Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Западен Балкан припаѓа во ЕУ

Самитот на Европската унија – Западен Балкан заврши со потврда на Унијата за европската перспектива на регионот, со уверување за поддршка и соработка во кризата КОВИД-19, како и со повторување на посветеноста кон вредностите и реформите во ЕУ.

Лидерите усвоија Декларација со која се потврдува недвосмислената поддршка за западнобалканските земји со аспирации за влез во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен истакна дека Западен Балкан му припаѓа во ЕУ и дека за тоа нема прашање. Сепак, нагласува Фон Дер Лејен, процесот неизбежно ќе се забави поради глобалната здравствена криза. Но според неа, кризата може да се искористи за да се консолидира процесот.

„Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување. Откако ќе ја ставиме зад нас оваа непосредна фаза на пандемијата, ЕУ ќе го претстави инвестицискиот план подоцна оваа година – ќе се фокусира на потребната транспортна и енергетска инфраструктура, но и на новите зелени зделки и дигитализацијата“, изјави Фон Дер Лејен на завршната прес-конференција.

Претседателот во Европскиот совет, Чарлс Мишел соопшти дека ЕУ ќе издвои 3,3 милијарди евра помош за регионот за да му помогне во закрепнувањето на националните економии.

„Ја повторивме и ја потврдивме позицијата на европската перспектива за Западен Балкан. Важно е да се продолжат реформите, владеењето на правото, демократските вредности, борбата против корупцијата. Тие се суштински“, рече Мишел во својата изјава.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изрази посебно задоволство и гордост со успесите на претседателството на неговата земја. „Успеавме, благодарение на нашите заеднички напори, да ги отвориме преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Според наше мислење, овие одлуки беа одамна задоцнети. Успеавме да донесеме нова методологија која не само што ќе им помогне на Србија и Црна Гора, кои веќе преговараат, туку и на Северна Македонија и Албанија.“, рече Пленковиќ.

07/05/2020