Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Висат европските пари за изградба на регионални депонии

Автор: Михаил Милошевски

 

Несогласувањата и доцнењето на имплементацијата ја принудија Македонија да се трка со времето за изградба на регионалните депонии

Справувањето со отпадот и дивите депонии е еден од најгорливите проблеми на македонското општество. Секојдневно, насекаде во државата никнуваат нови еколошки „бомби“, а државата најчесто мижи пред овие појави. Европската унија преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) обезбеди заем – сума од 55 милиони евра за изградба на регионални депонии во сите региони на земјава, но и грант од 22 милиони евра  од инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската комисија.

Иако парите се обезбедени, бавното ефектуирање и спроведување на постапките во реалноста, можат да ја чинат земјава бидејќи постои огромен ризик, овие средства да бидат повлечени назад доколку земјава не ги испорача резултатите за проектите за кои се наменети овие пари.

Од негодувања на градоначалници, до отпор на населението, Македонија одвнатре неколкупати сама се саботираше, дел од неинформираност на жителите, дел пак поради недоволно транспарентните постапки на властите  надлежни за реализација. Неколку години по добивањето на финансиските средства, регионални депонии се уште нема, а животната средина се почесто станува жртва на еколошкиот терор на несовесните граѓани кои формираат диви депонии одлагајќи на несоодветни места секаков тип на отпад.

 

Државна интервенција оти Свети Николе не дозволува изградба на регионална депонија

Еден од најпознатите примери за тоа како несогласувањата на релација извршна и локална власт можат да ја чинат државата е Општината Свети Николе.

Во селото Мечкуевци требаше да се изгради регионална депонија каде ќе се собира и депонира отпад од општините во Источниот и Североисточниот плански регион. Овој проект, по добивањето на европски пари беше во најнапредна фаза од процесот во земјава, а беше започнато и формирањето на јавно претпријатие кое требаше да стопанисува со оваа депонија. Но, по смената на власта на локално ниво, проектот беше стопиран без никакво објаснување, а негодувањето на градоначалникот беше споменато и во извештајот на Европската комисија за земјава во 2022 година.

 

Националниот план за спречување на создавање отпад (за периодот 2021-2027 година) е изготвен, но сè уште не е донесен. Започнати се активности за создавање регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Дополнително е одложено воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во североисточните и источните региони поради отпорот на Општина Свети Николе да го прифати централниот капацитет за управување со отпад. Започнаа активности за затворање на неусогласени депонии во Источниот регион“, стои во извештајот на ЕК за Македонија од 2022 година.

 

Министерството за животна средина, неколкупати јавно го повикуваше градоначалникот да постапи оти доколку предвидените пари не се алоцираат, речиси сигурно ќе бидат повлечени назад. Но, обидите за „вразумување“ беа залудни, бидејќи Свети Николе не се одзва на јавните прозивки.

Бидејќи компромис не се постигна, Министерството ги презеде работите во свои раце и речиси две години по запирањето на постапката, и ги одзеде ингеренциите на општината. Од Министерството велат дека Македонија презела одговорност кога ги добила парите и затоа од најголем државен интерес е депониите да бидат изградени.

 

„Ингеренциите на градоначалникот на Општина Свети Николе се делумно одземени, поточно, одземени му се надлежности во делот на основање на заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад и во негово име управува МЖСПП. Во однос на ризикот од повлекување на средствата, ризикот секогаш постои доколку државата не ги исполнува преземените обврски, а постои ризик дури и од повраток на искористените средства. Затоа е многу важно да се постигне консензус и што поскоро да се завршат започнатите процеси“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Оттаму информираат и дека тендерот за изградба на регионалната депонија, како и за шесте претоварни станици е во фаза на одобрување од Министерството за финансии и дека се чека да заврши оваа процедура за да може конечно, по неколку години да биде објавен.

Од Источниот плански регион велат дека се во комуникација со Министерството за транспорт и врски кое е задолжено за изградба на трансфер станиците за преземање на отпад и регионалните депонии. Сметаат дека овој процес се одвива малку побавно од замисленото, оти периодот за изградба кој изнесува две години според тендерската документација, не е испочитуван.

 

Кај нас тече процесот на затворање на дивите депонии и спроведување на дел од регионалниот план за управување со отпад, а тоа значи дека со затворањето на депониите, Зрновци, Виница и Чешиново – Облешево, отпадот треба да го носат до депонијата на Општина Кочани. Македонска Каменица во Општина Делчево која треба да има процес на проширување на отпадот, додека пак Општина Берово да го носи во Пехчево“, велат од Источниот плански регион.

 

Дополнително велат дека како регион се залагаат за побрза реализација за општото добро на сите општини и информираат дека досието за изградба на регионалната депонија во село Мечкуевци е изработено веднаш по одземањето на ингеренциите на локалните власти, но неколкупати било вратено пред финално одобрување од европските инстанци.

