Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Стратегиите за поттикнување на младите во Македонија само на хартија

Автор: Михаил Милошевски

 

Европската унија носи стратегии и дава поддршка во креирањето политики за млади лица, Македонија доцни со имплеметацијата и со обидот да го запре одливот на млади мозоци

За 20 години бројот на млади лица во Македонија се намалил за 150.000. Од 480,828 млади на возраст од 15-29 години на пописот во 2002, според пописот во 2021 нивната бројка се намалила на 326,733. Сепак процентот на млади лица во Македонија од 17,8 од вкупната популација во земјата, што се уште е над европскиот просек кој на 1 јануари 2021 изнесувал 16,3 од вкупната популација во рамки на ЕУ. Според мерењата на „Евростат“ во 2050 година младите ќе сочинуваат 14,9% од населението во ЕУ, што е за 1,4 процентни поени помалку од 2021 година, што покажува знаци на прогресивно стареење на населението на ЕУ.

Токму поради тоа Европската унија подолг период носи и реализира стратегии за поттикнување на поддршката на младите луѓе во нивниот образовен, професионален и личен развој, пред се со стимулирање на учеството на младите луѓе во општеството и влијание врз одлуките кои ги засегаат. Последната стратегија за млади на ЕУ е за периодот 2019 – 2027, со фокус на пет принципи и цели – учество и активност, започнувањето на работа и стажирање, образование и наука, каде еден од главниот фокус е подобрување на квалитетот на образованието. Четврта точка е мобилност или размена на студенти и крајната точка, поддршка за стимулирање на иницијативи и проекти насочени кон подобрување на условите на младите луѓе.

Стратегија за млади во Македонија има, но нема имплементација

Минатата година во септември, Владата на Македонија во соработка со Агенцијата за млади и спорт донесе Стратегија за млади, со која би требало да се подобрат состојбите за нив во општеството, но и да се намали одливот на млади во странство. Како клучни приоритети се наведени седум точки – младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и безбедност.

Стратегијата која беше предвидено да започне да се имплементира од 2023 до 2027 година, се уште формално не започнала да се спроведува. Надлежните велат дека доцнењето се должи на фактот што таа била усвоена во септември, наместо на почетокот на годината. Како дополнителен проблем се наведува и фактот што 2024 година во Македонија е изборна, па голем дел од средствата кои биле предвидени за имплементација и за организирање на работилници, настани и форуми за млади ќе мораат да почекаат на избирот на новиот владин состав.

Ваквото доцнењата со роковите укажува дека можеби државата не гледа толку сериозно на оваа тема и дека е потребна поголема и поактивна заложба по прашањето на младите.

 

Јазот од негрижата на државата младите го премостуваат со проекти од ЕУ

Истовремено, од инвестиции за развој, до капитални инвестиции Европската унија е најголемиот донатор и инвеститор, но и примарен политички и економски партнер на земјава. Затоа нè зачудува фактот што Брисел финансира различни апсекти, токму наменети за подобрување на стандардот, животот, иднината и можностите на младите лица во Македонија. Тоа таа го прави преку програми во образованието, културата, инклузијата, соработката, граѓанскиот активизам и многу други сфери кои отвораат можности за кариерен и личен развој на младите во Македонија.

Многу млади од земјава досега добиле европски средства за да започнат и развијат бизнис, а студентите можност преку различни студиски и волонтерски програми во земјите од ЕУ да го надградат своето знаење и вештини.

Можноста ЕУ да биде гарант на банките во случај кога младите претприемачи подигаат кредит како почетен капитал, е дел од програмата за олеснување на пристапот до финансии за млади претприемачи и мали бизниси, како дел од трите главни приоритети на Европската унија за младите во Северна Македонија – отворање на нови работни места.

Според извештајот на Европската комисија за земјава за 2023 година, се нотира дека преку европската програма Гаранција за млади, обезбедени се придобивки за повеќе од 9.400 млади лица во регионите што се соочуваат со највисока стапка на невработеност кај младите.

