град Скопје седум месеци потоа велат дека не можат јавно да споделат ништо поврзано со титулата и идејата, како ни со реализацијата на програмата. Од Градот Скопје информираат дека нема да можат да даваат информации до 2026 година бидејќи такви насоки добиле од Европската комисија.

 

„За да има успешна реализација на програмата подложни сме на мониторинг од страна на Европската комисија, која после определен временски период издава извештаи за реализација”, наведуваат од Град Скопје.

Следниот извештај и мониторинг ќе се одвива во текот на месец октомври.

 

Финансии се одвоени, но не се знае дали ќе се доволни

Според јавно достапните информации Градот Скопје и државата издвоиле буџет од 20 милиони евра, секој по 10 милиони евра, за реализација на проектот. Од нив 60 проценти се наменети за реализација на програма, 25 проценти за за плати, 10 проценти за промоција и маркетинг и пет проценти за непредвидливи работи. Во проектот не е предвиден буџет за капитални инвестиции, туку се наведени само неколку инфраструктурни проекти и проекти кои опфаќаат организирање настани.

Европските експерти кои ја оценувале програмата на Скопје за 2028 иако дале позитивно мислење за четирите теми на кои заснова програмата, проектите кои ги опфаќа таа ги оцениле како базични, фокусирани на инфраструктурата, а помалку на уметноста, со барање за развивање на повисоко уметничко ниво.

„Планирањето на само 1/3 од проектите да има европски и други меѓународни партнери всушност не претставува европска престолнина на културата. За конечниот избор, експертите би сакале да видат многу поголем дел од културно-уметничката програма вклучувајќи европски и други меѓународни партнери“, стои во експертскиот извештај за кандидатурата на Скопје.

Европските експерти дале забелешка и за инфраструктурните проекти, бидејќи иако биле дел од програмата, за нив не е предвиден буџет.

Можеби клучната забелешка експертите ја имаат за самиот буџет за реализација на проектот, со констатација дека 22 милиони евра се малку за град со големина на Скопје и дали тоа ќе биде доволно проектот да биде од европски размери.

Само за споредба од стартот на програмата во 80-тите години од минатиот век до буџетите на градовите за реализација на оваа титула биле околу 25 милиони евра, за денес да достигнат одд 70 до 100 милиони евра, како во случаите на Монс, Вроцлав и Марсеј.

 

План за реализација со издржани прокти

Министертвото за културацелосно го поддржува проект за Скопје Европска престолнина на културата за 2028 од каде велат дека  добиената титула претставува огромен успех за нашата култура и е признание за заедничките заложби за негување на културното богатство и на европските вредности и како граѓани, но и како држава.

„Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на надлежните институции, за што институцијата вложи сериозни напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето. Самиот тим на Министерството ги вклучило сите ресурси кои ги има, а покрај нив и Владата целосно застанала зад оваа апликација и процес”, наведуваат од Министерството.

Сепак од таму не соопштуваат повеќе датели за тоа како тие конкретно ќе се вклучат и ќе ја помогнат реализацијата на програмата.

За Министерството за култура од проектите придобивките ги гледаат не само во доменот на културата, туки и за економските сектори како што се туризмот, угостителството, инфраструктурата и градежништвото, како и ангажирање на бројни компании за техничко-технолошка поддршка.

„Голем дел од објектите и сцените кои ќе се приспособат за проектите на Европска престолнина на културата остануваат во иднина за развој на домашната култура и понатамошни можности за поврзување со европските културни оператори. Сето ова е предуслов за создавање европска културна сцена во Скопје и во државата. Нė чека обемна работа во која мора да го вложиме сиот креативен и организационен потенцијал. Европските експерти будно ќе го следат секој наш чекор”, наведуваат од Министерството.

Според Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски, кој воедно е и стратешки координатор за развој на проектот Скопје – Европска престолнина на Европа 2028, вели дека мотото и програмските столбови на кои се потпира Програмата се добро конципирани. Во нивното креирање учествувале и самиот координатор и тимот кој го координирал и тој концепт е испочитуван и надополнет се до самото стекнување на кандидатурата.

„Визијата да се понуди култура која ќе обединува, која ќе ги надмине поделбите кои доминираат во нашето општество, но и во регионот, која ќе ја зајакне општествената кохезија, ќе го претстави мултикултурното милје на Скопје, но и ќе го негува интеркултурализмот и ќе ги унапреди различностите е силна визија“, е ставот на Алаѓозовски.

Роберт Алаѓозовски, Националниот координатор за интеркултурализам

Тој вели и дека останува во планот на реализација добро да се промислат и концепираат силни и издржани проекти.

,,Поголемиот дел од содржините беа добиени со повик, што е добра демократска форма на градење на програмата, но сега таа мора да се преоцени и надгради врз база на високите меѓународни стандарди што се бараат за манифестацијата од ваков тип. Тука не смее да има површност, аматеризам, импровизација или недостаток на ресурси“, вели Алаѓозовски.

