Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Медиумите за Извештајот на ЕК 2020: Многу изјави, малку аналитика

Набљудувањето на новинарските прилози на денот кога беше објавен мини извештајот на Европската комисија за напредокот на државава, 2 март 2020 година, преку пребарувачот Грид.мк (клучни зборови: извештај на ЕК), покажува дека тој ден биле објавени вкупно 90 информации во над четириесет медиуми (портали, телевизии и информативни агенции) кои се однесуваат на извештајот.

Како и во претходните години, така и годинава, известувањето на медиумите за извештајот на Европската комисија главно се сведе на пренесување изјави од високи домашни и странски функционери, соопштенија на министерствата, како и реакции на политичките партии и нивните лидери – 76%.

Годинава, речиси 33% од најавените и објавените прилози се однесуваа на изјавите на хрватскиот министер за надворешни работи Горан Грлиќ Радман, кој беше во посета на државава, на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и на вицепремиерот Бујар Османи.

Потоа, следеа: изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев со 12%, соопштението на Министерството за правда (МП) – 11%, изјавите на националниот координатор за евроинтеграции, Бојан Маричиќ – 9%, соопштението на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) – 6%, реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и изјавата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски со по 2% и изјавата на премиерот Оливер Спасовски со 1%.

 

Тонот на изјавите и реакциите беше позитивен со акцент на тоа дека Македонија напредува и дека би требало веќе на пролет конечно да го добие датумот за преговори со Европската Унија. Единствени критички пораки дојдоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која истакна дека главен виновник зашто Северна Македонија досега нема добиено датум за преговори е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во известувањето на медиумите за мини извештајот на ЕК речиси целосно отсуствуваше аналитичкиот пристап.

06/03/2020