Како втор приоритет е дефинирано инвестирањето во вештини каде што спаѓаат инвестиции од „Еразмус+“ програмата и слични програми, со кои младите од земјата имаат можност да разменуваат искуства, да учат нови вештини и способности заедно со нивните врсници од земјите-членки на Унијата.

Само пред неколку недели, првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, излезе со податок дека околу 10.000 студенти, само во 2022 година, ја искористиле можноста да патуваат и да се образуваат токму преку програмата „Еразмус+“.

Извештајот на ЕК за Македонија го содржи и податокот дека со оваа програма, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организирала и поддржала над 100 активности и настани за млади луѓе. Споредбено со 2020 година, кога бројот на учесници изнесувал 294, во 2022 година оваа бројка достигнала до 465 учесници.

 

Младите продолжуваат да бидат исклучени од креирањето политики во Македонија

Иако ЕУ инвестира во сите сфери за подобрување на правата на младите и нивна поголема инкулзија во секојдневието, сепак реалната слика во Македонија е далеку од поволна, односно покажува дека младите не се доволно инволвирани во креирањето на политиките. Тоа го потврдува случајот на Теодор Коцев, студент на Факултетот за фармација, кој преку програмата „Еразмус+“, имал можност да учествува на работилница во Барселона, Шпанија.

Вели разликата помеѓу младите лица кои активно земаат учество во општествените процеси во ЕУ и во Македонија е евидентна. Тој од колегите од Унијата, научил многу во однос на активизмот и инволвираноста во општеството, но вели во Македонија ретко кој има слух за да може да се пренесат знаењата од ваквите искуства.

„Во Македонија се чини дека ретко кој се интересира да инвестира во младите, и токму таа системска негрижа е една од главните причини зошто нашата земја се празни, односно младите заминуваат не само од финансиски аспект, туку и поради социјалниот статус, немањето доброплатени позиции, но и поради нееднаквите можности за сите млади лица“, смета Коцев.

Теодор Коцев – студент и учесник во програмата „Еразмус+“

 

ЕУ го помага и дијалогот меѓу младите во Западниот Балкан

Инвестирањето во активно учество и помирување е третиот приоритет овозможен со помошта од Европската унија за некои од водечките канцеларии за млади во регионот, чиј фокус е насочен кон стимулирање на дијалог и градење на доверба меѓу младите во Западниот Балкан.

Една од организациите која е поддржана од ЕУ е и Регионалната канцеларија за соработка на младите, која со своето фукнционирање ги приближува младите од различните земји од регионот, да развиваат демократски дијалог и да работат кон изнаоѓање начини на меѓусебно разбирање. Ова владино тело е формирано за да ја поттикне регионалната соработка на младите од Западниот Балкан, преку идентификување на заеднички интереси, кои ќе поттикнат солидарност, разбирање и пријателство. Дополнително, оваа канцеларија придонесува и за инклузивен пристап на младински размени и иновативни регионални проекти.

Во нашата земја, сите аспекти на инволвираност на ЕУ се повидливи, смета младиот европски амбасадор во Северна Македонија, Александар Каратошо од невладината „Пантеон“. Според него, постои позитивен тренд на поголема инклузија на младите во политичкиот живот, но сепак потребно е повеќе работа. За пофалба е и тоа што како што вели, Секретаријатот за европски прашања отворил повик за консултации со граѓански организации за Поглавјата од преговорите, а од друга страна Европскиот економски и општествен совет започнал директно да соработува со организации од земјите кандидатки.

„Доколку се споредиме со ЕУ државите сметам дека имаме добра стапка на застапеност на интернационално ниво преку ’Еразмус+’ програмата, но сепак ќе мораме многу повеќе да работиме на активно вклучување на младите во сите важни процеси на донесување одлуки на сите нивоа, како и во голема мера да се зголеми државното финансирање на граѓанскиот сектор наместо тоа да биде зависно од странската поддршка“, вели Каратошо.

Дел од младите се задоволни и од носењето на Законот за млади, со кој се создал простор младите да бидат консултирани за сите политики кои директно ги засегаат.

