Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Усвоена Предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија

Европската комисија, на 1 јули 2020, ја претстави Предлог-преговарачката рамка, во која се утврдени упатствата и принципите за претстојните преговори за пристапување кон ЕУ. Предлог-преговарачката рамка според која ќе се водат преговорите за членство со Северна Македонија се наоѓа кај земјите-членки на ЕУ кои ќе треба да ја одобрат финалната верзија. Се очекува, документот веќе следната седмица да се разгледува во Брисел меѓу земјите-членки.

Предлогот што го подготви тимот на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се темели на новата методологија за пристапување, но и на искуството од минатото проширување и тековните преговори за пристапување.

Според еврокомесарот Вархеји, денешниот ден претставува значаен чекор на патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.

„Исполнувајќи ја нашата обврска, исцртавме конкретни рамки за спроведување на пристапните преговори. Нашиот предлог се темели на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари. Со нетрпение ги очекувам разговорите со земјите-членки, како и одржувањето на првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно лежи во ЕУ и уверен сум дека ќе продолжат да ги исполнуваат европските реформи, како што тоа го правеа и досега“, изјави Вархеји.

Откако земјите-членки ќе го усвојат документот, ротирачкото претседателство на Советот на Европската унија ќе ја претстави договорената генерална позиција на ЕУ, на првата меѓувладина конференција, со што и официјално ќе започнат преговорите за пристапување.

За министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со новата методологија за преговори процесот ќе биде поизвесен, поконкретен, поверодостоен, подинамичен, со засилено политичко управување од страна на земјите-членки, втемелен на објективни критериуми, на строга позитивна и негативна условеност, но и на реверзибилност на процесот доколку земјата-кандидат не ги исполнува очекувањата и назадува во европската агенда.

02/07/2020