 

Од овој проект 2021 се поделија контејнери, возила за одвезување на смет на општините и јавните претпријатија. Планот е изработен и треба да се спроведува. Паралелно тече проект за техничка подготовка за управување со отпад, не запознаа со конзорциум од грчка фирма за подготовка на ситематизација, избран е директор на идното јавно претпријатие, кој беше избран лани во октомври“, одговорија од Источниот плански регион.

 

Предвидена изградба на пет регионални депонии, но тендер има само за три

Согласно Националниот план за управување со отпад се предвидува формирање на пет регионални депонии – Дрисла во Скопскиот регион, Русино – Општина Гостивар за Полошкиот регион, Мегленци – Општина Новаци за Југозападниот и Пелагонискиот регион, Мечкуевци – Општина Свети Николе за Североисточниот и Источниот плански регион, како и во селото Доброшинци – Општина Василево, кој ќе биде наменет за Вардарскиот и Југоисточниот регион на земјава.

Од нив, тендерска постапка има само за три – покрај таа за Мечкуевци која државата повторно ја ревитализираше, активен тендер има и за оние во Новаци и Русино, гостиварско.

Покрај изградба на регионални депонии од современ карактер, државата со европските пари треба да обезбеди и контејнери и камиони за собирање, складирање и транспортирање на отпадот. Треба поактивно да се вклучи и кон целосно затворање на дивите депонии и да се направат претоварни станици од каде потоа би се носел отпадот во депониите.

 

„Во рамките на овој проект предвидена е набавка на опрема за општините, затварање на непрописните депонии и изградба на централна постројка и шест трансфер станици за двата региони. Дел од договорите се веќе реализирани (набавка на возила и контејнери за општините, односно ЈКП), дел се во имплементација, дел во тендерска постапка и дел во подготовка на тендерската документација“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање..

 

Депонијата во Русино е финансиски неодржлива

Депонијата во Русино, Општина Гостивар, ги опслужува општините од Полошкиот регион повеќе од дваесет години. Оваа депонија е една од петте за која Европската унија додели пари на Македонија. Иако прва е основана и прва започнала со работа, ова јавно претпријатие кое опслужува девет општини од Полошкиот регион се соочува со огромни финансиски проблеми. Кредитот кој државата го зела од Европската унија треба да обезбеди и нова машинерија која е повеќе од потребна, бидејќи моментално користат инфраструктура обезбедена од приватен оператор, за која се плаќаат енормно високи цени, вели Бесим Догани, директор на претпријатието.

Потребна е инвестиција во капацитетите на депонијата, проширување, изградба на згради кои ќе бидат во нејзин склоп, но од тоа се уште нема ништо. Требаше во 2023, сега е 2024 – нема ништо“, изјави Догани.

 

Тој вели дека оперираат од месец во месец со огромни трошоци, а веќе имаат насобрано долгови кон надворешните оператори кои ја одржуваат депонијата. Иако министерството за животна средина ветила финансиска помош, освен убави зборови, вели Догани, на дело не добиле ниту еден денар помош.

 

„Имаме големи побарувања од јавните комунални претпријатија од Гостивар и Тетово, а паралелно има недоразбирања кога станува збор за функционалноста на депонијата. Според Општина Гостивар, ‘животниот’ век на оваа депонија е пет години и треба да се затвори во 2025 година, додека пак од Министерството инсистираат ова да се случи во 2030 година“, изјави Догани.

 

Овој регион е еден од најкритичните во земјава, бидејќи само во двата национални парка кои се наоѓаат во него – Шар Планина и Маврово, мапирани се над педесетина диви депонии.

 

Колку се произведува и колку се собира отпад во планските региони?

Пред само еден месец Државниот завод за статистика објави податоци за 2023 година за создаден и собран комунален отпад во земјава. Лани било создадени повеќе од 878 илјади тони комунален отпад, а собрани малку помалку од 622 илјади тони. Секој жител  во земјава создава 503 килограми отпад годишно, што е за 7,7 проценти повеќе од 2022 година, додека во 2023 година биле собрани 2,3 проценти повеќе отпад од 2022 година. Најмногу комунален отпад се собира од домаќинствата – 82 проценти, додека остатокот отпаѓа на комерцијален отпад.

Извор: Државен завод за статистика

 

Државнот завод за статистика ги објави и податоците за тоа колку и каде најмногу се произведува и собира отпад по планските региони во земјава.

Очекувано, на прво место се наоѓа регионот каде што има најголем број на жители – Скопскиот Регион каде се собрани 169.515 тони од 172.187 тони создаден отпад. На Скопскиот регион отпаѓаат 27,3% од вкупното собрано количество комунален отпад. Следат Југоисточниот и Полошкиот според количината на собраниот наспроти произведениот комунален отпад, по нив се Пелагонискиот и Вардарскиот со околу 16.000 тони комунален отпад кој останува несобран и завршува по диви депонии, па Источниот со собрание 90.881 од произведени 108.009 тони отпад. Најкритични се Североисточниот и Југозападниот регион. Во Североисточниот се собираат околу 60 проценти од создадениот комунален отпад, односно околу 40 проценти останува да тлее како еколошка бомба по дивите депонии, додека во Југозападнот од 236.729 тони произведен отпад, се собираат само 69.979 тони или помалку од една третина од произведениот комунален отпад се собира и одлага на соодветно место.