„Сепак, мора да се забележи дека има ниска исполнетост на обврските од Законот, со тоа што не се формира Националното советодавно тело и голем број на локалните младински совети, како и тоа што недостасува финансиска поддршка која беше гарантирана со Законот“, заклучува Каратошо.

Александар Каратошо – млад европски амбасадор од Северна Македонија

 

Дамјан Златановски кој веќе неколку години ја извршува улогата на млад европски амбасадор во Северна Македонија вели дека кога се зборува за вклученоста на младите на патот кон ЕУ интеграцијата, не се говори само за инклузија, туку за неопходна мерка во поттикнувањето на одржлив напредок.

Според Златановски, вклучувањето на младите е клучно во обликувањето на иднината на нацијата. Но и покрај тоа што во моментот младинското учество е поприсутно и игра поголема улога, споредено со минатото, сепак, сѐ уште постои значителен јаз помеѓу препознавањето и опипливите резултати.

Државата обезбедува начини и механизми за младинско учество, како што се младинските совети, центри, вработувањето на работници за млади во општините и слично. Но, имплементацијата на овие мерки укажува на потребата од повеќе проактивни мерки за да се загарантира делиберативна демократија, која всуштност е цел и на самите земји-членки. Поттикнувањето на младинската вклученост, не само што ги збогатува процесите на донесување одлуки со нови перспективи, тоа ја јакне и демократијата“, вели Златановски.

Според него, големи и сеприсутни се и предизвиците со кои младите се соочуваат како што е ограничениот пристап до информации и ресурси, бирократските пречки, нефер пристап до еднакви можности и изоставањето на младите од руралните средини и етничките малцинства.

Процесот на преговори како главна цел има социо-економско јакнење на земјата кандидат трансформирајќи ја во компетентна членка на европското семејство. Во овој процес потенцијалот на младинската перспектива треба да се искористи во контекст на свежи идеи, вешто владеење со современите трендови и долгорочна визија која поттикнува социјална кохезија, развој на човековиот капитал и ја користи демографската дивиденда за одржлив развој, заклучува Златановски.

Дамјан Златановски – млад европски амбасадор од Северна Македонија

 

Се поголем број на млади лица се скептични за членството на Македонија во ЕУ

Истражувата пак покажуваат дека младите се песимисти кога станува збор за заложбите на Македонија и за вистинските намери конечно да дојде до некаква позитивна промена, со која тие повеќе би учествувале во носењето на важни одлуки во интегративниот процес на земјата. И покрај тоа што е очигледно дека младите генерации се важен дел од фокусот на Брисел во Македонија и дека Унијата во нив гледа важна алка во градењето на европско општество во иднината на земјата, кај младите граѓани последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека само 53 отсто од популацијата на возраст од 18 до 24 години, целосно го поддржува членството на земјата во ЕУ.

 

Каква е состојбата во соседството?

За разлика од Македонија, каде ретко се дава можност на младите, во Хрватска, која е земја членка на Унијата од 2013 година, работите се поинакви. Во Хрватска, како и кај нас, донесена е Стратегија за млади уште пред неколку години, но за разлика од кај нас, таму веќе со години се постапува по неа.

На пример, во одредени хрватски градови веќе функционираат Младински совети кои се создадени како советодавен одбор на Градскиот совет, со што младите можат да го изразат своето мислење за прашања кои се од големо значење за нив и директно да влијаат на младинските политики на локално ниво.

Дополнително, кога станува збор за вклученоста на младите на национално ниво во Хрватска, постои и Младински совет на Владата на Република Хрватска, во кој се вклучени осум младински претставници. Целта на овој Совет е да и помогне на хрватската влада во изготвување на регулативи кои се значајни за хрватската младина, па се до следење на работата на министерствата во спроведувањето на различните младински политики.

Сето ова покажува дека иако Хрватска и Македонија имаат слични предизвици кога станува збор за инволвираноста на младите во политиките, постојат огромни разлики во имплементацијата на европските препораки. Додека во Хрватска се инвестира во младите, кај нас, реалната слика на терен покажува дека овие заложби најчесто остануваат декларативни или на хартија, без реализација.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

               

09/05/2024