Што се однесува до тоа што значи оваа титула за градот и државата во ЕУ контекст, Алаѓозовски, вели дека Европска престолнина на културата е најпрестижната културна програма на ЕУ.

 

„Значењето за Скопје е уште поголемо затоа што Скопје се натпреваруваше во делот за земји кои не се членки, и е посебно значајно зашто се поклопува со интеграцијата во ЕУ. Европеизацијата и усвојувањето на европските вредности оди паралелно со пристапните преговори, односно, културата е предвесник на целото општество, како што е ред. Амбициозната реализација ќе ги надмине културните цели. Скопје и Македонија ќе бидат препознаени како европски културен простор и тоа ќе придонесе за подобрување не само на културата туку и на другите, социо-економски квалитети на животот“, вели Алаѓозовски.

 

Европска престолнина на културата е можност и за економска промоција

Економскиот ефект во земјите чии градови ја носеле титулата Европски град на културата било најдобро забележливо во зголемувањето на бројот на туристи. Просечниот пораст на ноќевањата се движел од 12 до 25 проценти.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на титулата на Скопје како Европска престолнина на културата гледаат како на позитивна промоција на и на градот и на држвата  како дестинација, што би довело до зголемување на бројот на туристи и користење на услуги кои ги пружаат секторите што се опфатени со туристичката дејност.

„Истотака, со титулата, постои и можност за полесно поврзување на Скопје во мрежата на градови во Европа и светот со авио-летови”, сметаат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во однос на подобрување на соработката помеѓу нашата држава и ЕУ, од Агенцијата се на став дека самата титула значи обемни активности од областа на културата и придружни активности, како одржување настани, за кои е неопходно да се обезбедат услови, кои пак подразбираат дополнителни финансии кои можат да се добијат преку аплицирање во европските институции.

 

Истакнување креативност и мултикултуралност, лекции кои треба да се научат

Некои градови ја искористиле титулата за да ги обноват индустриските области и да ја истакнат креативноста, како на пример Кошице во Словачка како Европски град на културата за 2013. Некои градови пак, со титулата успеале да ја подигнат мултикултуралноста, да ја претстават историјата на самиот град и архитектурата која ја има и да си ја подобрат организацијата. Таков  е примерот со Нови Сад пред две години, односно во 2022 година. Додека беше носител на титулата Европска престолнина на културата во Нови Сад, со однапред регулирани планови и програми на градот и културните установи, биле одржани повеќе од 1.500 културни настани.

Лого на титулата за ЕПК

Скопје во програмата за Европска престолнина на културата има амбициозен план да вклучи 70 проценти од Скопјани во барем еден од настаните од проектот во 2028 година. Во неа се споменува и проектот Уметност за попреченост, што од експертите е оценето како добро, но со задршка поточно барање за објаснување за тоа кои групи се идентификувани како маргинализирани, и со барање да се објави како ЛГБТИ и другите малцинства се вклучени во теренската стратегија.

 

 

Идеја која стартуваше во 2014 година

Скопје процесот за Европска престолнина на културата како идеја го започнува во 2014, по што следеше канидатурата во 2019 година. Скопје иако не е град во држава во ЕУ, има право да поднесе кандидатура и да биде избран. Од 2021 година постои можност да градовите на земјите кои не се членки на ЕУ, бидат избрани за таа титула еднаш на три години. Па така досега таа титулата ја понеле Нови Сад, Бодо, Берген, Ставангер, Рејкјавик и Истанбул.

 

Мапа на која се покажуваат сите избрани градови за ЕПК до 2023 година 

 

 

 

 

Европска престолнина на културата е иницијатива која потекнува од 1980-тите, формирана со цел да ги истакне и слави богатството и разновидноста на културите на државите и да ја карактеризира нивната историја и традиција. Идејата за иницијатива ја дала грчката министерка а култура, Мелина Меркури, по што првиот град кој ја понеле титулата Европска престолнина на културата била Атина. До денес повеќе од 40 европски градови ја носеле оваа титула.

 

Мелина Меркури, грчка министерка за култура и иницијатор на ЕКП      

Иницијативата била создадена со цел да се зголеми чувството на припадност на заедничкото културно подрачје на европските граѓани и да се поттикне придонесот на културата во развојот на градовите. Покрај ова, искуството покажува дека овој настан е одлична можност за: обновување на градовите, подигнување на меѓународниот профил на градовите, подобрување на имиџот на градовите во очите на сопствените жители, вдишување нов живот во културата на градот и зајакнување на туризмот.  

Скопје во 2028 година титулата ќе ја дели со Будјовице во Чешката Република и со еден од француските градови – Клермон-Феранд, Руен или Бурж.

 

 

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

 

10/05/2024