 

Податоци на Државниот завод за статистика покажуваат и дека најголемо количество на собран отпад отпаѓа на измешаниот комунален отпад, дури 85,4 проценти, додека пак најмал процент припаѓа на отпадот на гума или 0.2 проценти. Како позитивен податок се нотира тоа што најголемото количество на собран комунален отпад или во проценти 99,8% се исфрла на депониите во земјава.

 

Што предвидува и што е имплементирано од Планот за управување со отпадот до 2031

 

Покрај изградбата на регионални депонии што е главниот фокус на Планот за управување со отпад (2021-2031), кој беше усвоен кога на чело на Министерството беше Насер Нуредини, како други главни компоненти на кои земјава треба да се фокусира се промовирање на рециклирањето и повторната употреба на отпадните материјали, зголемување на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот како и развојот на инфраструктурата за собирање, третман и депонирање на отпад.

Еден од најпоразителните факти за земјава е проблемот со рециклирањето. Иако во јавниот дискурс многу се зборува за оваа тема, во реалноста многу малку или речиси воопшто проблемот не се третира.

Иако во Националниот план неколкупати рециклирањето е споменато како една од главните точки за фокус, земјава не успева да ги постигне зацртаните цели за рециклирање на 25 отсто од вкупниот комунален отпад во една година. За споредба, Европскиот просек е 38 проценти на годишно ниво, додека пак процентот на рециклирање во Македонија во просек изнесува разочарувачки еден до два отсто и покрај бројните напори за едукација на населението за важноста на рециклирањето и обидите за подобрување на системот за управување со отпадот.

 

Европската унија има многу јасни закони кои треба да се имплементираат

Носење на одлучна акција за справување со загадувањето на животната средина беше повеќе од потребна за нашата земја на нејзиниот пат кон европската интеграција. Токму изготвувањето на Планот за управување со отпад беше окарактеризиран како прв независен обид на државата за сериозно инвестирање во управување со отпадот по европските стандарди, а со тоа и како соодветен начин на приближувањето на земјава до Европската унија.

 

Законите во Европската унија за третирањето на отпадот, изградба на депонии, како и подигнувањето на јавната свест на населението за важноста на рециклирањето се многу јасни, и доколку Македонија сака да биде дел од европското семејство мора сериозно да се фати за работа и силно да се вложи во борбата за поздрава животна средина.

Целта на земјите-членки на Унијата е до 2030 година да се рециклираат до 60 отсто од отпадот кој е произведен на нивна територија – согласно тоа, очекувано, Европската унија ги има поставено истите очекувања и за државите кои претендираат да станат членки, а меѓу нив е и Македонија.

 

Средства за борба со дивите депонии се обезбедуваат и од земјите-членки на ЕУ

700 илјади евра изнесува грантот кој Македонија го доби од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) кои се наменети за техничка поддршка за спроведување на проектот под името „Регионален проект за цврст отпад“. Овие пари би требало да се наменат за подобрување на капацитетите на постојната депонија во Русино, а дел од нив ќе завршат и во изградбата на депониите во Новаци и Василево, во кои отпад треба да депонираат 48 општини.

Со овој проект, исто така предвидена е изградба на трансфер станици, набавка на опрема за јавните комунални претпријатија, кои ќе треба да го собираат отпадот и да го транспортираат, како и отворање на центар за рециклирање.

 

Дивите депонии никнуваат како печурки по дожд

Додека Македонија мака мачи со воспоставувањето на функционален систем за справување со отпадот, на секој чекор никнуваат диви депонии кои преставуваат своевидни еколошки бомби. Во земјата се мапирани околу 1.000 диви депонии, а оваа бројка е директен резултат на недоволното систематско справување со отпадот и недостаток на инфраструктура за правилно депонирање и рециклирање на отпад.

Сето ова значи дека со зголемувањето на дивите депонии и девастирачките последици кои тие ги имаат врз животната средина, ја прави нужна и итна потребата за ефикасни мерки.

 

Спроведувањето на Националниот план за управување со отпад претставува прв значаен чекор кон решавање на овој проблем, а инвестициите во инфраструктурата, зајакнувањето на законските мерки и зголемувањето на свеста кај населението се клучот за подобра и поздрава иднина, бидејќи само со заеднички напори од државата и граѓаните, Македонија ќе може да ги намали негативните ефекти од неправилното управување со отпадот и да го зачува своето богато природно наследство.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

       

29/05/2024